20.8 C
Скопје
14:42 - 17 мај, 2024

Само 19.600 административци ќе добиваат К-15 и дневници за патувања

За денеска е најавено потпишувањето на Гранскиот колективен договор за јавната администрацијата, а по неговото објавување во „Службен весник“, вработените ќе имаат право на дневници кога патуваат во земјава и во странство, за оваа година им следува К-15 од 9.000 денари, а се зголемуваат и деновите за одредени платени отсуства.

Претседателот на Синдикатот на управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Пецо Грујовски вели дека со овој грански договор се опфатени 19.600 вработени во државната администрација, односно вработените во министерствата, во судовите, обвинителствата, во државното правобранителство, во казнено-поправни и воспитно-поправни установи, во центрите за социјална работа, потоа вработените во општините, во Град Скопје, во јавните установи формирани од Владата и во други органи основани од Собранието. Но, во овој колективен договор не влегуваат вработените во јавниот сектор, односно наставниците и професорите, лекари и друг медицински персонал, полиција и одбрана, а не влегуваат и јавните претпријатија формирани од општините и од Град Скопје. Така, во овој грански договор не влегуваат ЈП „Водовод и канализација“, ЈП „Паркови и зеленило“, како и комуналните претпријатија. Комуналните претпријатија членуваат во Синдикатот на работниците од угостителството, туризам, комунално стопанство и занаетчиство и тоа е нивниот репрезентативен синдикат за преговарање со Владата.

К-15 ќе биде најмалку 9.000 денари

Грујовски објаснува дека во овој грански договор е прецизиран износот на надоместокот за годишен одмор, популарно наречен К-15.

– Се договоривме за фиксен износ на К-15. Најмалиот износ што мора да се исплати е 9.000 денари. Но, износот може да биде поголем, како што веќе се прави во некои општини. Односно, со колективен договор на ниво на работодавач може да се договори и поголем износ, но не помал. Гранскиот колективен договор е со важност од две години, но секако, во меѓувреме со анекс може да се извршат какви било интервенции во него, па и во однос на износот на К-15, доколку, на пример, се случи некој голем раст на трошоците на живот – вели Грујовски.

Вработените во државната администрација опфатени со овој грански колективен договор ќе може да очекуваат исплата на К-15 за 2020 година, а исплатата е задолжителна до 31.12.2020 година.

Дневници од 700 денари

За вработените опфатени со овој грански договор се враќаат и дневниците, кои беа укинати кога Македонија беше зафатена од големата светска криза што почна во 2008 година. Но, како што вели Грујовски, дневниците нема да бидат високи како порано.

– За патување во земјата до 12 часа дневницата е 350 денари, за патување подолго од 12 часа, дневницата е 700 денари. Овие дневници се да ги надоместат трошоците на работниците што одат на пат. Дополнително се покрива бензинот и сместувањето на вработениот. Што се однесува до дневници за патување во странство, тие се одредени во колективен договор на работодавачот или во посебна одлука, но не може да бидат помали од Уредбата за издатоци за службени патувања и селење во странство, при што  поодделно е одреден износот за секоја земја. На пример, дневница за патување во Србија е 82 евра, а ако е обезбедена храната и сместувањето се добиваат 20 отсто од оваа дневница – објаснува Грујовски.

Зголемени платени отсуства

Грујовски вели дека за разлика од порано, вработените во државната администрација што се опфатени со овој грански синдикат може да сметаат и на поголеми платени отсуства.

– Ако досега отсуството за склучен брак беше 3 дена, сега работниците ќе добиваат по 5 дена платено отсуство. По три платени дена отсуство ќе следуваат и за раѓање и за посвојување деца. За членовите на Синдикатот успеавме да издејствуваме тие да имаат и по еден дополнителен ден. Што се однесува до додатоците за работа ноќе, за прекувремена работа и во недела, додатокот останува ист за секој одработен час, односно 35 отсто, а додатокот за работа во смени е 5 проценти – објаснува Грујовски.

Грујовски вели дека во Гранскиот договор за првпат успеале да вметнат одредби според кои синдикатот ќе учествува во систематизацијата за работни места, во формирањето на буџетот и во процесот на вертикалната функционална анализа која неколкупати се одлагаше, но која треба да се направи, а во која ќе се анализираат работните места, колку ги има, колку се потребни и колку се вишок.

The post Само 19.600 административци ќе добиваат К-15 и дневници за патувања appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....