0.8 C
Скопје
01:01 - 22 декември, 2024

Се вмешува ли Русија во македонските избори?

Русија не е среќна со членството на Македонија во НАТО. Но, таа е свесна дека на тоа веќе не може да влијае. Направи сè за да го комплицира и отежни процесот на зачленување и јасно стави до знаење дека се противи на таа политика. Таа им даде политичка поддршка на силите што се обидуваа да ги спречат или оневозможат одлуките што водеа кон зачленување на Македонија во НАТО, но на крајот мора да се помири со фактот дека членството во НАТО на Северна Македонија станува реалност. Македонија е мала држава на Балканот и не е од голем интерес на Русија во врска со нејзината енергетска политика, а како што ќе забележат некои аналитичари, таа и Црна Гора се доволно далеку од границите на Русија за да бидат некаква закана за нејзината безбедност.

Русија на Владимир Путин за свое политичко и безбедносно упориште на Балканот ги има пред сè Србија и Република Српска. Во глобалната битка со Западот за превласт на Балканот се чини дека таа своите амбиции ги сведува на компликување на состојбите на Балканот, односно на одржување на политичката напнатост и нестабилност, пред сè, преку силна поддршка на националистичките сили во регионот, авторитарните партии и водачи кои ги смета за своја продолжена рака и преку проруските црковни поглавари и свештеници.

Руската интервенција на Балканот и во Македонија

Москва веројатно не може сè уште да му прости на Заев за направениот радикален исчекор кон членството во НАТО, па веројатно ќе направи сè да влијае и врз следните избори кај нас во Македонија.

Ако констатацијата за ВМРО како продолжена рака на руската дипломатија е основана, тогаш се поставува прашањето: свесен ли е Мицкоски за тоа во која насока ги движи работите со својата политика и дали македонските граѓани можат да ја препознаат и каков избор им се нуди за следните избори.

Факт е дека на Русија ѝ беше во интерес да ја држи Македонија што подалеку од НАТО и од ЕУ. Политиката на Груевски и Иванов во Москва се сметаше за мошне прифатлива. Тие ја уживаа поддршката на Москва и кога го решија спорот за рускиот долг кон Македонија со коруптивна спогодба за ангажирање руски фирми за гасификација и кога одбија да воведат санкции кон Русија, по анексијата на Крим, и кога ги потпишаа договорите за гасоводите Јужен тек и Турски тек. Затоа Иванов стана почесен доктор на Универзитетот Ломоносов со тврдењето дека московјаните го говореле древниот јазик на Македонците, а Груевски доби политички азил кај пријателот на Владимир Путин во Будимпешта, Виктор Орбан.

Администрацијата на Путин направи се што можеше да ги задржи на власт ВМРО-ДПМНЕ и Иванов, ја дискредитираше Шарената револуција како „пуч организиран од Западот за насилна смена на власта“. Русија даваше поддршка да не успее референдумот за промена на името и да не дојде до измени на Уставот и испраќаше пораки дека „новата власт во Македонија носи одлуки и владее против волјата на народот“. За волја на вистината, реториката целосно ѝ се совпаѓаше со реториката на ВМРО-ДПМНЕ, дури и откако Груевски доби азил во Будимпешта, а нов лидер на партијата стана Христијан Мицкоски.

Мицкоски е фаворит на Москва

И сега, пред изборите, се чини дека Москва го има својот фаворит во Македонија. Таа од свои најегоистични причини, се надева во можната победа на Мицкоски на изборите, кој е единствената надеж ВМРО да остане продолжена рака на руската дипломатија во Македонија. Зошто?

Основната причина за тоа е што Мицкоски е единствениот лидер на сериозна политичка партија, кој од една страна постојано повторува дека неговата партија е за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, но истовремено е и за поништување или измена на „капитулантскиот договор“ со Грција со кој беше овозможено тоа членство.

Веќе е општопознато дека пропагандниот апарат на сегашната македонска опозиција се одржува од некакви тајни финансиски извори, раководени од Унгарија, каде што политички азил доби Груевски и од „оф шор“ компании со седиште во Белизе чија сопственост е поврзана со лица кои се збогатија од блискоста со режимот на Груевски. Руската пропаганда во Македонија и пропагандата на Мицкоски во овој момент имаат исти цели и целосно се совпаѓаат.

Треба да се очекува, а веќе станува видливо дека помошта на Мицкоски од Москва за овие избори, ќе доаѓа преку пропагандата со која треба да се постигнат две цели.

