Остри реакции предизвика информацијата дека пациентите со хронични болести, кои досега беа ослободени од работните обврски поради поголем ризик од ковид-19, треба да се вратат на работните места.
Лекарите објаснуваат дека на работа може да почнат да одат сите оние кај кои болеста е под контрола и се во стабилна здравствената состојба, додека овие останатите остануваат во изолација.
Бројките пак покажуваат дека кај 30,1 отсто од вкупниот број заболени се присутни хронични здравствени состојби, од кои најчести се кардиоваскуларна болест, дијабет, хронична белодробна болест. Од хоспитализираните случаи, кај 58,9 отсто се присутни коморбидитети. Кај 80,3 отсто од смртните случаи од ковид-19 се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест,, дијабет и белодробна болест.
Директорот на Клиниката за онкологија Нино Васев вели дека не сите пациенти кои имаат малигни болести се наоѓаат во иста состојба.
– Треба да се вратат на работа оние кај кои болеста е во мирување кои практично и пред да се прогласи епидемија на ковид-19 одеа на работа. Пациентите кај кои сè уште трае лекување и примаат терапија или пак имаат метастази, остануваат дома. Тие и во нормални услови се на боледување, а оние најтешките добиваат и инвалидска пензија, па воопшто не се враќаат на работното место. Се враќаат на работи оние кои се во добра општа состојба – објаснува Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија.
Тој вели и дека на клиниката ќе биде формирана конзилијарна комисија која ќе ги разгледа случаите кај кои основната болест можеби е искомплицирана со некоја друга состојба.
– Искуството покажа дека мал број пациенти со малигни болести се инфицираа со ковид, а колку што се моите сознанија нема смртни случаи. Затоа е важно пациентите да ги почитуваат препораките за заштита – вели Васев.
Вчера изутрина Комисијата за заразни болести испрати кратко соопштение без детално објаснување во кое се информираше јавноста дека ќе се побара од владата хронично болните пациенти кои досега беа ослободени од работни обврски да се вратат на работните места.
По оваа имаше многу реакции од здруженијата на пациенти, особено од оние со малигни болести.
„Дополнително нивното здравје го загрозува и стресот што им го предизвикува фактот дека покрај со болеста карцином, тие би можеле, за да го сочуваат својот живот, да се борат и со предизвиците што ги носи новиот вирус, а со тоа повторно да мора да талкаат низ здравствените лавиринти“, се вели во реакцијата на Здружението „Љубов сме – Јеми дашури“.
Пациентите со кардиолошки болести исто така беа ослободени од работните обврски.
– Пациентите кај кои е направена некаква интервенција во зависност од нивната состојба на нормалниот тек на животот се враќаат после три или шест месеци. Кај пациенти пулмонална хипертенција и пациентите со валвуларна стеноза ризикот од компликации е поголем поради што и тие би требало да бидат ослободени од работните обврски – вели д-р Жан Зимбаков, директор на Клиниката за кардиологија.
Во првичното кратко соопштение што го испрати Комисијата за заразни болести, министерот Венко Филипче појаснува дека и покрај препораката хронично болните да се вратат на работа, најризичните категории и натаму остануваат заштитени.
– Суштината е дека практично за сите економски оператори, за сите компании и сите организации има протоколи по кои се работи. Премногу е широка листата во наши услови на хронични болести, луѓе кои имаат практично сосема нормални животни активности и никако не се доведуваат во ризик доколку ги почитуваат протоколите на своите работни места. Не одат на работа само тие кај кои лекарот специјалист ќе укаже дека има состојба што се вика егзацербација, односно влошување во рамки на хроничната болест и истата бара некаков акутен третман – објасни Филипче.
Упатените велат и дека мора да се даде прецизна листа на дијагнози и состојби за кои ќе важи и понатаму ослободувањето за да не се создава паника меѓу пациентите.
Комисијата исто така информираше дека за работничките кои се на продолжено породилно отсуство, отсуството ќе трае до 31 декември. Исто така, продолжува и ослободувањето на бремените жени од работа. За родителите со деца до 10 години, ќе се одлучува на следниот состанок на Комисијата.
The post Пациентите со хронични болести во паника за враќањето на работа appeared first on Слободен печат.
Пациентите со хронични болести во паника за враќањето на работа was first posted on септември 8, 2020 at 2:38 pm.