2.8 C
Скопје
17:49 - 23 декември, 2024

Наставата на далечина се приближува кон тортура

Многумина родители и ученици се растревожени од најавите на Министерството за образование и наука дека ќе се оценува успехот на децата во периодот додека трае далечинското учење, а овие оценки ќе се сметаат и при заклучувањето на завршните оценки за оваа учебна година. Тие велат дека децата дома не можат да постигнат да сработат сѐ што испраќаат наставниците, а секојдневно добиваат задачи и материјали и не е коректно успехот од овој период кога масовно се импровизира во образовниот процес, да се вреднува во крајните оценки.

Министерот за образование Арбер Адеми изјави дека онлајн наставата е задолжителна и дека со владина уредба веќе станала формална настава, а не понуди решение како граѓаните да ја исполнат задолжителноста ако немаат основни услови како компјутер или интернет. Бирото за развој на образованието веќе го изготви упатството за тестирање и оценување, а Адеми најави дека наставниците треба да бидат многу креативни за да создадат тестови и да им оневозможат на учениците да не ги препишат одговорите.

Родителите реагираат дека материјалот што им се испраќа на децата е ист по обем и содржина како оној што би го учеле со наставник во училница и апелираат да се работи по скратена програма.

– Наставниците во училиштето на моето дете како да се натпреваруваат кој повеќе материјал ќе испрати, а во училиштето на внук ми, кој е во друга општина, е друга приказна. Таму наставничката ги советува родителите да не брзаат, да работат смирено и колку што можат. Ако не можат да ги фотографираат сите домашни задачи и да ги испраќаат по имејл, им кажала да ги чуваат во папка. Кај моето дете наставниците како да заборавиле дека децата по распоред не го имаат секој предмет секој ден, а секој ден им бараат по нешто! Излегува дека секој ден имаат по десет домашни задачи. Со кое право толку ги оптоваруваат децата во овие стресни услови со пандемија, кога сите сме исплашени и загрижени за своето здравје, иднина и опстанок? – вели еден родител.

Родителите реагираат и дека немаат доволно ресурси ниту време за да одговорат на барањата на училиштата.

– Јас работам од дома и компјутерот го држам зафатен околу 4 до 5 часа дневно, а потоа работат децата кои се ученици во четврто и шесто одделение. Добиваме наставни листови и домашни задачи по предметите еднаш неделно, но среќа е што наставниците не испраќаат толку обемен материјал за учење. Децата ги принтаат задачите, ги решаваат, па ги фотографираат и ги испраќаат на имејл, а потоа  ги бришат фотографиите оти и меморијата во телефоните е ограничена. Сето тоа одзема многу внимание и ни предизвикува голем стрес затоа што по цел ден сме работно ангажирани наместо да се опуштаме. Немаме време за сето тоа и не е фер што е донесена одлука да им се ставаат оценки на децата за овој период – вели една мајка.

Психолозите предупредуваат дека напнатата состојба, загриженоста, стравот и прекумерните обврски можат емоционално да го преплават целото семејство. Многумина советуваат родителите да не ја напуштат својата примарна родителска улога додека ја играат улогата на наставниците во домот. Најважно е, велат тие, родителите отворено да разговараат и  да останат во добар контакт со своите деца.

 

Крај нема од есеи, проекти, постери, презентации, прашалници…

 

Според упатството за оценување, наставниците можат да користат повеќе методи и техники за формативното оценување на учениците. Можат да им задаваат задачи со работа во група да изработуваат проекти, постери и истражувачки задачи, да водат дискусии преку Скајп или Вибер, да им задаваат есејски прашања по имејл, како и да одржуваат мултимедијални презентации, тестови на знаења и контролни вежби.

За тестирање самите наставници треба да создадат тестови со прашања и задачи, прашања со повеќе избори, отворени прашања или прашања со надополнувања и кратки одговори. Задачите и прашањата треба да се изготват според наставните програми, а тестовите не треба да се обемни и се препорачува да содржат најмногу десетина суштински задачи прашања.

The post Наставата на далечина се приближува кон тортура appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....