Како ќе продолжи образовниот процес од септември и натаму останува едно од нерешните прашања, а воедно и најголеми предизвици со кои се соочуваме како резултат на светската пандемија со Ковид-19.
Откако претставниците на Министерството за образование и членовите на Комисијата за заразни болести вчера не излегоа со конкретно решение, дискусијата требаше да продолжи денеска, меѓутоа, средбата сепак е одложена за утре.
Министерството за здравство информираше дека разговорите продолжуваат утре со цел да се изнајдат договори за најдобро и најбезбедно решение за начините на одвивање на наставата, како и дека финалната одлука ќе ја има МОН.
„Комисијата за заразни болести ги подготви мерките за заштита и потребните протоколи што треба да се запазат за заштита на децата и наставниците во текот на наставниот процес. Сепак, финалната одлука за почеток на учебната година и начинот на одвивање на наставата е во надлежност на Министерството за образование и наука“, соопшти Министерството за здравство.
Родителите бараат настава на далечина
Бидејќи и натаму трае неизвесноста, а бројот на заразени со Ковид-19 е се поголем, родителите започнаа онлајн петиција која веќе ја потпишаа над 2.000 граѓани, а преку која бараат новата учебна година од први септември да се одвива преку настава од далечина.
Петицијата е дело на група родители кои вчера испратија официјално барање до институциите се донесе одлука наставата да се одвива онлајн за сите ученици.
„Да се донесе одлука онлајн настава на далечина во училиштата за сите ученици, а посебно да бидат опфатени децата од 1 – во до 5-то одделение имајќи ја во предвид возраста и неможноста за самостојно почитување на здравствените протоколи. Понатаму, единствено со онлајн настава ќе се заштитат децата, наставниците, родителите и нивните блиски, вработените, ризичните групи и целата популација. Моделот што имавме можност да го видиме, а вклучува 2 часа дневен физички престој во училиште, под маски и физичка дистанца, сменска настава, скратена програма и зимски распуст од 180 денови, е модел кој нема да обезбеди здрава средина за развој, социјализација и едукација и не го поништува ризикот од заразување и изложување на ризик на целокупното население. Со предложениот модел за физичко присуство, дополнително се комлицираат обврските на родителите, а доколку во целиот тој процес бидат вклучени бабите и дедовците (што се чини неминовно), доколку родителите се на работа, се ризикува животот на најранливата категорија граѓани“, стои во барањето на родителите.
Покрај ова, во вчерашното барање тие побараа и понатаму да биде дадена можноста еден од родителите на децата до 10-годишна возраст, да биде ослободен од работа или да има скратено работно време.
„Децата до оваа возраст не можат самостојно да престојуваат дома, особено кога можноста за целодневна настава е исклучена. Потребата од родител постои и во понудениот модел со скратена настава и сменско работење. Бараме, односно предложуваме како платформа за изведба на онлајн учењето да биде избрана Microsoft teams или друга соодветна алатка“, се вели во барањето на родителите.
Останува да се почека утрешниот ден, па да видиме дали ќе бидат објавени протоколите и како ќе биде уреден наставниот процес во текот на новата учебна година која започнува за три недели.
The post Родителите бараат онлајн настава, МОН и Комисијата за заразни болести ќе одлучуваат утре appeared first on Слободен печат.
Родителите бараат онлајн настава, МОН и Комисијата за заразни болести ќе одлучуваат утре was first posted on август 11, 2020 at 12:26 pm.