3.8 C
Скопје
18:20 - 21 декември, 2024

Ресурсите повеќе од скромни, коронавирусот сѐ „побрз“

Вирусот ковид-19 дефинитивно зема замав во Македонија. Секојдневно расте бројот на заболени, а покрај Дебар и во Струга полека се отвораат и нови жаришта, како во Скопје. Колкави се капацитетите на македонското здравство за да ги лекува сѐ повеќето болни и како тие капацитети може да се зголемат?

Во битката со заразата недостигаат заштитни средства, апарати за дишење, лекари и медицински персонал, а недостига и координација во здравствениот систем. Засега единствен спас се гледа во мерките што се преземаат за да се избегне да ни се случи голем број пациенти со компликации, за кои нема доволно капацитет во болниците.

Бројот на заболени засега се движи околу 70. Тие со полесни симптоми се сметени во болницата од Дебар, која всушност стана болница откако беше испратен здравствен персонал од Скопје. Во Дебар ќе се упати уште еден пулмолог и уште еден педијатар, поради тоа што таму има луѓе од здравствениот сектор, здравствените работници што се носители на вирусот. Пациентите со потешки симптоми или здравствена состојба во која полесно може да дојде до компликации се префрлени на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Капацитетот на клиниката во Скопје е 110 кревети. Во моментов за пациентите со ковид-19 се обезбедени 52 кревети и уште 22 се исто така подготвени да се стават во функција.

– Засега само еден пациент е на апарати за дишење, но важно е што на секој кревет може да се приклучи апарат за дишење – објаснува Милена Стевановиќ, директорка на оваа клиника, од каде што си замина првата излекувана пациентка од новиот вирус.

Вработените на клиниката се поделени по тимови и засега ги опслужуваат сите пациенти.
Ако капацитетот на оваа клиника се пополни, како што може да се очекува, следен капацитет за сместување на болните ќе биде болницата „8 Септември“, каде што има инфективно одделение, но и оддели за други медицински интервенции и процедури. Има делови за изолација, приемни амбуланти, една операциска сала, една ангеографска сала, еден кабинет за ехо-дијагностика и еден целосно посебен инфективен оддел со 22 кревета и две респираторни машини.

Кадарот од оваа болница поминал една кратка едукација на Инфективната клиника околу тоа како да се пристапи на пациентите, како да се земе материјал.

– Со ова, практично, ги обезбедуваме сите пациенти во моментот кога ќе бидат дијагностицирани или, пак, ќе бидат сомнителни дека имаат коронавирус, а потребна им е некаква хируршка или друг тип интервенција – директно да бидат препратени во болницата „8 Септември“, со цел да не одат по другите јавно-здравствени институции – објаснува министерот Венко Филипе.

„На инфективното одделение во Штип, Гостивар и во Велес располагаме со 75 легла. Со овие капацитети, Клиниката и засега предвидените простории, обезбедуваат добра здравствена заштита и нега. По потреба, планирано е и зголемување на капацитетите според однапред подготвени параметри“ – велат од Министерството во писмен одговор на прашања од „Слободен печат“.

Грубо пресметано, во моментов во земјава на располагање се околу 220-230 легла. По потреба може да се адаптираат и дополнителни капацитети од јавното здравство. Тој број може да се зголеми со вклучување и адаптирање некои капацитети на приватните болници, по потреба, за што Владата веќе донесе указ. Приватната болница „Аџибадем Систина“ стави на располагање пет мобилни болници со вкупно 10 легла, со приклучок на струја, респираторни машини и персонал. Болницата информираше дека по потреба, во консултации со Министерството, може да стави на располагање и дополнителни капацитети.

Во тие рамки се движат и бројките на апаратите за дишење, кои се клучни за спасување на животите на посериозните случаи. Во земјава има 120 респиратори, од кои најголемиот број – близу 90 се во Скопје. Приватните болници исто така може да обезбедат околу 70 апарати за дишење, а уште 50 се во постапка на јавна набавка.

За пациентите што ќе бидат приклучени на овие апарати би се грижеле околу 200 анестезиолози и 400 медицински сестри колку што има во системот на јавното здравство.

На располагање на македонското здравство се околу 1.500 тестови за тестирање на коронавирусот, но неизвесно е со која динамика може да се набавуваат нови количини, за да се спроведе препораката на Светската здравствена организација да се прават што повеќе тестови, не само кај тие што развиле симптоми, како што е практиката сега.

„Немаме ограничени тестови, располагаме и сме во можност да добиеме онолку колку што ни се потребни“, одговараат од Министерството за здравство, на прашање дали е ограничена набавката на тестови.

