Два дена по излевањето на хидројаловиштето на рудникот Саса во Македонска Каменица, кога околу 3.000 кубни метри кал помешана со олово-цинкови соединенија завршија во Каменичка Река, не стивнува загриженоста на јавноста во врска со последиците на оваа еколошка хаварија.
„Дали се свесни професорите од Рударско-геолошки факултет од Штип, кои ја смируваат јавноста, дека се случил сериозен еколошки инцидент идека со него во целост се загадија подземните води и почвата на локално ниво?“ прашува хидрогеологот д-р Костадин Јованов и бара од своите колеги да излезат со конкретни одговори.
Професор Tрајче Стафилов од Природно-математички факултет, катедрата по хемија, смета дека сè уште e рано да се каже како излевањето на олово-цинковата јаловина ќе се одрази врз живиот свет.
– Влијанието ќе биде во зависност од количеството на испуштениот материјал и во зависност од тоа во каква форма се оловото и цинкот, бидејќи тие се вообичаено присутни во соединенија и секогаш се содржани во некакви минерали, а не се како слободни метали – вели професор Стафилов.
Според него, овој инцидент има поголеми импликации врз загадувањето на почвите во околината, а доколку тие материјали се растворливи, можат да се пренесат и во организмите.
– Доколку овој материјал завршил врз околната почва, тој со време ќе се исуши, а неговите компоненти потоа во вид на фина прашина, можат да се пренесуваат на поголеми дистанци и можат луѓето да ги вдишуваат. Поради ова е нужно ова побргу да се санира – вели професорот Стафилов.
За наводнување на земјоделските површини, професор Стафилов смета дека ќе нема големо загадување, потсетувајќи на сличниот пример со хаваријата на јаловиштето на Саса од пред една и пол деценија.
– Во 2003 имавме ваква хаварија и тогаш е испитувана водата на реката Брегалница после браната на Калиманци и немаше концентрации на овие тешки метали, олово, цинк и кадмиум над дозволените. Очекувам и овој пат да биде нешто слично – вели тој.
Движење на екологистите: Штетата ќе биде долгорочна
Движењето на екологистите од Кавадарци вчера реагираше на излевањето на јаловиштето на рудникот Саса и потсети дека штетата не е од краток и брзо минлив карактер, туку ќе биде подолгорочна.
– Особена штета ќе имаат општините што се снабдуваат со бунарска вода. Затоа треба да има соодветни реакции од надлежните инспектори и институции, кога станува збор за овие големи еколошки проблеми-хаварии – вели претседателот на движењето, Никола Миленкоски.
The post Професор Трајче Стафилов за хаваријата на рудникот Саса: Oловниот талог е опасен за почвата и за луѓето appeared first on Слободен печат.
Професор Трајче Стафилов за хаваријата на рудникот Саса: Oловниот талог е опасен за почвата и за луѓето was first posted on септември 17, 2020 at 8:30 am.