Прво, да се засилува и одржува свеста дека владата на Заев извршила „национално предавство“ со потпишување на Договорот со Грција, дека не била почитувана волјата на граѓаните на референдумот, дека со сила и поткуп бил сменет Уставот и дека оние што тоа го направиле по смената на власта не само политички, туку и кривично ќе одговараат и ќе бидат судени. Во кампањата за тоа дека е постигнат лош договор и со Грција и со Бугарија ќе бидат вклучувани не само разни светски експерти и „патриоти“ од македонската дијаспора, туку и грчки националисти што ќе тврдат дека не се заштитени ниту македонскиот идентитет ниту македонскиот јазик, па и бугарски националисти што ќе ставаат до знаење дека со Договорот за пријателство со Бугарија сме се откажале и од националната историја и од јазикот и македонското национално малцинство.

Сето тоа треба да доведе до масовно уверување за „глупавоста од промената на името“ и дека Македонија дала сè, а не добила ништо за возврат.

Второ, Мицкоски ќе очекува и веќе добива помош во вид на „компромитирачки материјали за власта“. Инсталации на разни безбедносни служби во соработка со криминалното подземје и пропагандната мрежа имаат за задача, со објавувањето прислушувани разговори на луѓе од власта, постојано да докажуваат дека Заев и сите околу него, па и судството се корумпирани не помалку од тоа што беше тајфата на Груевски, дека местат судски политички процеси и дека ја злоупотребуваат власта на сите нивоа.

Српска пропаганда за ширење страв од албанизација

Помошта на националистичките сили, партии и лидери во Македонија ќе стигне преку ширењето на стравот од формирањето на Голема Албанија и одржувањето на тезата дека Заев им го продал јазикот на Албанците, поради што ќе настанела албанизација на Македонија односно нејзина федерализација. Според сегашните сигнали што доаѓаат од некои медиуми во Србија (РТС, Информер, Србија данас и други) со кампања против владата на Заев треба да се убедат прво Србите да не гласаат за партиите од сегашната владина коалиција, а по можност да се инсценираат меѓуетнички судири во Македонија кои би го загрозиле концептот на Заев за Македонија – „Едно општество за сите“ и би ги вратиле на сцена етничкото мобилизирање и етничките конфликти. Се чини дека добра можност за такви инциденти ќе биде фудбалскиот меч меѓу Македонија и Косово, кој треба да се одигра на стадионот во Скопје, на 26 март, односно две недели пред одржувањето на парламентарните избори. Уште сега, според порталот „Инфомакс“ навивачката група „Комити“ на фудбалскиот клуб Вардар, кој е сопственост на рускиот бизнисмен Самсоненко (кој прилично се збогати за време на режимот на Груевски и кој ја изгради руската црква во Скопје) одржала средба во православен храм во Тетово, со претставниците на сите други навивачка групи на „етничките Македонци“ со цел да се „подготват“ за навивање на фудбалскиот меч Македонија Косово. Од друга страна, навивачката група на фудбалскиот клуб Шкендија „Балисти“ веднаш по средбата на „комитите“ во Тетово објавија дека ги обединуваат етничките фудбалски навивачи во Македонија за тој ден да навиваат за Косово. Навивачката група „Шверцери“ на фудбалскиот меч Македонија – Косово нема да навива ниту за Македонија ниту за Косово, затоа што тие „навиваат само за Албанија“.

Македонија е мала земја. И тешко ќе може да се спротивстави на пропагандите и на вмешувањето во изборите од големи држави.

Ако постојат сомненија дека Русија вмешала прсти во изборот на Трамп и во исходот на Брегзит, не треба да нè изненади и нејзиниот обид да влијае врз исходот од изборите во Македонија. Всушност, тој обид и сега повеќе е очигледен преку партијата на Мицкоски. Но факт е дека освен обелоденувањето на ваквите врски и намери, можат многу работи да се спречат и оневозможат со упорното кажување на вистината и заднината на настаните, со ефикасното користење на инструментите на власт за спречување на немили настини, но и со разоткривање на манипулацијата на јавното мислење од страна на оние што постојано другите ги обвинуваат за некакви национални предавства и кусок патриотизам, и кои се надеваат на тоа дека во Македонија наскоро ќе се зајакнело влијанието на „просперитетните евроазиски центри на моќ“.

The post Се вмешува ли Русија во македонските избори? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....