Демократската унија за Албанците нема да оствари сеалбански консензус околу идејата за прв премиер Албанец, затоа што Алијанса за Албанците одбива да учествува во таа, како што вели Арбен Таравари „невозможна мисија“, а од Беса засега молчат и најавуваат дека и тие, како СДСМ, ќе одат на одмор до Илинден. Ладниот прием од албанската опозиција за почеток не ги обесхрабри интегративците, па Бујар Османи самоуверено за грчки „Етнос“ тврди дека ДУИ секако ќе ја прави владата, што пак се толкува само како притисок до идниот коалициски партнер за што подобар пазар при распределбата на министерствата. Османи потоа се извини за покажаната ароганција.
Во таа насока се и непотврдените информации на порталот „Алмакос“ дека ДУИ деновиве го моли СДСМ заедно да ја формираат новата Влада и дека се откажува од идејата за премиер Албанец. Но, за возврат, ги бара Министерството за финансии, Генералштабот и гувернерското место во Народната банка. Можност дека ДУИ всушност ќе отстапи, најави и кандидатот за Албанец премиер Насер Зибери, кој вчера во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ изјави дека во партијата не се затворени сите врати.
ДУИ само блефирала?
„Алмакос“ пишува дека, според извори во ДУИ, идејата за премиер Албанец не била црвената линија на интегративците, туку политички маркетинг за да се зачуваат и тие малку гласови што им преостанале. За ДУИ било важно само да биде дел од Владата и без премиер Албанец, доколку не се чепнат неколку од управите што би влијаеле на поделби во партијата. Извори од СДСМ, пак, за „Алмакос“ кажале дека ДУИ ги почнала контактите за формирање на Владата и дека ги објавиле директните барања за главните позиции во министерството за финансии, Народната банка и Генералштабот, но тие како партија разгледуваат и други опции за формирање на Владата.
Официјално, преговорите за новото парламентарно мнозинство не се почнати, а од СДСМ најавија дека прво ќе одмораат, па ќе преговараат по Илинден. Дека ќе биде интересно во албанскиот политички блок, но и општо во процесот за составување на парламентарно мнозинство и Влада, деновиве најави и Беса, од каде што соопштија дека во Собранието ќе настапуваат самостојно, па исчезнаа од јавноста. Од албанскиот партнер во коалицијата „Можеме“, кој има 4 пратенички места, најавија дека е можно да формираат и своја пратеничка група, а откако ДИК ги потврди резултатите, се појавија информации дека пратеничката група ќе ја направат со единствениот пратеник на ДПА. Со ова Беса на некој начин позитивно одговори на алузиите што деновиве ги упати Артан Груби од ДУИ дека има многу можности за мнозинство затоа што предизборните коалиции не се вечни и секоја партија треба да се разгледа посебно, односно Беса треба да се гледа одвоено од СДСМ, Алијанса на Албанците одвоено од Алтернатива и ВМРО-ДПМНЕ одвоено од коалициските партнери.
Од Алијансата за Албанците, пак, велат нивната коалиција „Сега е време“ каде што од 12 пратеници има 8, а Алтернатива 4, одлично функционира и нема опасност да се одвојат.
– Тоа е предизборна коалиција и одлично функционираме, си помагаме и се надополнуваме едни со други. Предизборната коалиција е стабилна и добро функционира и по изборите – вели портпаролот Флакрон Беџети за „Слободен печат“.
За Алијанса подобро во опозиција отколку со ДУИ
Генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, во интервју за „Слободен печат“ категорично одби какви било шанси да бидат во владина коалиција со ДУИ и нагласува дека не сакаат по секоја цена да учествуваат во власта, затоа што се определени за борба против корупцијата, за владеење на правото, за евроинтеграциските процеси и за добробитта на граѓаните.
– Подготвени сме за соработка со сите политички субјекти што искрено ги делат истите стремежи. Нам не ни се одлика валканите политички игри, пресметки и калкулации. По секоја цена ќе се бориме да го задржиме својот интегритет и доследност кон граѓаните. Во таа смисла, невозможна мисија е ДУИ и Алијансата да се најдат на истото место. Не сакаме да создаваме хибрид што нема да функционира, ниту мислиме дека треба да дозволиме нашата партија да се претопи во сојуз со субјектот што е целосно дегенериран и чие досегашно дејствување и последици ќе се чувствуваат со генерации. И пак ќе повторам, нашата цена е да учествуваме во развојот на ова општество, а не во неговото уназадување – вели Таравари и додава дека досега немале контакти со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Од ДУИ, која освои 15 мандати, не само што не планираат да одат во опозиција, туку се категорични дека тие се клучни играчи што ќе составуваат влада.
– Резултатот од изборите покажува дека ние ќе утврдиме кој ќе влезе во нашата влада, а не некој друг. Затоа, проценувам дека ДУИ ќе добие мандат да формира влада и ние ќе одлучиме која партија на Северна Македонија ќе учествува во нашата владина коалиција – вели Османи за грчки „Етнос“.
Тој очекува брзо да се формираат институциите, со цел земјата да се справи со последиците од пандемијата и затоа што е на пред почеток на пристапните преговори за ЕУ.
Според кандидатот за премиер Насер Зибери, преговорите за влада треба да почнат итно, а ДУИ не исклучува ниту еден субјект како можен партнер.
– Али Ахмети не ги затвора сите врати, но останува засега на залагање на тоа јас да бидам мандатар. Се разбира дека не се исклучуваат сите опции, впрочем продуктот создавање парламентарно мнозинство е резултат на преговори, но неговите аргументи се јас да бидам мандатар, затоа што претседателот на државата е Македонец, претседателот на Собранието би бил Македонец… Ахмети смета дека државата треба да ги руши последните етнички бариери. За нас не е најважно дали ДУИ ќе биде дел од идната коалиција. За нас е важно дали ќе се валоризираат политичките определби за тоа што е наша аспирација – вели Зибери.
Тој додава дека има џентлменски договор меѓу партиите Алијанса/Алтернатива, ДУИ и останатите дека оној што ќе добие макар еден глас повеќе, а не мандат, ќе се помири со фактот дека ги изгубил изборите и нема да чека на ред кој мандатар ќе ја покани на преговори.
– На тој план политичките партии на Албанците имаат консензус. Дали ќе опстанат не можам да гарантирам, но секако се свесни за реперкусиите и политичката перспектива што може да им се случи доколку без легитимитет бидат носители на извршната власт, а ДУИ ја потиснат во опозиција. Можноста од преземање пратеници од лево кон десно или десно кон лево би било најлошата услуга што може да ѝ се случи на државата. Треба да се испочитува волјата на граѓанинот и нема право ни Заев, ни Мицкоски, ни Ахмети да тргува. Нема право да бараат Заев и Мицкоски пратеник повеќе за да може да формира влада. Треба да се почитува и начелото победник со победник – вели Зибери за „Утрински брифинг“.
The post Полека почнува да се разбиструва матната Мала Речица: Албанец премиер – може да биде, ама не мора да значи! appeared first on Слободен печат.
Полека почнува да се разбиструва матната Мала Речица: Албанец премиер – може да биде, ама не мора да значи! was first posted on јули 21, 2020 at 7:30 am.