1.8 C
Скопје
09:35 - 25 декември, 2024

Мозоците во карантин, душите во изолација

Кризите се време кога излегува најдоброто и најлошото од нас, а интензитетот на изразување солидарност или алчност е правопропорционален со големината на кризата. Но, кога оние чија основна цел на постоење е пропагирање солидарност ќе ја покажат на дело својата неограничена алчност (и тоа прилично агресивно), можеме да видиме зошто општеството ни е толку труло.

Во целиов „корона вртлог“ на алчност, победници се (ни помалку, ни повеќе) двете најголеми верски заедници во земјава. Наместо први да понудат помош и да донираат на своите верници и на државата, тие без грам срам бараат „помош“ од државата (небаре им недостасуваат џипови, вили и златни ланци). Безобразлукот на единствените организации кои не плаќаат данок на оваа држава, а во истовреме се богатат на грбот на своите верници, почна со суптилното заобиколување: „Ние не можеме да им забраниме на верниците да доаѓаат во црквите“ и следствено стигна до: „Ако ИВЗ не добие помош од Владата не дај боже ќе ја повлече забраната за собири и тогаш ќе нема сила што ќе може да не брани од епидемијата со корона вирусот. Ќе станеме Бангладеш“. Ова не е прв пат поглварот на ИВЗ да ја згрози јавноста, но во услови на пандемија ваквата директна уцена кон властите, всушност е закана по здравјето и животот на сите кои живеат во оваа држава.

За потсетување, уценувањето е казниво со закон, исто како и поттикнувањето други да сторат кривично дело, особено ако се однесува на здравјето и животот на други луѓе, но очигледно верските претставници се изземени и од законите, не само од плаќањето данок. И додека органите на прогонот чекаат да се случи делото за да постапат, политичарите блиски до поглаварите релативизираат. Како ова да не е доволно скандалозно и срамно, па уште се појавуваат информации дека Владата дала пари на верските факултети и дополнително, на прашањето дали верските заедници ќе добијат помош, Владата изјавува дека ќе продолжи да реализира мерки за да помогне на сите заедници, на општеството и граѓаните. Искрено се надевам дека ова СИТЕ не се однесува на верските заедници во овој момент… од многу причини.

Ќе биде крајно некоректно, па и недемократски, парите собрани од нас кои чесно си ги плаќаме даноците да завршат кај оние кои нечесно ја уценуваат државата (користејќи го најсветото: здравјето и животот на граѓаните). Тие пари, чесно, треба да завршат во здравството и во реално потребните мерки за справување со економската криза предизвикана од вирусот. Кога сме кај парите, навистина би било благородно од министрите љубезно да ги замолат верските заедници да донираат во отворениот солидарен Ковид 19 фонд и така да им помогнат на своите верници и на државата да се изборат за што побрзо враќање на нашите животи во нормала. Парите настрана, каква порака испраќа државата ако дозволи да биде уценувана на ваков начин (ќе повторам, со здравјето и животите на своите граѓани)?  И уште нешто, потребно е колективно да се потсетиме на лекцијата за секуларност. Пожелно е едно едукатино предавање на јавниот сервис, да се потсетат министрите, верските лидери, органите на прогонот, граѓаните…

Да не се сфатиме погрешно, сите ние сме верници, на оваа или онаа религија, помалку или повеќе, се крстиме или се клањаме… И нема да престанеме да бидеме верници ако одреден период престанеме да ги посетуваме верските храмови, па макар тоа било и за време на најголемите верски празници. Верата си ја носиме во себе и за себе, а за нашето здравје и здравјето на луѓето околу нас сме сите ние поединечно одговорни. Верата треба да повикува на солидарност, а солидарност е да се помогне онаму кадешто најмногу е потребно. Задача на Владата е да обезбеди финансии за оние кои се први на удар, па следствено и за сите останати, не да дозволи да биде уценувана во овие околности. Задача на СИТЕ нас е да не придонесуваме за ширење на вирусот. Да не се лажеме, алармантна е состојбата и со лажните вести, говорот на омраза, стигматизацијата… Долга ни е листата со негативни појави во општеството. Најмалку што можеме да направиме сите ние во овој момент е да не дозволиме да ги ставиме мозоците во карантин. Душите веќе се во изолација.

The post Мозоците во карантин, душите во изолација appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....