4.8 C
Скопје
07:21 - 16 ноември, 2024

Предложена влада за „внатрешна употреба“

Решени се проблемите надвор и затоа максимално ќе им се посветиме на проблемите дома и ќе работиме на правосудството, економијата, здравството, образованието, екологијата и на сите други аспекти што значат подобар живот за граѓаните, порача вчера мандатарот Зоран Заев пред Собранието. Тој во придружба на кандидатите за министри, го поднесе предлогот за состав на новата влада и програмата за работа на владината коалиција во наредните четири години, во која се имплементирани предизборните програми на коалицијата „Можеме“ на СДСМ и Беса и на ДУИ.

– Македонските граѓани ќе добијат стабилна, ефикасна и одговорна влада, која ќе гарантира континуитет во спроведувањето на заедничките стратешки приоритети, членството во НАТО и ЕУ, добрите меѓусоседски односи, внатрешната кохезија, справувањето со коронавирусот и нова енергија и решителност во созревањето одржлив развој, ефикасна правна држава, модерно образование и силни институции. Денеска доставуваме предлог за влада, која е подготвена да сработи во полн четиригодишен мандат. Со мене се 19 министри и министерки и сите заедно се обврзуваме дека ќе влечеме напред, ќе работиме уште подобро и уште повеќе – рече Заев пред Собранието.

Мандатарот очекува новата влада да биде избрана веќе следната недела за да можат институциите што побрзо да профункционираат. Според собранискиот Деловник, спикерот Талат Џафери има рок од 15 дена да ја закаже пленарната седница, но Заев очекува тоа да се случи за два-три дена, откако пратениците претходно ќе се запознаат со биографијата на идните министри и владината програма. За кандидатите за министри рече дека се одговорни, професионални и отчетни кадри, кои ќе имаат задача да работат исклучиво за граѓаните и за европската трансформација на државата.

Заев смета дека не е никаков проблем тоа што парламентарното мнозинство е сочинето од 62 пратеника.

– Меѓународната практика, а богами и домашната практика од 2017 година покажа дека со 62 пратеника се формира стабилна влада и не само стабилна, туку и подготвена за сериозни и храбри одлуки од интерес на граѓаните. И во многу други земји парламентарното мнозинство не е огромно. Пратениците на секои две недели ќе имаат ден за гласање во комисиите и на пленарните седници. Тие ќе имаат време за активности и надвор од Собранието, повеќе време за граѓаните и за конекција со ресорните министри каде што парламентот ја врши надзорната улога – рече Заев.

Тој најави дека приоритет на идната влада во првите 100 дена од работата ќе бидат економските постулати што се поставени за ковид-кризата, сочувување на работните места, задржување на висината на платите и пензиите и продолжување на нивниот раст после пандемијата.

– Се врши селекција на квалитетни кадри, затоа што многу зависи од луѓето што ќе ги водат ресорите. Следува воспоставување на комисиите што ќе работат на пречистување на правосудството и испитување на потеклото на имотот на сите функционери. Во октомври или во ноември ќе следува првата меѓувладина конференција со ЕУ што ќе го означи почетокот на преговорите за членство. Пред нас е зимата и борбата со загадениот воздух. Има многу предизвици, верувам дека ќе бидеме држава за пример. Денес имаме пријатели и во соседството и во НАТО и во ЕУ, имаме кохезија меѓу заедниците во државата со тенденција да ја постигнеме еднаквоста за сите. Верувам дека стабилноста на владата зависи од успешноста, од кохабитацијата и соработката со опозицијата и служењето пред граѓаните. Имаме извонреден состав, има континуитет во парламентот, но има и многу новини и освежувања. Верувам дека следува еден четиригодишен неповторлив период по позитива – рече Заев.

Откако ќе биде изгласана владата, Заев ќе ги предложи и замениците министри, кои се договорени во најголем дел. Во врска со укинувањето на министерствата без ресор кои во претходните влади беа резервирани за партиите на помалите етнички заедници на Турците, Србите, Ромите итн., Заев рече дека не треба да се измислуваат министерски места за да биде задоволен некој поединец и дека со новата поставеност во системот, новата влада подобро ќе им служи на сите помали заедници.

The post Предложена влада за „внатрешна употреба“ appeared first on Слободен печат.


Предложена влада за „внатрешна употреба“ was first posted on август 27, 2020 at 7:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....