Заменичката министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска на панел дискусијата „Слободни избори наспроти црната пропаганда“ која денеска ја организираше ЦИВИЛ зборуваше за хибридните закани врз демократијата, но и за неодамнешниот скандал со наводите кои ги изнесе словенечкиот портал „Нецензурирано“, за слевање на 2,5 милиони евра, руски пари влезени преку Унгарија, во пет медиуми во Македонија кои ја поддржуваат политиката на ВМРО-ДПМНЕ.
– Кога станува збор за работата на Министерството за внатрешни работи, наводите кои беа изнесени не може да бидат отфрлени со една политичка изјава затоа што наводите имаат сериозни индиции, не само за хибридна војна, туку и за нелегално финансирање. МВР, во координација со јавниот обвинител, имаат добар материјал за започнување на предистражна постапка по ова прашање. Игнорирањето на вакви индииции е многу несериозен, затоа што ваквата постапка кажува колку овие прашања се важни за нас – вели Петровска за последниот скандал со финансирање на дел од македонските медиуми.
Словенечкиот интернет портал Нецензурирано (necenzurirano.si) пред неколку дена излезе со анализа под наслов „Од каде се милионите за медиумите на СДС и Операција Македонија”, а новинарите Примож Цирман, Весна Вуковиќ и Томаж Модиќ, разоткриваат, како што пишуваат, „октопод” на релација Москва, Будимпешта, Љубљана и Скопје.
Според порталот, од две унгарски и една англиска компанија кои биле блиски на партијата Фидес, „легнале” пари на сметка на словенечка компанија, па од таму еден и пол милиони евра биле искористени за финансирање на медиуми блиски до Јанез Јанша, а два и пол милиони евра биле дадени на четири медиуми во Северна Македонија. Според графиконот на порталот парите во земјава ги добиле Курир, Нетпрес, Алфа и Лидер.
Словенечката полиција потврди дека Националното биро за истраги води предистражна постапка за начинот на кој се финансираат одредени медиуми во земјата. Како што објави Телевизија Словенија, се работи за медиуми за кои се сметаат за блиски на Словенечка демократска партија (СДС) на Јанез Јанша, која имала блиска соработка со Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
За разлика од Словенија, Македонија се уште не покренала никаква постапка за финансирањето на македонските медиуми посочени во анализата на Нецензурирано.
– Ќе разговарам со колегите од соодветните надлежни организациски единици во МВР и доколку има согледувања дека има потреба да се отвори во таа насока ќе ве информираме – рече вчера министерот за внатрешни работи Наќе Чулев одговарајќи на новинарско прашање.
The post Петровска: Потребна е предистражна постапка за наводите за нелегално финансирање на неколку македонски медиуми appeared first on Слободен печат.