2.8 C
Скопје
21:02 - 23 декември, 2024

Што се граничи со чистата глупост?

Во рефлексивната осаменост на планетарниот карантин, многумина се потсетија дека големите несреќи во историјата неретко ги поттикнувале и големите промени, ги зазориле новите зори на надеж и ги породиле новите движења и разбирања на светот. Но, рака на срце, во она „неретко“ повеќе е вткаена желбата да се изнајдат позитивните крајни исходи на природните или од човека создадените катастрофи, отколку што тоа го раскажуваат историските факти.

Всушност, луѓето нагонски ја бараат смислата на трагедиите во евентуалните поуки што од нив можат преживеаните да ги извлечат, а кои ќе им помогнат врз пеплиштата и врз коските на жртвите да изградат подобар свет. Сепак, најверојатно во срцевината на оваа општочовечка реакција на несреќите е вечниот непомир со залудноста на жртвите. Таа очигледно многу длабоко всадена склоност кон рационализација на несреќите, безбели ја породи и онаа народна: „секое зло за добро“, а истиот несопирлив инстинкт и денес, среде пандемијата на ковид-19, ги гони луѓето да ги множат очекувањата за еден подобар послепандемиски свет.

Тепаниот тепан, ебаниот ебан

За жал, историските факти го зборуваат обратното, дека најголемиот број катастрофи, несреќи, војни и нехумани владеења, сета таа непрегледна маса на човечки страдања во историјата, не само што останала без поука, смисла или разбирање, туку е и безмилосно фрлена во заборав, во забрзаниот и суров, несопирлив и безмилосен, во ништо загледан маршев чекор на времето. Заедно со трагичните поединечни судбини, се забораваат и поуките, и тоа со истата брзина со која се одвиваа и трагедиите. Тоа глупило на катастрофите можеме да го следиме секој ден, зашто неговите бранови бесно удираат во нашите прозори и екрани, како што пандемијата го плави географскиот и медиумскиот простор на планетава.

И, ако се запрашаме дали оваа пандемија ќе го смени светот на подобро, за жал, нема да најдеме доволно фактографски материјал за позитивен одговор. Веројатно ќе се случи истото она што нашиот народ го дестилирал и препекол во казаните на своето вековно искуство. „Кој има – ќе заима, кој нема – ќе занема“ вели една совршено концизна и не помалку песимистичка македонска поговорка, запишана уште во 19 век. Пишувајќи ја поговорката, умот ми го проби уште една наша, исто толку стара, но дури и полапидарна и поцрна: „Тепаниот тепан, ебаниот ебан“. Се разбира, овие компримирани искуства се од времето на првата преродба, на првите еманципаторски искри на македонската културна посебност (и првите овдешни искуства со либералниот капитализам?), но нивната поетска ритмика и безвременска епика, збиена во неколку зборовни дамари, ги прави вселенски вистинити, општи и сеприменливи, како да се термодинамички закони.

Онтологија на преживувањето

Овој поетски песимизам – дека пандемијата нема да смени ништо суштинско во светот – го потврдуваат и сосем ладнокрвните и рационални економски анализи на професорот Дени Родрик. Тој заклучува дека државите само се претворија во пренагласени верзии на она што биле и пред почетокот на пандемијата, и дека наместо кризата да поттикне позитивен пресврт во глобалната политика и економија, таа најверојатно само ќе ги продлабочи веќе постојните проблематични тенденции. Популистичките автократи ќе станат уште поавторитарни, Соединетите Држави и понатаму ќе се движат кон неизбежниот судир со Кина, хиперглобализацијата ќе продолжи да се повлекува пред сѐ посилните национални држави, во чиишто ѕидини ќе се интензивираат судирите помеѓу домашните олигарси, авторитарни популисти и либерални интернационалисти, додека непостоечката левица и понатаму ќе талка, барајќи ја непостоечката политичка програма што би требало да го спаси светот…

Од друга страна, модерната чума изнедри вистински огномет од вицови, досетки, карикатури и анимации, неверојатно весели и смешни, сосем во инает на катастрофата, како уште еден доказ за недофатливата и непобедлива духовитост човекова. Интересно е што оваа плима на духовити умотворини ја отсликува истата трагедија на денот и истата оловна темница на хоризонтот на иднината како и песимистичните анализи, но оние првите тоа го прават не само на ведар начин, туку обезбедувајќи ја единствената можна онтологија на преживувањето. Имено, смислата на животот е во ведрото преживување и бесмртноста на духовитиот ум, ништо повеќе.

Таква е и гатанката што деновиве од длабочините на кибернетскиот простор ми излета од екран и ме засркна од смеа. Прашањето е: што е тоа што граничи со чиста глупост? Одговорот е: Канада и Мексико. Хахахаха, постои ли подуховит коментар на безмалку надреалната некомпетентност на американските власти, што наместо да ја подготват единствената глобална империја за борба против пандемијата, тие првите два месеци од епидемијата на нивниот континент ја одрекуваа потребата од тревога, а вторите два од нејзиното беснеење се занимаваат, главно, со барање на надворешен виновник за заразата и префрлање на вината за пандемијата далеку преку Пацификот.

Македоња се бори за светски примат во глупоста

А, кога сме кај чистата глупост, како човек да не ја спомне Македоња Норд и најефикасниот агент на глупоста во земјава – вечната вмро? Со задоцнување ме состигна веста дека МВР поднело до Основното јавно обвинителство кривична пријава против Тричко поради кривични дела на „загрозување на сигурноста“ и „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, поради статус објавен на социјалната мрежа Фејсбук ?! Офлелемајко, човек да не верува дека и во овие траорни мигови Македоња се бори за светски примат во глупоста?

Да се разбереме: за Фејсбук мислам дека е најголемата социјално-фекална канализација во историјата на светот, но доколку би можел да одлучувам дали да ја уништам, би ја оставил слободно да се излива и да го загадува светот само поради постовите на Тричковски. Тие највиспрени, најдуховити, најморални и најлитературни пишувања на Тричко; тие веројатно најпрецизни серумски, дијагностички, молекуларни тестови за присуството на кретени и чипирани идиоти во крвта на македонското заболено општество, се најостриот врв на преживеаниот дух на македонската модерна култура. И, не случајно, тие се препознаени како опасност од рецепторите на штаб-квартирата на глупоста и злото, белата куќа на фашизмот на вмро. И да, непогрешниот молекуларен тест на Тричковски даде резултати: пациентот е позитивен, Македоња е ваистину позитивна на вирусот на глупоста на вмро! Во светло на оваа вест ќе го повторам прашањето, со напомена дека се можни повеќе решенија: што е тоа што се граничи со чистата глупост?

The post Што се граничи со чистата глупост? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....