-4.2 C
Скопје
00:16 - 23 декември, 2024

ПРЕДИЗБОРНИ ВЕТУВАЊА: Информатика од 3-то одделение, видеонадзор во градинки, модерни студентски домови

На 15 јули ќе се одржат предвремените парламентарни избори, а политичките партии во земјава веќе им ги претставија на граѓаните своите програми и ветувања за тоа што би подобриле доколку дојдат на власт.

Двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ, но и дел од албанските партии во земјава, имаат прилично амбициозни предизборни ветувања, барем кога станува збор за реформите во образованието.

Вложување во инфраструктурата, покачување на платите за наставниците, повеќе пари за науката, подобри учебници и наставни програми, како и генерално поквалитетно образование, се само дел од работите кои ги ветуваат партиите во своите кампањи.

Во продолжение ви ги претставуваме клучните адути кои се наоѓаат во предизборните програми на најголемите политички партии во државата, а кои се базираат на целосно подобрување на образовниот процес:

СДСМ: Дигитализација и трансформација на наставната програма, реконструкција на сите студентски домови до 2024 година

Социјалдемократскиот сојуз во својата програма „Можеме“, во делот на образованието, вклучува неколку значајни точки:  Нови 7.500 места за деца во градинките, кои ќе бидат инклузивни и енергетски ефикасни, бесплатна градинка за сите деца од семејства со ниски приходи, поврзување на сите основни училишта со ултра брз интернет, интерактивни училници, дигитализација и трансформација на наставната програма, по примерот на студентскиот дом „Гоце Делчев“, до 2024 година, реконструкција на сите студентски домови и двојно подобрување на квалитетот на исхраната, воведување на  задолжителен здрав оброк со овошје и зеленчук во сите основни и средни училишта, отворање на младински центри во сите 80 општини во државата, а преку младински финансиски додаток и преку промоција на дуално средно стручно образование отворање на вратите на младите да работат во производството, таму каде што има реална потреба, како и воведување на медиумска писменост во училиштата.

Во програмскиот план е и организација на тестирања слични на ПИСА во секое полугодие и во секое училиште. Овие тестови ќе бидат анонимни и нема да влијаат врз оценките за учениците, ниту врз наставниците, но ќе им помогнат на училиштето и на педагошките служби да изработат конкретни мерки за подобрување на образованието во секое училиште. Крајната цел на ова, како што се наведува во програмата, е просечните постигнувања на учениците од нашата држава на ПИСА 2021 да се зголемат за минимум 10 поени во однос на средните постигнувања од 2018 година.

Учениците континуирано ќе изучуваат Информатика од 3. до 9. одделение како задолжителен предмет, кој ќе се изучува во центри за работа со компјутери во училиштата. Оваа партија сака да воведе медиумска писменост во училиштата, задолжителни часови по хигиена во основното образование.

Ќе воведат практична настава во средните стручни училишта, која учениците задолжително ќе ја спроведуваат во реалниот сектор.

„Целосно ќе го промениме системот на издавање учебници, кој создаде монополи, високи цени и можности за корупција. Образовните институции ќе се фокусираат на наставните програми и содржините, а не на јавни набавки и печатење. Ќе обезбедиме финансиска поддршка на ученици и нивни ментори за учество на меѓународни олимпијади и натпревари, а со закон ќе обезбедиме и парични награди за првите три освоени места. Ова веќе го започнавме преку Фондот за иновации и технолошки развој – ФИТР, каде што направивме посебна програма за поддршка на учеството на младите на натпревари и научни саеми“, пишува во програмата.

Покрај сите овие промени кои ги најавуваат од СДСМ ветуваат и дека платите на просветните работници и натаму ќе продолжат да растат.

Во образовната програма на оваа партија стои и проект за изградба на околу 15 нови училишта ширум земјава, како и изградба на посебен студентски центар  – Штип.

ВМРО-ДПМНЕ: Зголемување на средствата за образование на 5 отсто од БДП, формирање на Национална дигитална платформа за далечинско учење

И од ВМРО-ДПМНЕ нудат богата предизборна програма во која се залагаат за сериозни промени во образовниот систем доколку дојдат на власт, а ова се најважните работи на кои се очекува оваа партија да посвети внимание:  Зголемување на средствата за образование од 3,7% на 5% од БДП, запирање на одливот на работоспособни кадри, осигурување на квалитет во образованието преку поврзување на стандардот на квалификации и пазарот на трудот со образовните програми, креирање на образовни системи за вештини и компетенции соодветни на потребите во државата, инфраструктурна изградба на образовниот систем , 5% годишно покачување на платата на наставниот кадар за подобрување на нивниот стандард, но и зголемување  на  средствата  кои  се  одделуваат  за  наука  на  минимум  1% од БДП.

