-3.2 C
Скопје
04:45 - 23 декември, 2024

Подобро без закон отколку без предметите на СЈО

Дали усвојувањето нов закон за Jавно обвинителство е услов што реално ќе влијае врз одлуката дали Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ или е само значаен гест што ќе потврди дека земјата достигнала демократска зрелост? Ако е клучен услов за датум, како што навестува францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, тогаш дали и колку лидерот на СДСМ Зоран Заев ќе се труди да ги задоволи барањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која објави дека нема да гласа за ниедна варијанта на текстот на законот? Што значи неговата изјава дека е подготвен на отстапки „сè додека тоа го дозволува правосудниот систем“?

Правдата посилна од законот

Според аналитичарите, подобро е и да не се донесе законот отколку со евентуалните отстапки на СДСМ кон опозицијата да се загрозат предметите што го водеше Специјалното јавно обвинителство, а кои сега се во Јавното обвинителство. На ваквата опасност предупреди професорот Денко Малески во последната колумна. „Кога Унијата инсистира на закон за ЈО поддржан од двете партии, таа мора да е свесна дека по толку години влечкање на судските процеси, само со простување на криминалот откриен во прислушуваните разговори е можно опозицијата да се согласи да го поддржи текстот на законот“, напиша Малески.

Аналитичарот Насер Зибери смета дека нема голем маневарски простор околу содржината на законот, особено не околу предметите што ги водеше СЈО.

– Тие предмети не треба да бидат доведени во прашање по никоја цена, како и владеењето на правото, а за другите забелешки во законското решение треба да се направи напор. Ниту ЕУ не може да нè притиска да се донесе закон што е во спротивност со европските принципи. Во врска со потребата за компромис од сите партии, никаде не е поставен услов дека за законот за ЈО мора да гласаат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Законот се носи со 80 гласа, без оглед од која партија се пратениците, а ако не ѝ се допаѓа на опозицијата, нека го менува ако дојде на власт – вели Зибери за „Слободен печат“.

И аналитичарот Петар Арсовски не очекува дека Заев ќе дозволи да пропаднат предметите на СЈО во пазарењето со ВМРО-ДПМНЕ.

– Во моментот јавното мислење е повеќе на штета на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што преовладува сознанието дека таа го кочи законот. Второ, уништувањето на предметите на СЈО во очите на меѓународната заедница е полошо отколку да не се донесе закон. Така што, ако единствениот услов што опозицијата му го поставува на СДСМ е пропаст на предметите на СЈО, тогаш верувам дека СДСМ нема да го дозволи тоа и по цена оваа година да не добиеме датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Мислам дека СДСМ може да направи една отстапка, а тоа е да дозволи да се изврши ревизија на сите предмети што се работени од СЈО и да се поништат тие во кои ќе се утврдат злоупотреби. Тоа може да се вгради во новиот закон и да се изгласа како обврска за понатаму – вели Арсовски за „Слободен печат“ и додава дека СДСМ може да му дозволи на ВМРО-ДПМНЕ да ја состави комисијата што ќе ги ревидира предметите од СЈО.

Имиџ на зрела демократија

Додека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ секојдневно се обвинуваат дека со законските одредби „штитат криминал во своите редови“, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера ги потсети дека законот треба да биде донесен до 3 февруари, кога ќе се одржи последната пленарна седница пред распуштањето на Собранието на 12 февруари поради предвремените избори што ќе се одржат на 12 април. Советникот за евроинтеграции од СДСМ Бојан Маричиќ и меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски вчера попладне требаше да разговараат за забелешките од опозицијата. Тие засега не се јавно познати, освен онаа што ја изнесе пратеникот Антонио Милошоски, кој реагираше дека „се остава обид за тимот на СЈО зад кого останаа прилично многу контроверзии да биде вдомен кај обвинителката Вилма Русковска што очигледно сега е замена за Катица Јанева“. Од опозициската партија најавија дека сите нивни забелешки ќе ги изнесат на прес-конференција.

Османи ги повика партиите да ги надминат разликите, бидејќи носењето на законот е важно за Холандија и за Франција.

– Прашањата што требаше да се регулираат со законот се веќе регулирани, тука мислам на преземање на архивата и предметите од СЈО. Сепак, носењето на законот со двотретинско мнозинство има симболично, консензуално вклучување на сите партии во борбата против корупцијата – рече вицепремиерот Османи и повтори дека законот не е формален бенчмарк за датум за преговори, но е знак на зрелост.

Францускиот амбасадор Тимоние на средбата со Заев повторно укажал дека сè уште има простор за напредок во реформите, а за тоа е потребно и носењето на законот за ЈО, како и зајакнување на борбата против криминалот и високата корупција.

Според Министерството за правда, во третата верзија на законот е акцептиран трансферот на предметите на СЈО и се обезбедува континуитет на обвинителите и на сите почнати постапки. Надлежностите од СЈО ќе ги преземе Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а предметите на СЈО ќе ги застапуваат истите обвинители што ги воделе. Во рок од 30 дена ќе се прошири бројот на обвинители во Јавното обвинителство и ќе биде распишан оглас. Материјалите од незаконското прислушување што не се предадени како докази во судовите, ќе се чуваат во ЈО, а ќе бидат уништени по три години од правосилното завршување на постапките.

The post Подобро без закон отколку без предметите на СЈО appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....