-3.2 C
Скопје
04:05 - 23 декември, 2024

Нема граници за организираните групи од Бугарија и од Романија: Ало-мафијашите се јавија и во Македонија

Бугарското јавно обвинителство во петокот пресретна една група „ало-измамници“. Од нив „за сефте“ се одземени еден килограм злато и 7.000 евра. Оперирале во Северна Грција, измамувале пензионери со истата морбидна приказна што ја слушнале и наши сограѓани во Македонија – дека член на нивното семејство убил дете во сообраќајка, и дека пари се потребни за да се „замачка“ работата пред да се појави сообраќајната полиција. Можно ли е истата група да оперира и во Македонија, со оглед на тоа што вакви пријави со истото „сценарио“ веќе примила и македонската полиција?

„Слободен печат“ истражува, како точно изгледа телефонската шема за „диплење“ илјадници евра од повозрасни жени со само неколку телефонски повици? Дали шемата оригинално смислена во затворска келија, од страна на таканаречениот Голем брат, или Кољо Мишината, од Бугарија и Романија се пресели и на територијата на Македонија? Индициите дека тоа е така се големи, а доколку не се работи за истата група која моментно оперира и во Македонија, тогаш нивните наследници дефинитивно се инспирирани од „колегите“ во Бугарија.

Измамниците живеат во луксуз, возат бесни коли…

Како што ги опишува портпаролката на бугарскиот јавен обвинител, Сиика Милева, ало-бандитите иако се со ниско образование, живеат во луксузни вили, возат скапи автомобили врз грбот на ограбени пензионери. Последната жртва од Грција, пред две недели им дала дури 20.000 евра. Телефонските престапници биле фатени во Русе, бугарски град, на самата граница со Романија. А Романија, веќе три години е „Мека и Медина“ за телефонски измами. Таму сим-картичка може да се купи без лична карта, а бандите кои измамуваат преку телефон, во Букурешт покрај пазарот „Црвен дракон“ имаат цели „тренинг-кампови“ – мотели и приватни станови, од каде по апостолки и во шорцеви, вртат рандом броеви додека некој недолжен човек, не се согласи да биде „исцицан“ за илјадници евра.

Стапивме во контакт со дел од жртвите во Македонија, кои се многубројни. Нашите соговорници не дале пари. Се работи за средовечни и повозрасни жени, веројатно избрани на тепка, додека седеле во домашна релаксирана атмосфера, по цела Македонија. Шемата оди на следниот начин:

Им се јавува некој на фиксниот телефон. Идентификаторот не покажува број. Од другата страна на линијата е мулти-талентиран професионален „јавувач“. Тој знае да одглуми еден куп улоги. И жртва, и женски глас, и машки глас, и полициски инспектор, и адвокат.

– Ало, ви се јавуваме од полициска станица. Дали имате ќерка?

– Не, син имам.

Телефонската линија се прекинува.

За кратко, телефонот повторно ѕвони. Јавувачот е опремен со сознанието дека бабичката има син, па поподготвено го започнува разговорот.

Зборува на бугарски јазик, но „крши јазик“ за да звучи македонски.

– Ви се јавуваме од полициска станица. Како се вика вашиот син?

Бабичката одговара дека се вика Горан. Во нашиот текст, го менуваме името за да го заштитиме идентитетот на жртвата.

– Вашиот син направи сообраќајка. Удри дете, детето е починато – лаже професионалниот измамник.

Во СВР Скопје шестмина пријавиле дека дале пари после ваков повик, и дури 18 лица се пожалиле дека некој се обидел да ги измами, но не успеал, зашто не му поверувале. Таква е и нашата соговорничка. За малку не паднала на „шемата“.

На вашиот син му се скршени забите, не може да зборува

Повозрасната жена ни рече дека била во шок, зашто нејзиниот Горан навистина утрината заминал на работа со својот автомобил, како што правел вообичаено секој ден. Јавувачот во меѓувреме, разработено и со полициска терминологија и жаргон, за да звучи поверодостојно продолжува со измамничкиот дискурс.

