2.8 C
Скопје
20:51 - 23 декември, 2024

ПРЕПОРАКИ ОД ИЗОЛАЦИЈА со Бисера Бендевска и нејзините предлози за книги за деца

Здраво Бисера, како си, како го поминуваш времето во домашна изолација? 

– И јас, како и сите затечени во небрано од тековните случувања, се обидувам да си го реосмислам секојдневието во педесетината квадратни метри на домот. Покрај работните задачи што ги извршуваме од дома во текот на работните денови, слободното време се трудам да го исполнам со убави и релаксирачки содржини. Рафтовите со книги совреме си ги наполнив, така што сум обезбедена за читачки активности. Покрај читањето, им се навратив и на запоставените филмови и серии, кои толку се натрупале што не знам од каде да почнам со гледање. Не смеам да ги одминам моите домашни миленици, мачката Нагасаки и мачорот Јода, кои ми помагаат полесно да ги поднесувам понекогаш едноличните секојдневија. Со нив секогаш е интересно, забавно и динамично. Исто така, дома знаеме да изиграме и по некоја партија јамб и да си пуштиме пријатна музика.

Каква занимација би ѝм препорачала на родителите и нивните деца за ем да си го пополнат на интересен начин времето меѓу четирите ѕида ем децата да ја разбудат фантазијата и креативното размислување? 

– За да не чмаеме седејќи дома и да не го запоставуваме нашиот духовен развој, избрав неколку наслови што сакам срдечно им ги препорачам на најмладите читатели. Верувам дека заради многу причини ќе им се допаднат и дека ќе ги забавуваат и поучуваат, и ќе ги препорачуваат на нивните другарчиња.

  1. „Тото мачката-нинџа и големото бегство на змијата“од Дермот О’Лири

Оваа е првата книга од серијалот за мачката-нинџа Тото и нејзиниот брат Сивко, кои со нивните човечки родители живеат во Лондон. Тото е полуслепа мачка која поседува неверојатни нинџа-вештини и е бестрашна, додека Сивко е целосна спротивност на сестра си. Во нивната прва авантура тие ќе имаат мисија да ја вратат во Лондонската зоолошка градина опасната кралска кобра Брајан што сее страв низ улиците. Книгата изобилува со прекрасни и живописни илустрации и има многу динамично дејство. Интересен е податокот дека Тото и Сивко вистински постојат, а повеќе детали може да се прочитаат во книгата.

Книгата може да си ја нарачате онлајн – ТУКА. 

  1. „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“од Катерина Трајановска

Приказната во оваа книга не почнува со еден убав сончев ден на ливада, ниту, пак, со викенд на градската плажа. Па, дури ниту со прошетка во продавницата за дрвени играчки.

Оваа приказна почнува на најсмешен, најчуден и најневеројатен начин, кога Оливер Томпсон Мекензи III, едно петгодишно дете од Шкотска, одбило да се капе во недела – одлука што длабоко ги вчудовидела и стаписала неговите родители. Оли стоел цврсто на својот став: не прифаќал ниеден компромис и одбивал по секоја цена да ги стави нозете во водата, која, како и обично, мирисала на градина со узреани малини.

Дури кога конечно го прашале зошто не сака да се капи, Оли им раскажал на своите родители за еден настан кој вклучува една дружина од петмина, една метла, една Вештерка, една пита од брокула и еден пар смрдливи чорапи.

Книгата може да си ја нарачате онлајн – ТУКА.

  1. „Рико, Оскар и таинствените сенки“од Андреас Штајнхефел

Рико и Оскар се детективи какви што не сте сретнале никогаш. Рико е скромно талентирано момче кое често ги побркува страните на светот. Иако размислува малку побавно од другите, тој е вистински махер за забележување детали. Најважно е тоа што Рико е бестрашен.

Оскар, пак, е гениј и постојано носи безбедносен шлем на главата, за да го заштити својот паметен мозок. За разлика од Рико, тој има многу стравови што магично исчезнуваат кога двајцата другари се заедно.

Штом Рико и Оскар ги спојат своите кликери, не постои мистерија што не можат да ја разрешат. Прв на удар е опасниот киднапер – Мистер 2000.

Книгата може да си ја нарачате онлајн – ТУКА. 

  1. „24 часа во Еднорозија“од Јасмина Кантарџиева Димков

Во овој благороден роман станува збор за една група деца-извидници кои, кампувајќи на магичната планина Би, случајно ќе ја откријат чудесната земја Еднорозија, но ќе расветлат и една мрачна вистина – дека Еднорозија и нејзините жители ги демне опасност од тројца зли научници, кои се во потрага по лекот за бесмртноста. Но, каде што има деца – таму има и правдина, па така нештата ќе си дојдат на своето место. На страниците на оваа книга се крие многу мудрост и ука.

Книгата може да си ја нарачате онлајн – ТУКА. 

  1. „Многу врева за ништо“од серијалот „Шекспир за деца“

Покрај посоченото дело, ги препорачувам и останатите седум прозни адаптации на најпознатите драми од секогаш актуелниот драмски автор и поет Вилијам Шекспир: „Ноќ спроти водици“, „Крал Лир“, „Ричард Трети“, „Хамлет“, „Зимска приказна“, „Ромео и Јулија“ и „Како што милувате“. Станува збор за наративни, илустрирани верзии, приспособени и разбирливи за деца. Серијалот е одлична можност децата уште од мала возраст да се запознаат со делата и значењето на Шекспир, нешто што се подразбира како дел од општата култура на секој човек.

Дејството во „Многу врева за ништо“ се одвива во мирниот град Месина на Сицилија, каде што два пара љубовници, Бенедик и Беатриче, и Клаудио и Хера, се среќаваат во куќата на Леонато, кој е татко на Хера и чичко на Беатриче. Бенедик и Беатриче влегуваат во меѓусебна војна на задевање, додека Клаудио и Хера меѓу себе се заветуваат на љубов и решаваат да се венчаат. Арно ама, во еден неочекуван пресврт на работите, Хера и Клаудио се разделуваат, а Бенедик и Беатриче признаваат дека се вљубени.

Книгата може да си ја нарачате онлајн – ТУКА.

  1. „За страшната и чудесна приказна за најгрдите суштества во универзумот“од Тома Гунзиг

Некаде во вселената, во едно вселенско јајце, живеат Јурките. Овие вонземјани се грди, ужасно грди, до таа мера што веќе не сакаат дури ниту да се венчаваат едни со други. Еден Јурк по име Смрдливи Стапала наоѓа решение: Јурките треба да се реинкарнираат во убави појави. Токму тогаш скенерот на вселенскиот брод ги открива, на многу километри оттаму…

…убавите цртежи на Поло, кој работи во фабрика за производство на дрвени боички и кој, за да ја заборави напорната работа, секоја вечер наоѓа утеха во цртањето мали чудовишта, убави мали чудовишта.

Ова книже е многу кратко и многу забавно, а меѓу редови испраќа една многу силна порака.

Книгата може да си ја нарачате онлајн – ТУКА. 

 

 

 

 

 

 

The post ПРЕПОРАКИ ОД ИЗОЛАЦИЈА со Бисера Бендевска и нејзините предлози за книги за деца appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....