Владејачката СДСМ притиска што побрзо да се одржат избори, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не сака, но не нуди ниту решение, а претседателот Стево Пендаровски најави дека веројатно нема да прогласи вонредна состојба по трет пат. Таквата одлука на претседателот несомнено ќе доведе до избори, но се уште не е разјасенета правната патека по која ќе се стигне до гласање. Тридневниот празничен викенд донесе само нова серија дневно-партиски препукувања помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но не и суштинска расправа за тоа како и кога Македонија да добие ново Собрание. Датумот за предвремените парламентарни избори би требало да се договори на лидерската средба што ќе се одржи кај Пендаровски помеѓу 10 и 12 мај, но тоа не е извесно затоа што ВМРО-ДПМНЕ упорно го повторува ставот дека изборите не се приоритет додека не се реши здравствената криза со коронавирусот. „Слободен печат“ објави дека се договара десетите предвремени парламентарни избори што беа закажани на 12 април, па одложени на неодредено време, да се одржат на 28 јуни, а во јавноста се споменува и 21 јуни и 5 јули.
Арсовски: Изборниот ден ќе го ореди Владата
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека нема многу нејаснотии за тоа како ќе се дојде до избори, односно датумот на изборите ќе го утврди Владата ако претседателот Пендаровски не прогласи вонредна состојба по трет пат.
– Изборите се распишани и „замрзнати“ со владина уредба со законска сила и штом престане вонредната состојба, веднаш автоматски продолжуваат изборните пороцеси. Владата со одлука ќе го утврди новиот датум на избори, а потоа Државната изборна комисија ќе донесе роковник со преостанатите изборни активности. Изборите беа замрзнати во момент кога кандидатските листи беа утврдени и беше извршена ждерепка за редоследот на гласачкото ливче, на 24 дена пред гласањето, но Владата нема да може да го определи изборниот ден на точно 24 дена по прекинот на вонредната сотојба. ДИК бара време за да се ажурира Избирачкиот список, но тоа нема многу да ги оддолжи изборите, затоа што списокот и претходно не беше затворен и испратен до партиите. Ажурирањето си тече и се вметнуваат новите полнолетни лица, а на граѓаните ќе им биде оставено време да направат увид дали ги има во списокот или да извршат ордедени корекции – вели Арсовски за „Слободен печат“.
Тој го дели ставот дека треба да се оди на избори штом дозволат здравствените услови, ако бројот на новозаразени со коронавиросот остране на десетина дневно.
– Изборите се единствено логично решение во услови на распуштено Собрание кое никако нема да се состане и техничка влада со ограничен мандат. Вонредната состојба ќе треба да биде потврдена со двотретинско мнозинство од идниот собраниски состав, исто како и досегашните владини уредби – вели тој.
Претседателот Пендаровски најави дека ако ситуацијата со ковид 19 се смирува ќе размисли два пати дали ќе бидам единствениот што ќе ја продолжува вонредната состојба, како што рече „30 плус 30 плус 30 и така до крајот на годината“.
– Не сум сигурен дека ако почне постепеното реотворање на бизнисите ќе решам еве ви нови 30 дена, еве ви нови 30 дена и не се секирајте, јас постојано ќе давам нови 30 дена. Вторите 30 дена беа дадени или утврдени затоа што мораше – категоричен е претседателот.
Колку правници толку толкувања
Во врска со потребата на лидерската средба да се разговара за датум за изборите кога веќе има владина уредба дека тие авотматски ќе продолжат по прекинот на вонредната состојба претседателот рече дека има разни толкувања.
– Не би сакал да наметнувам нови задачи од областа на правото, но постои размислување дека уредбите со законска сила важат додека важи вонредната состојба. Потоа, за евентуално да продолжат треба да ги потврди Собранието. Ако не ги потврди, нема да важат. Тоа е едно од правните мислења кое ми го кажуваат тие што мене ме советуваат, не велам дека тоа е дефинитивна вистина, меѓутоа сакам да го кажам тоа – рече Пендаровски во интервјуто за „360 степени“.
Нашиот соговорник Арсовски смета дека Уредбата со законска сила за замрзнување на изборите има карактер на „лекс специјалис“ и дека нема потреба Собрание да ја потврдува за да важи и понатаму.
– Изборите ќе се одржат по сила на закон, штом ќе дозволат здравствените услови- заклучува Арсовски.
Портпаролот на СДСМ Коста Костадинов денеска ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека бега од избори и дека прво лидерот Христијан Мицковски барал да не се прогласува вонредна состојба по втор пат, а сега потпретседателот Александар Николовски ја бара и по трет пат.
– ВМРО-ДПМНЕ бегаат од секој еден демократски мегдан, бегаат од соочување со граѓаните. Затоа не сакаат функционално Собрание, затоа не сакаат нормализација и затоа не сакаат избори. СДСМ и граѓаните сериозно се подготвуваат за новата реалност, за новата нормалност – рече Костадинов.
Александар Николовски, пак, викендов повтори дека за ВМРО-ДПМНЕ изборите не се приоритет.
– Датумот на изборите не е во нашите приоритети, а вонредната состојба не е прашање на одлука на кој било политичар, туку е прашање поврзано со потребите. Во овој момент формата преку која што може да се реагира е вонредната состојба. Како ќе се одвиваат работите во иднина никој не може да претпостави, но одлуките не треба да се носат врз основа на желба на Стево Пендаровски, Зоран Заев или кој било друг, туку исклучиво врз основа на она што го имаме како реалност, а тоа е дали се надминува или не се надминува здравствената и економска криза – рече тој.
Минатата седмица имаше толкувања дека до избори ќе се дојде преку Уставниот суд со ставање вон правна сила на два акта – одлуката на Собранието за самораспуштање донесена со 106 гласа и решението на спикерот Талат Џафери за распишување на изборите на 12 април. Судот неодамна одби да расправа за одлуката за самораспуштање, а иницијативата за решението на Џафери е поднесена пред неколку дена и се уште не е разгледувана.
The post Нема други избори освен избори appeared first on Слободен печат.