Наредниот месец треба да почне вакцинацијата против сезонски грип со која бесплатна вакцина ќе добијат 40.000 граѓани. Од Министерството за здравство објаснуваат дека е во тек набавката на вакцините, односно дека веќе е помината фазата на отворање на понуди и сега треба да се донесе одлука за набавка. Покрај бесплатната вакцина преку центрите за јавно здравје се набавуваат и дози кои ќе се даваат приватно, односно ќе бидат наменети за граѓаните кои не спаѓаат со ризичните групи.
„Понудите се отворени на 07.09.2020 година, ќе бидат набавени вкупно 40000 бесплатни вакцини. Вакцинацијата ќе започне во текот на октомври, согласно препораките. Бесплатна вакцинација има за стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и децата на возраст од 6 месеци до 5 години“, се вели во објаснувањето на Министерството за здравство.
Во споредба со минатата сезона на вакцининација против грип кога беа набавени 28.000 дози бесплатни вакцини, оваа година количината која ќе се набави е за повеќе од 40 отсто зголемена. Останува да се види дали новите количини ќе ги задоволат потребите, бидејќи лани бесплатните вакцини беа потрошени во првите денови, и некои од оние кои сакаат да се вакцинираат не можеа да добијат вакцина без да платат.
Минатата година закажувањето на вакцинирањето го правеа матичните лекари, а вакцините се примаа во центрите за јавно здравје. Од Здружението на матични лекари велат дека за годинава се уште немаат добиено насоки од Министерството за здравство како ќе тече процесот, но велат дека треба да се бара некој друг модел, а не со закажување преку нив, бидејќи оваа година имаат зголемен обем на работа заради пандемијата.
За граѓаните кои нема да може да добијат бесплатна вакцина ќе постои можност да добијат т.н. комерцијална.
-Набавката е во тек и очекуваме кон крај на октомври да биде завршена по што и треба да ги добиеме вакцините. Колку точно ќе биде цената не се знае сега, ќе зависи од понудите на тендерот, но обично се движи од 500 до 600 денари – вели д-р Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје.
Тој објаснува дека вакцинирањето за заштита од грип најдобро е да заврши во ноември, но може да биде и подоцна бидејќи сезоната на грипот, односно најголем број на заболени сега има во јануари и февруари, за разлика од порано кога пикот беше во декември.
-Оваа вакцина не штити од коронавирусот, меѓутоа со неа треба да постигнеме подобра заштита на населението од сезонски грип, за да може здравствениот систем да продолжи да се справува со ковид-19 – вели д-р Стојанов.
Вакцината која треба да штити од ковид-19 се уште е неизвесна особено откако најперспективниот обид да се дојде до неа на фармацевтската компанија АстраЗенека беше стопиран пред неколку дена. Компанијата ја стопираше клиничката студија поради тоа што кај пациенти настапиле сериозно здравствени проблеми кои се поврзуваат со воспаление на рбетниот мозок.
The post Од следниот месец и бесплатни и комерцијални вакцини за грип appeared first on Слободен печат.
Од следниот месец и бесплатни и комерцијални вакцини за грип was first posted on септември 12, 2020 at 12:27 pm.