Оваа партија ветува дека до 2022 година ќе имаме централен електронски систем за интеграција на сите образовни институции и вмрежување со останатите образовни институции. Планиран е буџет од 35 милиони денари за „Еден клик“ – Национална дигитална платформа за далечинско е-учење. Во овој дел од програмата, преку реконструкција на средното училиште „8 Септември“ во Скопје, се предвидува создавање на простор за кариерен центар за наставници. За поттикнување на младите иноватори во основните и во средните училишта ќе се организира Саем на иновации, како и формирање на паралелки во одредени средни училишта за специјализирано средно образование од областа на ИКТ до 2022 година.

Предвидени се планови за развој на основното и средното образование. Реформа на наставните планови и програми во основно и во средно образование, обезбедување на училиштата со дидактички, нагледни средства и техничка опрема потребна за реализација на модерна настава, реформа во средното стручно образование, комерцијализација на работата на средните стручни училишта се само дел од нив. Програмата предвидува и професионална ориентација од рана возраст.

Посебни мерки се планирани за науката, а тие опфаќаат проекти за финансирање на научноистражувачката работа, но и стипендии за апликативни трудови и научни и творечки субвенции.

Од оваа партија ветуваат и финансирање за секој објавен труд во списание со импакт-фактор, како и паричен надоместок во висина од 1.000 евра.

Се планира и создавање на Национален центар за поддршка на научни истражувања, како и поддршка за државните универзитети за издавање домашни научни списанија, а во план е и отворање на Институт за национална генетика.

ВМРО-ДПМНЕ најавува отворање на градинки во состав на државните институции, и тоа три во првата година, како и финансиска помош на приватни компании кои би сакале да го направат истото. Тие најавуваат и воведување видеонадзор во сите градинки заради зголемена безбедност на децата, како и поголема контрола и надзор над вработените во овие установи. Листите на чекање за упис планираат да ги испратат во историјата.

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ се планирани и сет мерки посветени на образованието на лицата со попреченост, како што се: Зачленување на Македонија во Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование, програма за поврзување на училиштата за лица со посебни потреби, пристапни студентски домови за лицата со попреченост и Е-читална за лицата со оштетен вид.

ДУИ: Задолжителни часови по албански јазик од петто одделение

Кандидатот на ДУИ за премиер, Насер Зибери, изјави дека негова заложба во првите 100 дена како премиер Албанец ќе биде да работи на подобрување на иднината на младите и на воведување на задолжителни часови по албански јазик од петто одделение.

– Мојата заложба во текот на првите 100 дена како премиер Албанец предвидува исто така и подобрување на иднината на нашите млади. Ќе го направиме задолжително предучилишното образование и ќе обезбедиме градинки во секоја општина рече Зибери.

За неговата заложба за воведување на задолжително изучување на албанскиот јазик од петто одделение, Зибери вели дека Законот за јазиците е донесен во Собранието и оти сега веќе албанскиот јазик е официјален јазик во земјата.

– Ова е најважното достигнување за нас Албанците – истакна Зибери.

Тој вети и зголемување на платата на наставниците на 600 евра со што, како што рече, ќе се валоризира нивната работа.

Од ДУИ најавуваат и изградба на „еднаква инфраструктура“, која би вклучувала училишта и модерни градинки и во населбите за кои тврдат дека веќе со години се запоставени.

ДПА: Стекнување на диплома призната во ЕУ

ДПА во својата програма приоритет ќе даде на хармонизацијата на законодавството на Македонија со она на земјите во ЕУ во полето на образованието, според реалните можности. Со ова не само што ќе се овозможи зближување на нашиот образовен систем со европските стандарди, туку и диплома која ќе се прифаќа во ЕУ, стои во изборната програма на ДПА.

Партијата ветува поквалитетна настава за децата од предшколска возраст, инфраструктура во градинките и училиштата според европски стандарди, основно образование кое ќе се темели на потребите и интересите на учениците, квалитетен наставен кадар кој ќе доаѓа од факултетите каде што се формира овој кадар.

ДПА најавува и програми за професионален развој на наставниците, а образовните политики во средното образование планираат да се водат според анализи на пазарот на труд.

The post ПРЕДИЗБОРНИ ВЕТУВАЊА: Информатика од 3-то одделение, видеонадзор во градинки, модерни студентски домови appeared first on Слободен печат.


ПРЕДИЗБОРНИ ВЕТУВАЊА: Информатика од 3-то одделение, видеонадзор во градинки, модерни студентски домови was first posted on јули 3, 2020 at 9:08 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....