-3.2 C
Скопје
23:47 - 22 декември, 2024

Преговорите ќе почнат, но не мора да завршат со членство

Геостратегиска инвестиција – така вчера еврокомесарот Оливер Вархељ ја оцени новата методологија за проширување за Европската Унија, која треба Македонија и Албанија да ги доведе до пристапни преговори. Целта, според Вархељ, е ЕУ да си го врати кредибилитетот, да се знае што бара, ние како земја-кандидат да знаеме што ќе добиеме, а целиот преговарачки процес да доведе до тоа реформите да траат и да функционираат.

Иако новинарите на прес-конференцијата беа скептични, па и многу критични за методологијата нарекувајќи ја дури „невозможна мисија“ за членство, еврокомесарот уверуваше дека таа може да ги забрза преговорите и, наместо шест-седум години за едно поглавје, сите поглавја да завршат во тој рок. Тој потврди дека преговорите ќе почнуваат и ќе завршуваат со групата поглавја – наречени кластери – за владеење на правото, а другите ќе се отвораат помеѓу, но нема да се отвори нов кластер додека не се затвори претходниот.

Земјите кандидати ќе може решат што сакаат најпрво да постигнат и да изберат со кој да почнат од шесте преговарачки кластери: Основи, Внатрешен пазар, Конкурентност и раст, Зелена агенда и одржлива поврзаност, Ресурси, земјоделство и кохезија и Надворешна политика. Крајната цел на методологијата, според Вархељ, е целосно членство во Унијата, но патот до него ќе биде поплочен со награди (забрзувања на преговорите) или со казни – враќање, замрзнување или суспендирање на преговорите воопшто.

Процесот на зачленување ќе стане пополитички, бидејќи земјите членки ќе имаат поголема улога во него, при што еднаш годишно Европската комисија ќе објавува оценка за прогресот на кандидатите, а земјите членки се повикани да предлагаат, да мониторираат и да изнесуваат забелешки, а ако има сериозни назадувања и да покренуваат вонредни извештаи и одлуки од страна на ЕК.

– Европската комисија стои цврсто на својата препорака за отворање преговори со Северна Македонија и со Албанија и наскоро ќе направи нова оценка за прогресот на двете земји – најави Вархељ.

Тој изрази надеж дека предложената методологија земјите членки ќе ја одобрат паралелно со отворањето преговори со Македонија и со Албанија пред самитот во Загреб на 6 и 7 мај, кога ќе излезат со економски и инвестициски план за регионот.

Новинарите ја дочекаа на нож методологијата, забележувајќи дека и досега имало можност да се замрзнат преговорите, дека изговор на Франција биле бавните преговори со Србија и со Црна Гора, а тие не се вклучени во неа, дека има толку многу можности за вето од земјите членки што процесот станува невозможна мисија, дека кластерите стануваат „кафези“ бидејќи тешко ќе се затвораат, па до тоа дека има една методологија за христијанските земји и нова за тие што имаат муслиманско население. Дури имаше забелешка дека да била Мари Лепен на власт, сигурно ќе ја прифатела новата методологија за проширување.

Вархељ со нервоза ја отфрли забелешката за делењето на земјите според религиите, порачувајќи дека ЕУ никогаш немала таква намера. Србија и Црна Гора, посочи тој, веќе преговараат, па „не може да се менуваат правилата додека трае играта“. Но, тој уверуваше дека имало позитивни аргументи и во овие земји во прилог на новата методологија и дека тие може сами да решат да преговараат според неа. Тој потврди дека во зависност од напредокот или од замрзнувањето на преговорите, ќе секнуваат и парите од Унијата, т.е. од ИПА-фондовите, нешто што не беше досега практика во преговорите.

Прашан директно дали е реално дека Македонија и во Албанија ќе добијат преговори до самитот во Загреб, Вархељ одговори дека секогаш е тешко да се зборува за рокови, но намерата на ЕК е таа. Тој нагласи дека минатиот октомври не биле само Франција, Данска и Холандија против преговорите без нови принципи, туку и други земји што имале забелешки зад сцената.

– Тешко е, опасно и непродуктивно да зборуваме за крајни рокови. Она што правиме е одлуката да биде донесена пред самитот во Загреб, но дотогаш треба да биде направено многу – рече Вархељ.

Засега нема детали како ќе оди процедурата за враќање на процесот на преговори ако нема реформи во земјата кандидат и како и за што точно земјите членки ќе покренуваат извештаи и нови одлуки. Иако се усвоени сите услови на Франција, „наградите“, како што е отворањето на структурните фондови што се „најтешки“ во ЕУ, не се споменати во мерките, ниту можната царинска унија ако процесот на реформи и преговори напредува. Неофицијално кај источните земји, што најсилно нè поддржуваат во напорите да почнеме преговори за членство, немало расположение да ни дадат дел од парите од фондовите од кои тие се најголеми корисници. Затоа главен финансиски инструмент останува ИПА-фондот, сега ИПА 3.

Димитров: Чекаме двојна победа

Шефот на дипломатијата Никола Димитров ги поздрави напорите на Европската комисија да го подобри пристапниот процес, оценувајќи дека новата методологија ја зајакнува политичката димензија, но внесува и повеќе динамизам, предвидливост и кредибилитет во процесот.

– Веруваме дека овој обновен пристап ќе резултира со двојна победа во наредните недели: отворање на преговорите и усовршен процес. Ние, во регионот, нема зошто да се плашиме од воведувањето реверзибилност. Најпосле, пристапниот процес постои да ги трансформира реалностите на теренот кон подобро. Повеќе бенефиции за реформаторите и повеќе санкции за тие што одат назад врз основа на кредибилна објективна оценка за напредокот е чекор напред. Крајно време е за лансирање на здрава реформска конкуренција во нашиот регион – порача министерот Димитров.

The post Преговорите ќе почнат, но не мора да завршат со членство appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....