2.8 C
Скопје
21:20 - 18 декември, 2024

Реални грижи за меѓуетничките односи

По објавувањето на моето отворено писмо до другарите и другарки Албанци, со задоволство можам да кажам дека се разви голема дискусија. Поминав неколку денови комуницирајќи со моите сограѓани и имав прилика да прочитам и да сфатам голем број работи што претходно воопшто не ми биле познати. Работи за реалните грижи за меѓуетничките односи, лишени од партиска пропаганда. Работи кои воопшто не ги разговараме и кои не им се предмет на интерес на големите медиуми.

Очигледно е дека пред нас имаме уште многу разговор и многу комуникација. Затоа би сакал за момент да ги тргнам настрана Ахмети, ДУИ, СДСМ и сите други дневнополитички околности и да пишувам малку поконкретно, за неколку проблеми кои ги сметам за клучни доколку сакаме меѓуетничките односи да ги донесеме на ниво на кое повеќе нема да предизвикуваат дополнителни тензии. Овде не говорам за реториките од партиските препукувања, ниту за апстрактни флоскули од типот „да се сакаме и сė ќе биде во ред“ – туку за конкретни, реални проблеми кои се надевам дека во блиска иднина ќе бидат решени на правен и законски начин. И, се разбира дека потоа ќе излезат на површина нови проблеми, но градењето на соживот е маратон, а не трка – па така треба да го гледаме и справувањето со тие проблеми.

Би сакал да бидам многу јасен – ова се мои лични ставови, а не општ консензус помеѓу Македонците. Не тврдам дека се исправни, сигурен сум и дека не се најпаметни, а очекувам и дека ќе бидат контроверзни за многумина кои ќе ги прочитаат. Не очекувам дека овие проблеми ќе бидат решени во скоро време, но навистина верувам дека мораме да почнеме да разговараме за нив. Колку поскоро, толку подобро.

  1. На државно ниво мора да се отстрани границата од 20 отсто. Треба да почнеме да разговараме и за општинско ниво. Цифрата од 20 отсто можеби беше неопходна во времето во кое беше напишан Рамковниот договор, ги задоволи тогашните потреби и стави крај на конфликтот, но оттогаш бенефитите од оваа цифра опаѓаат, а проблемите растат. Немакедонските заедници во Република Северна Македонија се реалност која не може да се оспори, а Преамбулата на Уставот ги предвидува македонскиот, „како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“ како еднакви уставотворни народи и никаде не предвидува квантитативни услови за практикување на правата. На крајот – зошто некоја заедница која хипотетички, би имала 19 отсто од вкупното население да нема практично никакви права, а заедницата која би имала 21 отсто да ги има сите? Тука нема ниту логика, ниту правдина, ниту рамноправност.

Дополнително, во практиката оваа бројка резултира исклучиво со мерење и надмерување. И реална неможност да спроведеме попис, што само по себе носи огромни и многу штетни последици по државата. Во моментов, ние сме држава која најдолго нема спроведено попис на своето население. ВО СВЕТОТ. Да, пописот не смее да се блокира, ама и не би требало нечии права да зависат од тоа дали нечиј братучед или сограѓанин е на сезонска работа во странство или печалба.

Отстранувањето на ова ограничување ќе реши огромен број од резервите и стравовите кои ги имаме. Ќе нė постави на сигурна основа да дискутираме за другите проблеми, без простор за партиски и националистички реторики во јавниот дискурс. Мораме да бидеме реални – сė додека имаме квантитативен услов (20 отсто) за остварување на права, ние де факто имаме граѓани од прв ред (тие за кои не е потребен никаков услов – Македонците), граѓани од втор ред (тие кои го исполнуваат условот – Албанците) и граѓани од трет ред (сите други уставотворни народи кои не го исполнуваат условот од 20 отсто). Цифрите би требало да останат само во две области – бадентеровиот принцип на одлучување и државната стратегија за соодветна и правична застапеност, каде појдовна точка би биле резултатите од актуелниот попис.

  1. Односот кон другите етнички заедници кои се уставотворни народи. Доколку сериозно размислуваме за отстранување на условот од 20 отсто и сите други услови за практикување на правата, тогаш мораме сериозно да си го поставиме прашањето – дали ние градиме едно општество за сите, или градиме три општества – едно за Македонците, друго за Албанците и трето за сите други. Сите етнички права треба да им бидат подеднакво достапни на сите граѓани кои припаѓаат на уставотворните народи. Техникалиите за начинот на уредување сигурно ќе бидат комплицирани, ама тоа никако не значи дека треба да се откажеме уште пред да почнеме.

Еве една работа која е непозната за јавноста – кога во Собранието се дискутираше за Законот за јазици, помеѓу дел од колегите проциркулираа идеите за отстранување на цифрата од 20 отсто и за зголемување на правата на другите етнички заедници. Но, тоа беше задушено во самиот зачеток. Најголемиот дел пратеници Македонци не сакаа да разговараат за отстранување на условот и имаа силен отпор кон тоа, а најголемиот дел пратеници Албанци не сакаа да разговараат за никакво зајакнување на положбата на другите етнички заедници и имаа силен отпор кон тоа.

  1. Да работиме на вистинска интеграција. Речиси дваесет години по Рамковниот договор, интеграцијата се користи само како реторичка алатка пред избори. Штом изборите завршат, интеграцијата се става во фиока до наредните избори, а моноетничките партии продолжуваат со намерно и свесно одржување на постоечките меѓуетнички тензии и креирање нови. Целата смисла на нивното постоење се сведува токму на тоа – дека тие и никој друг се бранителите на своите нации кои се под постојана закана од другите. Затоа, ниту ВМРО, ниту ДУИ, ниту која било друга моноетничка партија нема никогаш да се стреми кон вистински интегрирано општество – бидејќи тогаш нема да има потреба од нивното постоење.
  2. Потребна е сериозно организирана државна активност за заштита и негување на македонскиот идентитет. Тука не говорам за антиквизации, славење убијци и перење мозок од типот „македонската нација е постара од Библијата“ (како што беше до скоро случајот), туку говорам за научно издржана, врз основа на докази изградена, консензуално прифатена, долгорчна државна стратегија за заштита и негување на македонскиот идентитет.

Без разлика од која страна ги гледате нештата, факт е дека Македонците последните неколку години поминаа многу работи кои за голем дел од нас значат барем делумно загрозување на идентитетот. Тие чувства се реални и нивното игнорирање на долг рок ќе предизвика само проблеми.

Исто така, ова не ја исклучува и можноста за градење вакви стратегии за другите народи – едноставно сметам дека како Македонец, тоа прашање треба да им го оставам на припадниците на другите заедници.

Како што споменав, не очекувам дека овие проблеми ќе бидат решени во скоро време. Но, самото разговарање за нив претставува чекор во вистинската насока.

The post Реални грижи за меѓуетничките односи appeared first on Слободен печат.


Реални грижи за меѓуетничките односи was first posted on август 23, 2020 at 10:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....