5.8 C
Скопје
11:53 - 22 декември, 2024

Семејното насилство во изолација нагло расте, потребни се повеќе институции за помош на жртвите

Како резултат на пандемијата со Ковид-19 повеќе од два месеци сите сфери од општеството функционираат поинаку, а иако имаме и намалување на рестриктивните мерки, сепак карантинот и натаму е на сила.

Токму поради нужноста да се остане дома во овој период е регистриран непосакуван тренд на зголемување на бројот на случаи на семејно насилство, поради што Министерството за труд и социјална политика објави насоки за тоа како во ова време жртвите да се заштитат и каде да побараат помош.

Во упатствата на МТСП стои дека најзагрозени групи се жените, меѓутоа и децата, кои исто така можат да бидат небезбедни во домовите кои се соочуваат со зголемен ризик од насилство.

Во изминативе неколку дена во Македонија посебно се крена прашина околу семејното насилство, откако се пријавени два случаи на убиства на жени. Станува збор за 27-годишен маж од Скопје кој е осомничен за убиство на жената со која живеел, како и за Арачиновец против кој е поднесена кривична пријава за убиство на сопругата.

Покрај овие случаи, чиј краен исход е убиство, во изминатиов период забележани се уште неколку инциденти со семејно насилство, како оној во Штип, каде жена пријавила физичко малтертирање од сопругот два пати во една недела, а пред неколку дена е поднесена и кривична пријава за скопјанец кој го нападнал сопствениот татко, додека пак кавадарчанец пријавил физички напад од поранешната сопруга во нејзиниот дом.

Како резултат на ова, стигнаа реакции и од Хелсиншкиот комитет, од каде бараат властите да изнајдат „нови и креативни решенија за поддршка и заштита на жртвите, а со крајна цел спречување на потенцијалните фемициди“.

„Вонредната состојба не смее да биде изговор за прекршување на човековите права на жените, а особено правото на живот и правото на живеење без насилство. Спречувањето на фемицидите подразбира преземање на сите неопходни чекори на сите нивоа на општеството. Поради тоа, уште еднаш потенцираме дека од особена важност во овој период е државите да пристапат кон изнаоѓање на нови и креативни решенија за поддршка и заштита на жртвите, а со крајна цел спречување на потенцијалните фемициди. Непрепознавањето на насилството врз жените/родово базираното насилство и семејното насилство значително ја намалува довербата во надлежните институции. Оттука, Хелсиншкиот комитет апелира инситуциите да ги спроведуваат обврските кои ги преземаа со ратификацијата на Истанбулската конвенција“, стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Покрај Хелсиншки комитет, реакции за ова се јавија и од неколку невладини организации, кои исто така остро го осудуваат насилството и бараат дополнително да им се помогне на жртвите во услови на изолација.

На оваа тема, во разговор за „Слободен печат“, психологот Марија Котевска исто така посочува на зголемениот број на случаи на семејно насилство во карантин, истакнувајќи дека со самиот страв кај луѓето од болеста, се зголемува и нивната склоност да стануваат уште поагресивни.

– Семејното насилство како феномен постои и пред појавата на карантинот. Меѓутоа, како резултат на стравот кој се јави кај луѓето од коронавирусот, постои можност и луѓе кои претходно не вршеле семејно насилство, сега да ја извадат својата агресија кон оние што се помалку силни од нив, како што се жените или децата. Значи самата стресна ситуација со Ковид-19 кај одредена група на луѓе се претвора во агресија, без разлика дали е таа вербална или физичка и притоа ја насочуваат кон оние што се послаби во семејството. Од друга страна, оние лица кои веќе се склони кон семејно насилство, во карантински услови стануваат уште поопасни за најблиските – вели Котевска.

Во однос на начините за заштита на жртвите во вонредна состојба, во последно време се објавени доста препораки, а  и од Европскиот институт за родова еднаквост исто така побараа засилување на напорите за елиминација на овој вид на насилство, па Котевска смета дека конкретно нашата држава треба дополнително да работи на тоа, односно дека се потребни повеќе институции и центри за помош на овие лица.

– Потребно е самото општество малку повеќе да вложи, односно да постојат повеќе места каде овие жртви би можеле да се јавуваат за да побараат помош и истата веднаш да ја добијат. Ние имаме СОС телефони и други места каде тие би можеле да се обратат, меѓутоа тоа е мал број, бидејќи потребно е на регионално ниво, во секоја заедница, во секој град, да постои можност жртвата веднаш да го пријави насилството. Потребно е веднаш посилна личност да застане зад жртвата, бидејќи треба да ја знаеме и психологијата на оние кои вршат насилство. Тоа се луѓе кои го искажуваат гневот кон лица кои се послаби од нив, но кога тие лица ќе забележат дека зад жртвата стојат повеќе органи и институции во државата, тие едноставно ќе се повлечат – додава Котевска.

The post Семејното насилство во изолација нагло расте, потребни се повеќе институции за помош на жртвите appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....