Додека Државната изборна комисија ја чека одлуката од лидерската средба закажана за 12 мај кај шефот на државата, за тоа дали ќе има или не избори, во јавноста се води битка за времето кога тие треба да се одржат. Претседателот на ДИК Оливер Дерковски, предложен од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека изборниот процес треба да се организира од почеток, со повторно распишување на изборите, за да не може никој да го оспори нивниот легитимитет.
Контра Дерковски се јавија и спикерот Талат Џафери од ДУИ и членот на ДИК Борис Кондарко од СДСМ. И првиот и вториот сметаат дека изборните рокови треба да продолжат онаму каде што застанале поради вонредната состојба донесена поради заразата од Ковид 19.
Џафери ја информраше јавноста дека добил покана за лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски. Тој рече дека по завршувањето на вонредната состојба, ДИК веднаш треба да почне со подготовка на изборите.
– Не може Државната изборна комисија да условува. Таа е обврзана според решение на претседател на Собранието, а во случајов и според уредбата е должна да постапи по роковите каде што застанала. Евентуално во однос на она што Избирачкиот список бил ажуриран до 12 април, државните органи, посебно МВР кај што е матичната служба, имат периодична обврска на три месеци да достават извештај за ажурирање на списокот – рече Џафери.
И според Кондарко ставот на Дерковски за нови 60 изборни дена не е ставот на ДИК. Кондарко смета дека ДИК единствено мора да ги спроведува Изборниот законик и Уредбата со која го регулира прекинот на процесот, а според која моментално е предвидено дека сите дејствија на Комисијата до 21 март се во сила и важат, а дека процесот ќе продолжи со преостанатите 22 дена веднаш по завршувањето на вонредната состојба, без разлика кога тоа ќе се случи.
-Тоа значи дека по сила на Уредбата е детерминиран и датумот на гласањето. Во врска со ова појаснувам и дека се додека евентуално соодветните надлежни органи, како здравствените авторитети, не одлучат поинаку со нова уредба, ДИК е должна да се придржува кон постојната и да постапува по истата кога ќе се создадат објективни и законски услови за тоа – рече Кондарко.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, смета дека изборите треба да се одржат во јуни, под услов кризата со коронавирусот да биде одмината.
– Ние сме парламентарна политичка демократија, треба да имаме политичка влада која ќе понесе одговорност, во вакви услови граѓаните немаат кај кој да се обратат. Но, бидејќи од парламентот зависат и економските политики, да не се доведеме да имаме уште еден пик за економијата рече – Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, вели дека не треба да се брза со изборите,
– Како што го слушнав претседателот на ДИК му требале 50-тина дена и ако речеме дека сега претседателот ќе ја прекине вонредната состојба, теоретски зборуваме, тогаш некаде првата половина на јули е најбрзо што може да се создадат услови за изборно соочување – вели Мицкоски.
Бујар Османи од ДУИ неодамна порача дека изборите може да се одржат било кога но за тоа е потребно исполнување на два критериуми.
– Едниот е Комисијата за заразни болести да каже дека таков процес нема да загрози здравје на граѓаните и вториот – ОБСЕ/ОДИХР да констатира дека можат да ги следат изборите – рече Османи.
The post СДСМ и ДУИ ги приближија ставовите за избори, ВМРО-ДПМНЕ остана осамена appeared first on Слободен печат.