– На вашиот син му се искршени забите во сообраќајката. Не може да зборува, затоа ви се јавувам јас. Сакам да ви помогнам, но овој разговор да остане меѓу нас – продолжил манипулаторот. Соговорничката вели, дека да продолжел муабетот уште малку време, профи-измамникот ќе стигнел до делот каде ги бара парите, бидејќи веќе започнал да го подготвува теренот барајќи дискреција за „помошта“ што требало да следи, за „Горан да не заврши во затвор“. Но, планот му го поматил фактот што во исто време на мобилниот телефон, се јавил синот Горан, без искршени заби и способен да зборува и кажал дека не причинил никаква сообраќајка и дека е добар. Тогаш и измамникот на фиксниот телефон сфатил дека обидот за изнудување пари му се изјаловил, па се исклучил од фиксната линија.

Нашата соговорничка, која е на возраст од околу седумдесет години, шокирана веднаш заминала во една од скопските полициски станици да го пријави случајот. Во исто време, таму било уште едно семејство да пријави за истата работа. Така сфатила дека има повеќе луѓе и дека случајот не е изолиран.

– Не знам каде го нашле мојот број. Дали од тепка, како, не ми е јасно – ни рече соговорничката.

Таа сепак знае, дека и нејзината соседка од истата улица, добила телефонски повик со иста содржина: Јавувачот тврдел, дека ќерка ѝ предизвикала сообраќајка и барал пари за да „ја извади од проблемот“.

Во Министерството за внатрешни работи прашавме дали се работи за организирана група и дали освен случајот од средата кога 43-годишна скопјанка пријави дека дала 10.000 евра мислејќи дека ѝ ги бара ќерка ѝ, која направила сообраќајка има и други.

Случајот за кој прашавме, се однесува на четириесет и тригодишна скопјанка. Неа ѝ  се јавило лице, кое го преправило гласот и се претставило како нејзината ќерка. Веднаш потоа, разговорот го продолжило машко лице кое кажало дека „ќерката“ во сообраќајката прегазила девојче од 15 години поради што ќе треба да одлежи од пет до петнаесет години во затвор. После тоа, лицето дошло пред нејзиниот дом, по што П.Е. му дала 10.000 евра, а дека е измамена утврдила дури откако се слушнала со нејзината ќерка подоцна во текот на денот.

„Во врска со вашето барање, доставено до Одделот за односи со јавност и стратешки прашања ве известуваме дека во СВР Скопје евидентирани се шест пријави за измама и уште 18 поплаки во кои лица се обиделе да извршат измама, но пријавителите не им поверувале. Исто така, на подрачјето на СВР Штип е пријавено едно кривично дело измама и шест поплаки во кои лица се обиделе да извршат измама но пријавителите не им поверувале. Се преземаат мерки за целосно расчистување на кривичните дела“ – ни одговорија од МВР.

Што видела новинарката уфрлена во групата измамници?

Новинарката Тина Иваилова во „Темата на Нова“ уште во 2017 година стана соработник на бугарската полиција и се инфилтрираше во криминалните активности на група која оперира на изненадувачки сличен начин како оваа што сега телефонира во Македонија. Таа служеше како пренесувач или „муле“ –  подземен жаргон кој опишува човек што оди да ги земе парите од измамените. Таа откри дека во Букурешт Романија, рајот на телефонските измамници се развива нова професија – „вртачи на броеви“. Работното време на овие професионалци им е од  9 до 17 и 30 часот. Телефонските броеви на жртвите ги бираат по „серија“. Почнуваат со определен код за некој град, и вртат на броеви кои завршуваат, на пример, на 100, 101, 102, 103 итн додека во нивната мрежа не се вплетка некој кој ќе им даде пари верувајќи дека соработува со полицијата. Приказната на измамниците во овој случај, од 2017 година е малку поразлична од онаа со сообраќајката што е во оптек сега. Имено, тие претставувајќи се како полицајци, успеваа да ги убедат своите жртви дека нивниот број го добиле од спец-акција во која фатиле криминалци.

– Почнуваш да ја лажеш бабичката. Можеш да играш еден куп улоги“ – опишува во видеото еден од учесниците. Тој во еден дел од емисијата, го обелоденува сето „сценарио“ и пред камерата на „Темата на Нова“ плаче со женски глас, исто како што правел и пред жртвите од кои изнудувал пари. Сличностите со јавувањата кои последниов месец се случуваат во Скопје се фрапантни.

 

 

The post Нема граници за организираните групи од Бугарија и од Романија: Ало-мафијашите се јавија и во Македонија appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....