-1.2 C
Скопје
09:19 - 23 декември, 2024

Некогаш моќни во политиката и во јавноста, денеска во дебела сенка: Поранешните претседатели брзо стануваат поранешни политичари

Појавувањето на поранешниот претседател Ѓорге Иванов во кампањата на носителот на листата во четвртата изборна единица на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, го наметна прашањето што прават поранешните претседатели на Македонија освен што земаат државна плата и користат низа привилегии и зошто никогаш не искажуваат став по кое било политичко или општествено прашање што има суштинска важност за државата.

Ниту поранешниот претседател Бранко Црвенковски ниту неговиот наследник Иванов официјално не се дел од предизборните кампањи на партиите што своевремено нив ги номинираа за претседателски кандидати. Дали немаат што да кажат или и кога сакаат да кажат нешто, нивните партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не ги канат и не го оправдуваат нивното појавување во јавноста? Или, доколку ги поканат, дали сметаат дека нивното експонирање ќе има позитивен или негативен ефект за нив пред гласачите? Некои аналитичари, пак, сметаат дека поранешни шефови на држави треба да негуваат натпартиско портфолио, зашто таква би требало да биде нивната функција и за време на мандатот, барем теоретски, но никогаш тоа не било и во практиката – секогаш делувале повеќе или помалку од позиции на партиите што ги предложиле.

Експретседатели во партиска кампања

Според политиколозите, поранешните претседатели нема што да бараат во кампања за парламентарни избори затоа што тие по мандатот треба да останат натпартиски фигури.

Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ смета дека не е добра идеја тие да се дел од кампањата на партиите, затоа што биле претставници на институција што ги застапувала сите граѓани еднакво.

– Тие биле претседатели на сите и не е умесно да агитираат за политички партии. Но, нивното целосно отсуство од јавниот политички живот е за критика. Тие со својот кредибилитет и искуство треба да следат дали процесите и политиките водат кон правилни и позитивни насоки или не. Не смее да си дозволат да ги остават неискоментирани сите важни одлуки и реформи што се донеле и што допрва треба да се носат. Впрочем, затоа и примаат плата, имаат свој кабинет итн. – вели Трошановски за „Слободен печат“.

Тој вели дека ние како јавност не знаеме зошто Црвенковски и Иванов се оддалечени од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и дали партиите не ги канат на случувањата или тие самите не сакаат да учествуваат, но за нивниот молк во предизборието, стои аргументот дека во таква кампања ним и не им е место.

Аналитичарот Петар Арсовски смета дека учеството на еден поранешен претседател во јавниот и политичкиот живот зависи од него и од неговиот рејтинг и имиџ.

– Ако еден бивш шеф на држава реши активно да учествува во политичките процеси, најлошо време кога тоа може да почне да го прави е кампања за парламентарни избори. Поранешните претседатели мора да задржат натпартиско портфолио, а нивните настапи и учество во јавноста треба да бидат во општ стратегиски правец, како НАТО, преговори со ЕУ, низа потребни реформи итн. Тие секако треба да бидат дел од политичкиот живот, но не и од партискиот живот – вели Арсовски.

Николоски: Добив поддршка од Иванов

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски завчера пиеше кафе со Ѓорге Иванов во неговото родно Валандово, што беше прво видување во јавноста на Иванов по подолг период, но поранешниот претседател не даде изјава за поддршка на партиската програма.

Ѓорѓе Иванов ја поддржа кампањата на Александар Николоски (ВИДЕО)

– Денес сум горд што добив поддршка од претседателот Ѓорге Иванов. Претседателот Иванов, мојот професор од студентските денови, од кого научив многу за политиката која сега ја применувам, е најчесниот и најискрен претседател кого Македонија го имала. Далеку најголем патриот на чело на државата. Човек кој се спротивстави на националното обезличување на Македонија. Неговата визија и совети се од голема помош за мене во оваа кампања. Денес во неговото родно Валандово разговараме за иднината на Македонија – соопшти Николоски.

Од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ вчера не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ дали ги поканиле експретседателите од нивните редови да ја поддржат нивната кампања за изборите. Од кабинетот на Црвенковски ни рекоа дека подолг период тој не комуницира со јавноста.

Поранешните претседатели уживаат големи законски доживотни привилегии по крајот на нивниот мандат, најголеми на целиот Балкан. Црвенковски и Иванов имаат пензија што изнесува исто колку и платата на активниот претседател, месечна закупнина за канцеларија, плати за три стручни лица, комунални трошоци за струја, вода, топлинска енергија и ѓубрарина, службено возило и возач, потоа имаат право на одржување возило при Службата за општи и заеднички работи, трошоци за одржување хигиена, тековно одржување на канцеларијата и набавка на канцелариски материјали. Според Државната комисија за спречување на корупцијата, само за кирии и режиски трошоци за канцелариите во изминатите 10 години од државниот буџет биле потрошени 1,1 милион евра.

Во јавноста имаше иницијатива да се укинат овие законски привилегии која стигна и до Уставниот суд, но во мај годинава судот го одложи одлучувањето за  уставноста на Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанување на функцијата. Овој закон не им дава никаква надлежност ниту одговорност на претседателите по крајот на нивниот мандат.

The post Некогаш моќни во политиката и во јавноста, денеска во дебела сенка: Поранешните претседатели брзо стануваат поранешни политичари appeared first on Слободен печат.


Некогаш моќни во политиката и во јавноста, денеска во дебела сенка: Поранешните претседатели брзо стануваат поранешни политичари was first posted on јули 1, 2020 at 8:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....