Уредбите со законска сила донесени за време на вонредната состојба се уште се применуваат и покрај тоа што Собранието веќе се формираше, а очекувањата беа пратениците да ги преточат уредбите во закони.
Дебатата за важноста и времетрањето на уредбите се вжешти откако претседателот Стево Пендаровски не ја продолжи вонредната состојба, но немаше ниту такво барање од страна на Владата. Токму институциите од централната власт, како на пример Државниот здравствен и санитарен инспекторат и денеска издава решенија за изолација во согласност со уредбите, бидејќи нема закон на кој би се повикал за да изолира лица заразени со Ковид-19.
Тогашната министерка за правда, Рената Десковска го образложи останувањето во сила на уредбите преку одлука на Уставниот суд. – Одлучувајќи да ја отфрли иницијативата за Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, Уставниот суд оправдано прифати дека не е неуставно уредбите со законска сила да може да регулираат и дејствија кои би се презеле во рокови и по завршувањето на вонредната состојба, напиша Десковска на фејсбук.
Правните познавачи сметаат дека прашањето со важноста на уредбите доведува до правна несигурност и бараат власта да изготви предлог-закон за вонредна состојба, преку кој би се регулирала оваа материја или пак Собранието уште веднаш уредбите да ги усвои во форма на законски измени и дополнувања.
Засега нема најави дека некој работи на подготовка на законски решенија, во кои би било опфатено подетално делувањето и ингеренциите на властите за време на вонредна или воена состојба.
Професорот Борче Давитковски е категоричен дека уредбите веќе немаат важност и додава дека Собранието требало веднаш по конституирањето да го реши овој правен вакуум.
– Уредбите, со крајот на вонредната состојба, се веќе непостоечки пропис. Тоа што се уште се спроведуваат во практика е класично беззаконие, оценува професорот Давитковски.
Прашан што доколку во моментов некој обжали решение за изолација пред Управниот суд, кое правната сила ја црпи од уредба, Давитковски одговори дека судот не може да носи одлуки врз основа на акти кои не важат.
– Останува да видиме какво би било толкувањето на судот, но не може да се носат пресуди врз основа на прописи кои не важат. Претпоставувам дека судот ќе ги одбие, бидејќи нема основа за одлучување, вели Давитковски.
И адвокатот Звонко Давидовиќ открива дека функционирањето на уредбите ги дерогира законските норми, додавајќи дека правниот систем нема одговор за новонастанатата состојба.
– Факт е дека не сме во воена или вонредна состојба. Имаме Собрание што функционира и легално избрани пратеници. Оттаму не постои основа уредбите со законска сила се уште да важат, вели Давидовиќ.
Тој посочува дека уредбите се протнати на мала врата и неопходна е законска материја, како на пример Закон за вонредна состојба, што би ги опфатила сите нерешени прашања.
– Ако во моментов некој реши да го обжали пред Управниот суд решението за изолација кое произлегува од уредба не знам каква би била пресудата? Не може уредбите да важат со години. Спротивно е на судскиот систем во една мирнодопска ситуација да не важат законските норми и не може да не се императивни законите пред уредбите, оценува Давидовиќ.
Претходно и од МАНУ истакнаа дека уредбите со законска сила што ги донесува Владата може да продолжи и по завршувањето на вонредната состојба, единствено доколку ги потврди Собранието.
The post Пратениците немаат абер за законски измени, уредбите од вонредната состојба и понатаму се во сила appeared first on Слободен печат.
Пратениците немаат абер за законски измени, уредбите од вонредната состојба и понатаму се во сила was first posted on септември 11, 2020 at 2:03 pm.