-2.2 C
Скопје
02:43 - 22 ноември, 2024

Сите имаат еднакви шанси, само СДСМ поеднакви!

Идната коалиција на власт што ќе ја предводи СДСМ, ќе биде отворена за сите политички чинители, кои прифаќаат да се приклучат на патот што води напред. Со оваа формулација во своето соопштение, досегашната владејачка партија уште еднаш потврди дека не се откажува од идејата да формира парламентарно мнозинство, што го најавува по илинденските празници.

„Сите пратеници во наредниот парламентарен состав ќе имаат можност да се приклучат кон прогресивните сили, предводени од СДСМ“, пишува во соопштението на досегашната владејачката партија, која со Коалицијата „Можеме“, на парламентарните избори од 15 јули годинава, освои најмногу пратенички мандати – 46. Како држава, во наредниот период нѐ очекуваат сериозни предизвици. Мора да се работи посветено уште од првиот ден и затоа ова се времиња кога е неопходна стабилна влада, која ќе одработи цел мандат за доброто на граѓаните, влада фокусирана на економијата, правдата и преговорите со ЕУ“, се наведува во соопштението.

Од партијата посочуваат дека коалицијата што ќе ја предводи СДСМ ќе биде отворена за сите политички чинители, кои прифаќаат да се приклучат на патот што води напред, „односно европскиот пат, патот на правдата и, пред сѐ, економијата“.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за хрватски „Национал“ ја повтори оценката дека имаат убедливо најголем коалициски потенцијал и дека веднаш по празникот Илинден влегуваат во процес на преговори за идно коалицирање и формирање состав на влада.

– СДСМ го има убедливо најголем капацитет за коалицирање. ВМРО-ДПМНЕ е поразена партија, која демонстрира политики што се спротивни од севкупниот демократски амбиент и од демократскиот правец кон кој неповратно се движи државата – рече Заев, додавајќи дека ќе разговараат за коалицирање со сите партии што се подготвени да го прифатат европскиот, демократски концепт.

Силјановска: Кон целта со еднакви шанси

Коалицијата „Можеме“ освои две места повеќе во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ. Идната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ и нивен претседателски кандидат на изборите во 2019 година, Гордана Силјановска, во интервју за ТВ Алфа рече дека „трчањето“ кон целта ќе биде со еднакви шанси“, мислејќи на можностите за формирање парламентарно мнозинство од 61 пратеник.

– Сега се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ добро постапи со тоа што, и покрај победата на изборите во 2016-та, не формираше влада, зашто не прифати отстапки. Нашиот Устав вели – мандатот го добива оној што ќе собере 61 пратеник, а јас се надевам дека претседателот ќе го побара тоа за да не влеземе, како тогаш, во една истоштувачка и неизвесна игра. По изјавата на Левица дека нема да влезе во влада, но и дека нема да поддржи влада на СДСМ, можеби веќе во стартот, ако ВМРО-ДПМНЕ добие поддршка од тие двајца пратеници, трчањето кон целта ќе биде со еднакви шанси – рече Силјановска.

Таа речиси ја исклучува можност за формирање широка коалиција, поради, како што нагласи, лошите искуства со преодната влада.

– Последна варијанта која за вакви тешки времиња би била логична, ама според искуството со преодната влада, имам дилеми дали да се направи некаква влада на широка коалиција. Само ако во неа влезат не партиски војници, туку квалитетни и докажани луѓе – додаде Силјановска.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го овласти лидерот на партијата Христијан Мицковски да преговара за формирање на ново парламентарно мнозинство. Тој најави дека е подготвен да разговара со сите политички партии, но оти тоа нема да го прави под уцена и условување.

Демократската унија за интеграција полека ретерира од нивниот првичен услов за коалицирање – барањето за премиер Албанец. Вицепремиерот за евроинтеграции и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, истакна дека ќе коалицираат со која било партија што ќе ги почитува Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија.

– За нас е многу важно да има јавно преземање обврска за имплементација на договорите – потенцира Османи, додавајќи дека во преговорите за идната влада „ќе седнат во демократски процес да ги понудат нивните аргументи“.

Од Алијансата за Албанците и нивниот коалициски партнер Алтернатива, пак, се децидни дека за нив се отворени сите опции, но главен услов е ДУИ да не биде дел од парламентарното мнозинство. Левица се изјасни дека не е заинтересирана за коалицирање и дека ќе дејствува како опозиција во парламентот.

Ни треба стабилна влада заради ЕУ-интеграциите

Комбинациите за формирање парламентарно мнозинство се бројни, а најпосакувана опција во контекст на стратешките определби за интеграција на земјата во ЕУ е стабилна политичка влада, иако тоа, се чини, е помалку извесно поради резултатите од изборите, оценуваат политичките аналитичари.

Иван Стефановски од „Евротинк“ смета дека имајќи ги предвид сите идеолошки компромиси што се случија во блиското политичко минато на државата, како и партискиот прагматизам, едноставно не постои коалициска комбинација која би изненадила. За тоа дали може да очекуваме стабилен период или политичка криза – нови избори, вели, неблагодарно е да се прогнозира, бидејќи македонскиот контекст е премногу комплексен.

– Политичка криза е секогаш реална можност. Сепак, нови избори не очекувам наскоро, но од друга страна, малку е веројатно дека која било идна влада би го завршила четиригодишниот мандат. Една од посреќните околности за нас е германското претседателствување со ЕУ. Сите сме свесни за заложбите на Германија за што побрза интеграција на Западниот Балкан во Унијата – потенцира за МИА Стефановски.

И Симонида Кацарска од Институтот за европски политики – ЕПИ е на став дека изборните резултати оставаат простор за многу комбинации, но од аспект на евроинтеграциите најповолно за земјата е поскоро формирање влада и стабилно парламентарно мнозинство. Во пристапниот процес, до крајот на годината оптимистичко, односно посакувано сценарио е, додава таа, одржувањето две меѓувладини конференции во рамките на германското претседателство со ЕУ.

До вчера Управниот суд требаше да се произнесе по сите тужби од партиите и ДИК да ги соопшти конечните резултатите од предвремените избори и окончување на целиот изборен процес. Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратенички мандати, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, АА и Алтернатива – 12, Левица – два и ДПА – еден мандат.

Пендаровски најави консултации по конституирањето на Собранието

Претседателот Стево Пендаровски најави консултации со политичките партии по конституирањето на Собранието, по што, според уставните одредби, ќе го додели мандатот за формирање нова влада на партијата, односно на партиите што ќе обезбедат мнозинство во парламентот. Според Уставот, парламентот треба да се конституира најдоцна 20 дена по одржувањето на изборите. Претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на законодавниот дом мандатот за состав на владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и предлог состав на владата.

The post Сите имаат еднакви шанси, само СДСМ поеднакви! appeared first on Слободен печат.


Сите имаат еднакви шанси, само СДСМ поеднакви! was first posted on јули 25, 2020 at 8:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....