0.8 C
Скопје
20:37 - 26 ноември, 2024

На медицинските сестри од Инфективна им пукна филмот, министерот Филипче го гасне огнот

Три медицински сестри од Инфективната клиника во Скопје си дале отказ истовремено. Меѓу нив е и главната медицинска сестра Зорица Љубичиќ Митиќ, која на Клиниката работела дури 28 години. Во своето отказно барање таа тврди дека причините да ја напушти позицијата после речиси три децении професионална посветеност се многубројни.

„Од многубројните причини би навела само една: Непочитување и деградирање на профилот медицинска сестра како една од најважните алки во медицинскиот тим”, пишува во својот отказ Љубичиќ Митиќ.

Среде криза заминува медицински персонал- Главната сестра на Инфективна и две други си дадоа откази

Откази си дале и две одделенски сестри, Силвана Рогиќ и Дивна Бојческа, вработени на одделот за ургентна инфектологија и на одделот за неуроинфекции. Во нивните откази не се наведени причините.

Неофицијално, од долгогодишни медицински сестри на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, дознаваме дека незадоволството меѓу сестрите е поради тоа што се исцрпени, не можат да земат одмор, работат секој ден, имаат подреден статус во однос на лекарите, долги смени, несоодветен начин на платени часови, а бараат и промени во начинот на работниот процес.

– Секаде останавме со неискористени денови од одморот, јас на пример имам 22 дена од 2019 година и 20 од 2020 година. Секој ден сме практично на работа. Минатиот месец четири сестри си заминаа од КАРИЛ. Проблемот е истиот, преоптовареност. Не можеш да земеш слободен ден, покриваш смени и на сето тоа ниту некакво покачување, ниту додаток за ковид, ништо. И додека еден лекар зема меѓу 5.000 и 8.000 денари за дежурство од 24 часа, сестра за 16 часовно дежурство зема 700 денари. Побарав да се воведе додаток за сестрите што се секој ден на работа во вид на додатоци на коефициент и за дежурства, зашто сега сме во состојба на ковид. Ми се изнасмеаја раководителите, не било сега време. Освен тоа, имаме и многу со хронични болести кои беа дома и ја работевме нивната работа. Ама не ни дадоа на нас „здравите” две плати, туку од што немаше персонал, само по една недела одмор. Така што, редно е да скокнат сестрите, вели нашиот извор, поранешен координатор на медицински сестри, додавајќи дека дури и медицинската заштитна опрема што се користи е различна за лекар и за медицинска сестра.

Министерот за здравство Венко Филипче експресно оствари средба со трите медицински сестри во неговиот кабинет. Од неговото соопштение за јавноста евидентно е дека причините за отказите се во тоа што работата во услови на ковид-19 на клиниките е проследена со тешки услови, стрес и замор.

„Утрово се сретнав со колешките Зорица, Силвана и Дивна, медицински сестри од Инфективната клиника. Тие изминатите седум месеци се на првата линија во борбата со пандемијата. За нивната посветеност и неуморна работа им изразив огромна благодарност. Кога се работи во такви тешки услови со многу стрес и замор, разбирливо е да дојде до потреба за промена за што целосно ги разбирам”, напиша Филипче.

Сепак, во разговорот со сестрите, станало збор тие да останат на Клиниката каде нивната работа неизмерно се вреднува.

„Се договоривме после заслужениот одмор кој го земаа, повторно да разговараме и да најдеме начин да продолжиме заедно во битката со ковид-19 на Инфективната клиника. Секој човек во здравството е важен и ќе направам се за да ги мотивирам здравствените работници”, додаде министерот.

Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде прашавме дали треба здравствениот систем да стравува од загуба на уште поголем дел од медицинскиот кадар и од каде се обидовме да ги дознаеме точните и детални причини за отказите на трите медицински сестри, не добивме одговор.

Пандемијата со коронавирусот се очекува да покаже зголемен број на новозаразени и хоспитализирани во есенскиот и зимскиот период, особено затоа што поголемиот број на часови поминато на затворено, во канцелариите и во институциите поради ладното време, е зголемен ризик за ширење на коронавирусот. Засега не се очекува да се воведат рестриктивни мерки на територијата на целата држава, ниту пак да се затворат границите. Надежите за гаснење на огнот со пандемијата надлежните ги полагаат во почитувањето на мерките за носење маска и дистанцата од два метри, како и почитувањето на протоколите за сите институции и настани од општествениот живот.

Секојдневно бројот на новозаразени е троцифрен, но ова, како што тврдат надлежните здравствени власти, не е единствениот индикатор што ја покажува сериозноста на состојбата. Напротив, треба да се земе предвид и епидемиолошката слика сеопфатно.

The post На медицинските сестри од Инфективна им пукна филмот, министерот Филипче го гасне огнот appeared first on Слободен печат.


На медицинските сестри од Инфективна им пукна филмот, министерот Филипче го гасне огнот was first posted on септември 30, 2020 at 11:57 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....