3.8 C
Скопје
23:29 - 20 декември, 2024

Мој длабок наклон, храбри дами!

Нешто ми падна во очи уште пред неколку дена, кога ги гледав групните фотографии и селфијата од посетите на Филипче на разни клиники низ Скопје, на одделенијата кои се во првите редови на „фронтот“ во борбата со оваа подла вирусна корона: на тие слики забележително повеќе има насмеани жени од мажи, во бели или светло сини мантили.

А потоа малку и прочепкав, па во последните објавени податоци од регистерот на вработените во јавниот сектор (за 2017 година, ама тоа и не се менува многу од година во година) пронајдов дека жените се и онака помногубројни во јавниот сектор од мажите: 54 наспроти 46 отсто. (Додуша, читам дека од оваа статистика, којзнае зошто – државна тајна! – се изоставени вработените во МВР, АРМ и Агенцијата за разузнавање, каде, без сомневање, бројот на мажи веројатно е драстично поголем од жените.)

Кога уште малку ќе ги разгледате тие статистики, ќе дојдете и до податокот кој, за потребите на овој текст, објаснува сè: во нашето здравство, официјално, има два и пол пати повеќе вработени жени (72%) од мажи (28%). Нека не ве збунува бројот на мажи на раководни места во здравството, од министерот и директорите по клиники, па надолу, бидејќи таму, кога не се кариерите во прашање, сепак превладувачката грижа е во „женски раце“.

Ова вчера ми го потврдија и Би-Би-Си и Си-Ен-Ен симултано, во два различни прилози: 70 отсто од здравствениот персонал во светот се жени, а во драмата со справувањето со епидемијата во Вухан, женскиот медицински персонал достигнал дури 90 отсто од таму ангажираните медицинари.

Тоа значи, според силата на бројките, дека несразмерно поголем товар во справувањето со вирусната криза ќе падне врз женскиот персонал во здравството. Но и не само таму… На пример, во старечките домови, каде се сместени нашите родители или дедовци и баби – институции кои се најчувствителни на опасноста од ширењето и смртноста од вирусов – персоналот е, по правило, четири пати повеќе жени од мажи. Всушност, сегде каде треба да се пружи некаква нега или услужен однос кон луѓето, а за што не се потребни „мускули“ (добро, де, нека е и стереотип!), жените се тие што љубезно нè третираат во ова време-невреме, од продавачките и касиерките, до наставничките, мајките, бабите, сестрите и… сопругите (понекогаш, да речеме).

Во научните дисциплини кои се обидуваат да го објаснат општеството – ѓаволски тешка работа! – за превладувачките „машки“ општествени односи, оние потрадиционални и патријархални, се вели дека ги преферираат постигнувањата, хероизмот, упорноста, тврдоглавоста и материјалните добра како доказ за успех во животот. Кај „женскиот принцип“ превладува емпатијата, напорите за соработка, скромноста, наклонетоста кон послабите (наместо почит кон силните) и тежнеењето за подобар „квалитет“ во животот, како потврда за остварените животни идеали.

Пред да одмавнете со рака за ова што го читате, бидејќи може да ви се види навредливо очигледно и ништо посебно – а, сепак, признајте, сами не би се сетиле без да се каже – ставете макар еден имагинарен „лајк“ во вашите корона-мисли деновиве наменет за нашите хероини-жени кои ќе ја понесат кризава на свои плеќи, без да се побунат, без да се повлечат, без да побараат „медали“ за посебни заслуги.

Мој длабок наклон, храбри дами! Вие сте нашите светилници во овие мрачни времиња.

The post Мој длабок наклон, храбри дами! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....