Владата е кадровски и персонално екипирана! Или не е? Тоа е релативно старо-нова Влада во која поголемиот број министри и се познати на јавноста. Има нешто нови, некои се изротирани од една на друга позиција, но важно е дека вкупниот број е значително намален, дури за седум. Тоа е секако заштеда.
Има и новини, од кои најважна е функцијата Прв вицепремиер доделена на Артан Груби од ДУИ, за која сеуште е нејсно што во пракса ќе значи таа позиција.
Но, уште на старт, проблем. Назначувањето на Артан Груби, но и на Бујар Османи на позицијата министер за надворешни работи е оспорено од страна на двајца влијателни пратеници од партијата.
Сега тоа се случува во ДУИ. Заради двајца незадоволни пратеници од министерската кадровска распределба, целото Собрание е блокирано за завршување на конститутивнта седница. Поради тоа стопиран е изборот и на Талат Џафери за спикер на Собранието, а со тоа и пролонгиран изборот на Влада.
Оваа ситуација денес е само најава како може да се одвиваат работите во текот на годината, или пак на целиот четиригодишен мандат на оваа Влада.
Тоа се случува кога во политиката доминира- математиката! Со тесно мнозинство од 62 пратеника секој пратеник може да си дозволи да биде опозиционер во даден момент. Доволно е било кој пратеник од мнозинството да се налути за нешто или за некого и да не дојде на седница кога е потребен. Па потоа да бара разни погодности, или да уценува, за вработување на жена, за син, за зет, со станче, џипче и се што ќе му се текне.
Тоа е доказ дека ќе биде исклучително тешко да се раководи под такви околности и дека токму затоа е потребна партиска дисциплина во пратеничките групи.
Но, токму заради тоа, уште повеќе ќе биде оправдано консензуалното договарање на ниво на Влада. Тоа е нов начин на одлучување, за разлика од досегашното кога се одлучуваше со мнозинство гласови.
Тоа секако отвора правни дилеми, но од друга страна подобро таму, на ниво на Влада да се расчистат работите и пред пратениците да се излезе со чист став околу одредени прашања, одошто да се блокираат процесите во Собранието.
Оттаму не случајно мандатарот Заев говори за заедничко поднесување на законите во Собранието, по претходна координација и усогласување.
Па сепак можеби немаше потреба да се брза пред рокот да се конституира Владата, туку да се искористеше остатокот од времето да се расчистат сите „тврди“ позиции на партиите со кои влегуваат во политички „брак“. Да не се доведат (тие) во ситиација на сред мандат едни на други да си вадат нови адути (барања) од ракав, а со тоа и ние како граѓани да бидеме затечени од ново настанатата ситуација. Но, напротив, слушаме од премиерот Заев по средбата со Ахмети дека усогласувањето е сеуште во тек.
Второ, без разлика на притисоците од јавноста (медиумите), требаше да се сочека со објавувањето на кадровските решенија по министерства, додека не се средат сите кадровски „дубиози“ и незадоволства во рамки на партиите од решенијата на лидерите т.е. на мандатарот.
Сега ќе немавме блокада на работата на Парлементот уште на почеток и тоа од страна на владеачкото мнозинство.
Да не зборуваме што може да го чека мнозинството од страна на официјалната опозиција која може да ја тегне расправата до недоглед, па да имаме слична ситуација и изгубено време како по изборите 2016.
Кога веќе говориме за начинот на функционирање на Парламентот во услови на „броено“ мнозинство, Зоран Заев предлага своевиден роковник во работата на Собранието, односно за утврден ден на гласање барем еднаш на две недели. Тоа е многу важно за да се создаде можност сите пратеници да се соберат во доволен број на седница, имајќи предвид дека по правило Али Ахмети и Мендух Тачи речиси воопшто не присуствуваат на парламентарните сесии. На тој начин Собранието перманентно е со двајца пратеници помалку. Ако на тоа се додат, евентуално болните, оние на службено патување како и „незадоволните“, ќе биде навистина тешко да се работи. Барем на почетокот. За подоцна многу работи можат да се променат- на подобро!
The post Опозиционери во парлементарното мнозинство! appeared first on Слободен печат.
Опозиционери во парлементарното мнозинство! was first posted on август 20, 2020 at 4:34 pm.