Се чини дека најитен е проблемот со заштитната опрема за здравствените работници: маски ракавици, очила, скафандери… Лекари од сите нивоа на здравствениот систем, матични лекари, специјалисти по поликлиники и овие во болниците и во клиниките реагираат дека немаат воопшто или доволно средства за заштита. Поради овој пропуст веќе имаме двајца заболени лекари и две медицински сестри, но таа бројка може да расте.

Од Министерството за здравство не даваат одговор на прашањето дали може да се набават доволни количини од овие заштитни средства и кога ќе се направи тоа. Текстилна фирма од Прилеп се понуди да изработи одредена количина маски, затоа што располага со соодветен материјал, но прашање е колку таа количина ќе биде доволна и кога ќе биде ставена на располагање на тие на кои им е најпотребна.

Децата во Козле, родилките на Гинекологија

Сите деца што се сомнителни за коронавирусот, или кај кои тој е дијагностициран, ќе се лекуваат во Институтот за белодробни заболувања „Козле“, од каде што другите пациенти се префрлени на Детската клиника. Трудниците што се болни од ковид-19 ќе се породуваат на Клиниката за гинекологија, каде што, како што објаснуваат, има посебен протокол.

– Тријажа на трудните се прави уште на влезот во Клиниката, односно им се мери температура и се земаат податоци што би можело да упатат на сомневање дека пациентката има ковид-19. Оние што ќе бидат со поставена дијагноза, ќе се породуваат во изолиран бокс, обезбедена е и посебна родилна сала, како и простории за изолација на мајката и новороденото. Предвидено е и како ќе бидат заштитени лекарите и другите членови на тимот, како и начинот на кој ќе се изврши дезинфекција по процедурата – објаснуваат од ГАК.

Може ли Скопје да стане ново жариште?

Упатените велат дека големи се шансите одредени региони на главниот град да станат нови жариште, затоа е важно добро да се мапираат новозаболените и, ако се јават неколку случаи на иста територија, таа да се изолира за да се спречи заразата.

Факт е дека расте бројот на заболени во Скопје и веќе се шпекулира дека во населбата Железара се концентрирани поголем број заболени, кои се инфицирале со вирусот во туристичкиот центар во Банско, соседна Бугарија. Потврда за ова сѐ уште нема.

– Раното откривање, скрининзите по епидемиолошки индикации, како што веќе почнавме да правиме во Дебар, а сега и во околината во Струга, некои населени места во Скопје и во други градови, согласно со податоците што ги имаат епидемиолозите, сметам дека е многу битно за да се откријат што порано случаите, за да не го оптоварат здравствениот систем и тоа понатаму да предизвика проблеми и компликации во лекувањето и неможност да се справуваме со овој проблем – информираше министерот Филипче.

Најважно е да се заштити здравствениот кадар

Д-р Александар Митов вели дека ние сѐ уште ја немаме видено разорната моќ на коронавирусот онака како што ја видоа други земји.

– Едно од најважните прашања во моментот е да се заштити медицинскиот кадар преку обезбедување соодветна опрема. Нема здравствен систем што е спремен за оваа состојба, бидејќи сите се дизајнирани за борба со хроничните незаразни болести (кардиоваскуларни болести, дијабетес, малигни болести). Ние не сме димензионирани ниту со кадар ниту со опрема да се бориме со ваков предизвик како што е коронавирусот. Затоа во Кина градеа болница за 6 дена, а во Италија креваат шатори околу болниците. Тоа не можеме да го очекуваме ниту од нашиот здравствен систем – вели нашиот соговорник.

Немаме шанси без меѓународна помош

Реално, доколку ни се случи она што се случува во Италија, нашиот здравствен систем без меѓународна помош нема капацитет да се спротивстави на епидемијата. Сепак, со мерки што ќе доведат до намалување на врвот и растот на експоненцијалната крива, би требало да го застанеме и да го пресечеме ширењето на епидемијата – објаснува д-р Игор Николов.

– Да се сфатеше сериозно контролата на границите уште од почетокот, ќе имавме повеќе шанси да го запреме она што ќе ни се случи. Да се сфатеше сериозно од почетокот, можевме во моментов да имаме резерви на неопходна опрема, а не да се тешиме дека сме подготвени, но со резервите на опрема што ни се останати од епидемијата на ебола, а кои секако не се доволни. Исто така, планот за ротации на персоналот и употреба и користење респиратори требаше да биде подготвен – вели д-р Николов.

The post Ресурсите повеќе од скромни, коронавирусот сѐ „побрз“ appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....