Заради модерниот стил на живот во блиската иднина веројатно ќе има уште повеќе вируси кои ќе преминуваат од животни на луѓе и ќе предизвикуваат пандемии, предупреди научничката која стои зад вакцината против Ковид-19 која ја развива Универзитетот Оксфорд.
Професорката Сара Гилберт вели дека растот на глобални патувања со себе го носи ризикот од појавување на инфекции. Таа вели дека моменталната пандемија на коронавриусот покажа колку меѓународните патувања го забрзуваат ширењето на вирусот кој е тежок да се искорени на местата со голема популација, пренесува Дејли мејл.
Последниве години болестите кои ги пренесуваат животните стануваат се повообичаени заради нивното се почесто одгледување и сечење на шуми, што се два фактори кои ги ставаат животните блиску едни со други, како и со луѓето.
Иако потеклото на вирусот кој го предизвикува Ковид-19 се уште не е познат, научниците се согласуваат дека од лилјак преминал на друго животно, а потоа на луѓето.
– Гледајќи како работите функционираат во светот, во иднина можеме да очекуваме појавување на епидемии на зоонозни инфекции, рекла Гилберт.
– Поголемата густина на жители, повеќе патувања, сечење на шумите, сите тие работи ја зголемуваат веројатноста дека ќе дојде до епидемија, навела таа.
Гилберт оваа недела изјавила дека нејзиниот тим наскоро ќе ја претстави својата вакцина против Ковид-19 наречена АЗД 1222.
Ковид-19 досега се покажа како најсмртоносна зоонозна болест од која починаа околу 850.000 луѓе во светот, а заразени се повеќе од 25 милиони. Тука се и други примери како ебола, која потекнува од мајмуни, МЕРС од камили, вирусот Западен Нил кој го пренесуваат комарци и беснило кај кучињата. Секоја година од зоонозни болести умираат околу два милиони луѓе, најмногу во сиромашните земји, наведува Дејли мејл.
Обединетите нации во јули предупредија дека бројот на такви епидемии ќе се зголемува ако не ја заштитуваме природата и дивите животни.
Уништување на живеалиштата ги тера животните да имаат поблизок контакт со луѓето што го зголемува ризикот од пренесување на болести, а климатските промени се уште еден фактор кој може да допринесе на тоа. Поплавите, кои се последица на екстремни временски услови, стануваат се повообичаени, а освен човечките живеалишта, тие ги уништуваат и животинските.
И човечката активност е фактор, преку лов и јадење на месо на дивечот, па и преку илегална трговија на диви животни. На пазарот во Вухан, за кој се смета дека е изворот на потеклото на коронавирусот, можеле да се купат змии, дабари и млади крокодили.
The post „Сѐ повеќе вируси ќе се пренесуваат од животни на луѓе“: Научничката што стои зад вакцината од Оксфорд со мрачна прогноза (ФОТО) appeared first on Слободен печат.
„Сѐ повеќе вируси ќе се пренесуваат од животни на луѓе“: Научничката што стои зад вакцината од Оксфорд со мрачна прогноза (ФОТО) was first posted on септември 1, 2020 at 9:02 am.