По најавата од страна на членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска за барање импичмент на претседателот Стево Пендаровски, денеска портпаролот на партијата Димче Арсовски, одговорајќи на новинарско прашање, нагласи дека таква одлука ќе се носи допрва во партиските органи.
– Се разгледуваат сите можности и ќе бидат разгледани сите опции на телата и органите во партијата и ќе бидат издискутирани и ние одамна кажавме дека Пендаровски е соучесник на мафијата на Заев, којашто за жал оваа мафија функционира во оваа држава Република Македонија и многу подобро и од најдобрите времиња кога функционирала најголемата мафија во светот “Коза ностра”, изјави Арсовски.
Стојановска, пак, во вчерашното телевизиско гостување нагласи дека моменталните случувања во Собранието во однос на гласањето за петте вонредни состојби прогласени од претседателот Пендаровски се производ на уредбите донесени од Владата, кои, како што вели, биле наменети за други цели и не се надминала економската и здравствената криза во државата.
Премиерот Зоран Заев утринава за можноста опозициската партија да побара иницијатива за импичмент, односно одговорност од шефот на државата, кусо одговори дека „ВМРО-ДПМНЕ несериозно ги поставува работите“ и застана во одбрана на претседателот Пендаровски, односно неговите одлуки за прогласување вонредна состојба.
Согласно Уставот одговорност од претседателот се бара доколку тој го прекрши највисокиот правен акт во вршење на својата работа. Без разлика што претседателот се избира на непосредни избори, на предлог на Собранието, Уставниот суд, кој брои девет членови, со две третини од вкупниот број судии носи одлука со која констатира кршењето на Уставот и во тој случај на претседателот на државата му престанува функцијата.
The post Партиските органи на ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучуваат за импичмент на Пендаровски appeared first on Слободен печат.
Партиските органи на ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучуваат за импичмент на Пендаровски was first posted on октомври 1, 2020 at 1:22 pm.