1.8 C
Скопје
21:51 - 18 декември, 2024

На ВМРО-ДПМНЕ ѝ пречи и самата помисла на СЈО

Рокот истекува, а новиот закон за Јавно обвинителство сè уште е предмет на судир помеѓу политичките партии, кои никако да постигнат договор. Денеска ќе има нова работна средба на која ќе присуствуваат претставници од сите политички партии и на која ќе се покаже дали има простор ВМРО-ДПМНЕ да застане зад законот или, пак, ќе се собираат две третини пратенички гласови, без нивните.

Во пресрет на средбата, министерката за правда Рената Дескоска излезе со крупна отстапка, најавувајќи повлекување на членот од последната верзија на законот, во кој стои дека истрагите на СЈО ќе ги преземе редовното Јавно обвинителство. Според Дескоска, тој член може да се тргне бидејќи му пречи на ВМРО-ДПМНЕ, а од друга страна не ги засега постапките бидејќи тие би се регулирале со Законот за кривична постапка. Вчера лидерот на СДСМ, Зоран Заев, порача дека носењето на законот за јавно обвинителство ја гарантира европската иднина на државата и дека секое попречување на овој процес ќе значи бегање од правдата и оддалечување од ЕУ.

– Да покажеме вистински демократски капацитет за градење силни и независни институции, кои ќе се борат против криминалот и корупцијата – побара Заев.

Претходно, Дескоска ја потврди средбата со претставниците на партиите, вклучувајќи ги и тие на ВМРО-ДПМНЕ. За неа нема дилема дека, и со отстапката, предлог-законот подразбира градење силно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое покрај тековните надлежности ќе ги преземе и случаите што ги водеше Специјалнотго јавно обвинителство.

– Ова обвинителство, согласно со предложениот текст, ќе има одредени статусни и финансиски гаранции, што треба да му овозможат и да му гарантираат независност од извршната и од законодавната власт, со цел да не може да биде уценувано ниту од финансиски аспект, ниту да се врши какво било политичко влијание – рече Дескоска.

Министерката ги нарече „естрадни“ тврдењата на опозицијата дека законот е неуставен, оценувајќи дека тоа е апсолутно неточно бидејќи концептот со зајакнати надлежности на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција постои и во други земји.

Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека ќе присуствуваат на средбата, но нагласија дека имаат повеќе забелешки, а не само таа за која понуди компромис министерката. Тие го избегнуваат зборот поддршка за законот, инсистирајќи дека она што го бара меѓународната заедница е политички консензус, што според нив би значело отстапки и измени во текстот за да се задоволат нивните барања.

Од она што се слушна во дводневната јавна расправа, на ВМРО-ДПМНЕ му пречи не само префрлањето на предметите на СЈО во Обвинителството за организиран криминал и корупција, туку и сите други одредби што го ставаат во независна позиција од Републичкото јавно обвинителство и му обезбедуваат повеќе ресурси и поголема надлежност. Па, така, им пречи членот 109 став 2, според кој се бара Републичкото јавно обвинителство да го зголеми бројот на обвинители. Тоа се толкува како мешање во неговата работа, во смисла дека има други закони што регулираат колку обвинители треба да има во него. Им пречи и тоа што обвинителот за организиран криминал ќе има повисока плата од редовниот јавен обвинител и што се предвидуваат додатоци за тие што ќе работат на гонење висока корупција. Бараат да се симнат ограничувањата за тоа кој може да биде избран на највисоката функција, односно покрај судии со долгогодишно искуство да можат да станат јавни обвинители и универзитетски професори. Имаат амбиција и да го засилат политичкото влијание на изборот на обвинителот за организиран криминал и корупција, барајќи да стои во законот дека Судскиот совет ќе дава само техничко мислење до Владата, во смисла дали кандидатите ги исполнуваат формално условите за оваа функција, а не и да предлага кандидати за функцијата, со крајно барање – опозицијата да кажува кој да биде кандидат, а власта да влијае врз изборот преку двотретинското мнозинство. На опозицијата ѝ пречи и одредбата за разрешувањето на овој јавен обвинител со двотретинско мнозинство, бидејќи според нив не постои причина за тоа.

Од јавната дебата произлезе и мислењето дека Уставот го признава само Републичкото јавно обвинителство и дека е невозможно да се интегрираат делата поврзани со скандалот со прислушувањето. Од експертите блиски до ВМРО-ДПМНЕ стигнаа и аргументи дека треба подолга расправа за законот, иако таа трае веќе година и пол, и дека треба тој да оди на проверка во Венецијанската комисија.

Дескоска вчера остави простор за консензус и околу постапката за предлагање јавен обвинител за организиран криминал и корупција, но не тој да биде предложен од опозицијата, туку процесот да биде потранспарентен. За да покаже што мисли за барањата на ВМРО-ДПМНЕ таа наместо Христијан Мицкоски го спомена, божем по грешка, името на Никола Груевски.

– Ќе продолжиме да се убедуваме со сите пратеници и ќе бараме мнозинство. Кој има добра намера е добредојден, кој не, нема да дозволиме да го блокира процесот на носење на законот – порача министерката за правда Дескоска.

Спикерот на Парламентот, Талат Џафери, вчера најави дека ако биде усогласен текстот на законот или ако се обезбеди мнозинство од 80 гласови, тој веднаш ќе го стави на собраниска седница. Џафери вели дека има таква деловничка можност, но сѐ зависи од волјата на парламентарниот состав. Преговарачот на власта Бојан Маричиќ вчера порача дека има добри шанси да помине законот, но не веруваше дека за него ќе гласа и главната опозициска партија.

Спасовски: Не ни треба закон што не казнува кривични дела

Премиерот Оливер Спасовски е против какво било законско решение, кое ќе оневозможува водење кривични постапки против кого било.

– Мора политичките субјекти, партиите, независните пратеници да бидат на висината на одговорноста што ја имаат во Собранието. Очекувам дебатата што се води да им помогне на пратениците како да се изјаснат за предлог-законот за Јавното обвинителство. Најмалку што можеме да направиме е да ѝ овозможиме на државата да ги добие законите за обвинителство, за одбрана и Изборниот законик врз основа на забелешките на ОБСЕ и на ОДИХР. Да ја зајакнеме позицијата на силна демократска држава и на тој начин да дадеме позитивни аргументи одлуката за почеток на преговорите да се донесе без дилеми – порача Спасовски.

Давидовиќ: Кој ќе ги преземе другите докази на СЈО?

Адвокатот Звонко Давидовиќ не гледа проблем во компромисот што го понуди министерката Рената Дескоска, од предлог-законот за Јавно обвинителство да се тргне членот во кој стои дека предметите на СЈО ќе ги преземе редовното Јавно обвинителство, бидејќи тоа е веќе регулирано со Кривичниот закон.

– СЈО си имаше специфични надлежности за кои не е предвидено кој ќе ги преземе со овој закон. Што ќе се случи со целокупниот материјал од прислушувањето, надвор од тоа што е предмет на сега постоечките отворени предмети? Што ако од тој материјал произлегуваат и други кривични дела што сега не се врзани со рок туку само со застареност? – прашува Давидовиќ.

Тој напомена дека во сефот на специјалната обвинителка Катица Јанева биле откриени дополнителни докази, за кои мора да се знае каде ќе одат и кој ќе ги презема.

The post На ВМРО-ДПМНЕ ѝ пречи и самата помисла на СЈО appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....