6.8 C
Скопје
11:49 - 25 ноември, 2024

На кој начин партиите ќе допрат до гласачите? Политички ќе им се доближуваат, физички ќе се држат на дистанца

Што и да смислат партиите за тоа како ќе ја водат кампањата за претстојните парламентарни избори која почнува за четири дена, јасно е дека таа ќе биде несекојдневна и во обид да се најде баланс помеѓу желбата на политичарите да бидат што поблиску до гласачите и истовремено да држат дистанца од нив поради опасноста од коронавирусот. Нема да им биде лесно сето ова, затоа што ем ќе бидат одговорни за здравјето на избирачите, но не помалку важно и за сопственото здравје. Ако се заразат тие или некој нивен близок контакт, по 8 јули ќе немаат време да се пријават како болни лица и ќе го пропуштат и гласањето на 15 јули и постизборните денови. А во предизборието контактите се многубројни – изборните штабови се отворени насекаде, носителите на листите и кандидатите за пратеници одржуваат многубројни средби и ќе биде вистински предизвик никој да не се зарази, за да не мора цели партиски штабови да одат во изолација или некој носител на листа.

Партиите не се откажуваат од помали средби

Премиерот Оливер Спасовски и носител на СДСМ во Изборната единица 2 смета дека има начини во време на пандемија за доближување до гласачите без митинзи.

– Има медиуми, има социјални мрежи, има разни иновативни начини преку кои може да дојдеме да ги соочиме политичките концепти, а сепак тоа да биде безбедно за сите. Секако, таму каде што ќе се процени дека може да се направат мини средби со почитување на сите мерки за дистанца и за носење опрема, ќе го направиме и тоа. Сите опции што ни стојат на располагање, ќе бидат искористени за да се доближиме што е можно повеќе до граѓаните – рече Спасовски.

Според него, најважно е политичарите да ја пратат пораката дека се почитуваат мерките и да служат како пример.

– Најважно е оние што излегуваат во кампањата да не ги гледам на слики што завчера ги видов од некакви собири на опозициски партии, на кои сите заедно се гушнати, без маски. Со тоа праќаат порака дека не треба да ги почитуваат мерките. Одговорноста на политичарите е најголема во оваа држава, зашто ако сакаме сите други тоа да го почитуваат, тоа треба ние први да го правиме – изјави вчера Спасовски во Прилеп.

И во ВМРО-ДПМНЕ велат дека кампањата што тие ќе ја водат дефинитивно ќе биде поинаква од она што го имале во минатото.

– Прв приоритет е да се погрижиме здравјето на граѓаните да остане како што беше и сите ние да се чувствуваме заштитени и безбедни. Нормално дека ќе има дел преку социјалните медиуми, телевизии и сите други пишани медиуми. Факт е дека ќе има и теренски активности, во кој обем и во каков вид ќе бидат, ќе видиме, но големи митинзи нема да се случуваат, барем не во таков обем. Секако дека ќе пробаме да пристапиме кон секој еден гласач почитувајќи ги мерките за заштита – вели генералниот секретар Игор Јанушев.

Филипче: Има доволно опрема за лекарите во комисиите

За сериозните околности за овие избори завчера зборуваше и претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, кој очекува деновиве да бидат изготвени прецизни здравствени протоколи, врз чија основа ДИК ќе направи упатства за гласање како подзаконски акти, а министерот за здравство Венко Филипче му одговори дека таков протокол е веќе изготвен уште кога се договараа изборите и дека се потребни само мали промени.

– Комисијата за заразни болести изработи протоколи на барање на претседателот на државата, кој по лидерските средби побара протокол како би се извеле изборите. Тој протокол практично се базира на истите принципи за организација на каков било настан, без разлика дали е во надворешни или во внатрешни услови каде што се запазуваат овие принципи на дезинфекција, маска и дистанца. За тој протокол имавме состанок со ДИК, на кој произлегоа повеќе прашања на кои е одговорено. Последното барање е да се даде малку изменета форма и сето тоа ќе се финализира во следниве два до три дена – рече завчеравечер Филипче за ТВ21.

Според него, додека не се најде вакцина, сите избори низ светот ќе се спроведуваат со протокол.

Министерот објасни дека има доволна количина заштитна опрема за сите лекари и членови на избирачките одбори и дека на барање на ДИК веќе го предале списокот на здравствените работници што ќе го спроведат гласањето кај оние што се на домашно лекување од коронавирусот и во самоизолација, а кои ќе гласаат на 13 јули.

Филипче повтори дека во кампањата не треба да има големи собири и апелираше да биде поинаква, преку социјалните мрежи, со мали собири  и со пример како треба да се однесува.

Претставниците на 15 политички партии и коалиции завчера, со потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори, се обврзаа дека освен законите во врска со изборите, ќе ги почитуваат и сите мерки за заштита од коронавирусот.

Администрацијата бара упатства и заштита

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) бара надлежните институции да ги преземат сите мерки на заштита за вработените од ДИК и административните службеници, кои како членови на избирачките комисии и избирачките одбори ќе бидат вклучени во изборите.

„Ниту една политичка партија изгледа не размислувала за вработените што ќе ги спроведуваат изборите. Доколку се заразат од вирусот, бараме да имаат право на исплата на 100 отсто од боледувањето, ДИК да издвои поголеми средства за хонорари и сите вработени што учествувале во изборите наредниот ден да бидат ослободени од работните обврски“, се вели во соопштението.

Синдикатот потсетува дека секој избирачки одбор е составен од пет члена, кои имаат свои заменици, а на изборите ќе се појават 14 коалиции со свои набљудувачи, па може да се случи во една просторија од 20 метри квадратни во исто време да бидат присутни 20 лица. ДИК досега нема пратено никакви упатства до своите вработени во подрачните одделенија и од почетокот на кризата досега на вработените не им се обезбедени маски и средства за дезинфекција, наведува УПОЗ.

Алексов: Или безбедна кампања или ќе нема кој да гласа

Кампањата мора да се води одговорно и да биде максимално безбедна за сите учесници, затоа што во спротивно може да се случи да нема кој да ги гласа политичарите, предупреди вчера извршниот директор на „Мост“ Дарко Алексов, во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

– Неколку аспекти од здравствениот момент треба да се третираат. Заштита на оние што ќе го спроведуваат процесот, заштитата на оние што ќе гласаат и заштита за време на кампањата, на набљудувачите и на медиумите. Сите овие групи на учесници во изборниот процес се директно изложени. Од таа причина, многу важно е во целиот процес да се почитуваат мерките. Самите политичари ќе мора многу агресивно да ги промовираат мерките и да се однесуваат во согласност со нив, за да не да се случи оние што сакаат да излезат да гласаат, да не бидат во можност да го сторат тоа – вели Алексов.

The post На кој начин партиите ќе допрат до гласачите? Политички ќе им се доближуваат, физички ќе се држат на дистанца appeared first on Слободен печат.


На кој начин партиите ќе допрат до гласачите? Политички ќе им се доближуваат, физички ќе се држат на дистанца was first posted on јуни 20, 2020 at 9:49 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....