Моника Евтимоска по професија е економски техничар, а нејзината приказна со изработката на природна и органска козметика започнала пред околу пет години, кога почувствувала потреба од нов и квалитетен производ и покрај долгогодишното користење на конвенционална козметика во која не нашла ништо соодветно за својата кожа.
– Бидејќи на пазарот кај нас станаа достапни некои сертифицирани органски суровини за изработка на козметика, решив да ја искористам мојата креативност за да создадам производ кој се покажа дека одлично делува на мојата кожа. Тоа го потврдија и неколкумина мои блиски пријатели, но секако и членовите на моето семејство. Можеби повеќе заради потребата од нешто ново, здраво и уникатно, се роди и идејата да почнам да произведувам ваков вид козметика – вели Моника.
Произведувате органски производи, што значи органска козметика?
– За природната и органска козметика може да се зборува многу. Основно е дека во органската козметика се користат исклучиво суровини кои не содржат пестициди и при процесот на обработка не се користени никакви хемикалии, туку се произведуваат на традиционален начин. Се користат ладно цедени масла и путери, мацерати, каде што сите хранливи вредности се задржани во производот. Во производот не смеат да се користат вештачки бои и мириси. Тоа е и целта – да се избегне користењето на парабени, конзерванси, силикони и слично. Сите состојки треба да поседуваат одреден сертификат за органско производство.
Каква палета на производи нудите и на кои жени им се наменети?
– Во моментов во палетата на производи можат да се вбројат: сапуните за лице и тело, сите со различен состав изработени според потребите и типот на кожата, путерот за тело, кремите за лице, пилингот за лице и тело, балзамот за усни и витаминскиот серум за лице. Секој од производите има и своја намена, дел се за деца во пубертет кои имаат проблематична кожа со акни, дел се за секојдневна нега на лице и на тело, а дел – против стареење и против бори на лице.
Каква е конкуренцијата на пазарот во однос на рачна изработка на козметика од македонско потекло?
– Мислам дека сè уште е мал бројот на луѓе кои се занимаваат со производство на ваков вид козметика во споредба со нашите соседи. Но, се надевам дека ова ќе стане пракса и кај нас, купувачите да имаат поголем избор, а со тоа и ние, производителите, да создаваме висококвалитетни органски производи.
The post Моника Евтимоска, дизајнерка на органска козметика: Идеја родена од потреба за нешто ново, здраво и уникатно appeared first on Слободен печат.
Моника Евтимоска, дизајнерка на органска козметика: Идеја родена од потреба за нешто ново, здраво и уникатно was first posted on септември 10, 2020 at 12:00 pm.