Годинава во октомври нема да биде објавен извештајот на „Дуинг бизнис“. Поради констатирани нерегуларности во податоците, изданието е стопирано на неодредено време, а ќе се прави ревизија и на последните 5, информираа од Светска банка од Вашингтон.
„Слободен печат“ се обрати до Канцеларијата на Светска банка во Скопје и праша за кои параметри и земји се однесуваат нерегуларните податоци и дали има такви и во податоците за државава? Оттаму нѐ упатија на официјалното соопштение од Вашингтон.
– Пријавени се многубројни нерегуларности и се однесуваат на промена на податоците од изданијата на „Дуинг бизнис 2018“ и „Дуинг бизнис 2020“, публикувани во октомври 2017 и 2019 година. Тие промени во податоците не се совпаѓаат со методологијата на „Дуинг бизнис“ – соопштија од Светска банка.
Од СБ објаснуваат дека „интегритетот и непристрасноста на податоците и анализите што ги објавуваат се од клучно значење и затоа, освен што ќе паузираат со објавување на извештајот, ќе спроведат систематска ревизија и проценка за извештаите во последните пет години“.
Повеќе од 17 години од своето постоење, извештајот „Дуинг бизнис“ претставува вредна алатка за мерењето на трошоците за водење бизнис во земјите во светот. Индикаторите и методологијата на „Дуинг бизнис“ не се посебно дизајнирани за некоја земја, туку се со цел да помогнат да се унапреди вкупната бизнис-клима. Од Светска банка, меѓу другото, велат дека „интегритетот на нивните податоци е премногу важен, па затоа биле принудени веднаш да преземат конкретни мерки“.
– Правиме систематска ревизија и проверка на промените во податоците што ја загрозуваат суштината на институционалниот збир на податоци и тоа се однесува на последните пет извештаи од „Дуинг бизнис“. Побаравме независна ревизија за да се провери процесот на собирање податоци и да се исконтролираат нивната сигурност и интегритет. Ќе дејствуваме врз база на ревизорскиот извештај и ретроспективно ќе ги коригираме сите податоци од земјите каде што се забележани најголеми нерегуларности. Бордот на Светска банка е известен за ситуацијата, како и авторитетите од земјите на кои се однесуваат нерегуларностите. Изданието на „Дуинг бизнис“ ќе биде стопирано, сѐ до следното соопштение – објави Светска банка од Вашингтон.
„Дуинг бизнис“ ги испитува реформите на одредбите што го поттикнуваат или го спречуваат развивањето на бизнис-активностите. Истражувањето претставува збир на квантитативни индикатори за бизнис-одредби и заштита на имотни права во 190 земји. Покрива одредби од 12 аспекти на еден бизнис: започнување бизнис, добивање дозволи за градба, приклучок на електрична енергија, регистрирање имот, добивање кредит, заштита на малцински инвеститори, плаќање даноци, трговија, спроведување договори, справување со стечај, вработување и склучување договори со владата.
Во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, сите економски вести се темелеа на извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка, а државава беше прогласувана за „реформатор број 1“. Експертите одамна посочуваат дека реформите на деловната клима се важни, но има и низа други фактори, иако се тврдеше дека „Дуинг бизнис“ се темели на факти, а не врз впечатоци.
Според извештаите на „Дуинг бизнис“, Македонија беше на 30 место според водење бизнис во 2015-та, во 2016-та на 12 место, во 2017 на 10-то, на во 2018 на 11 место. Во најновиот извештај за 2020 година со 80,7 поени, Северна Македонија е на 17 место според условите за водење бизнис.
The post НЕРЕГУЛАРНОСТИ: Светска банка ќе прави ревизија на петте последни изданија на „Дуинг бизнис“ appeared first on Слободен печат.
НЕРЕГУЛАРНОСТИ: Светска банка ќе прави ревизија на петте последни изданија на „Дуинг бизнис“ was first posted on септември 30, 2020 at 1:50 pm.