Процесирањето на документите и спроведувањето на работните процеси во институциите може да се одвива целосно електронски, откако Министерството за информатичко општество и администрација го модернизираше и адаптираше Националниот систем за управување со документи ДМС. Ова решение треба да помогне во организација на работата во услови на КОВИД-19, но и да помогне во намалување на корупцијата и откочување на административно закочените процеси.
-Новиот национален систем за управување со документи е вистинското решение за организација на работата во време кога не знаеме како ќе се развива општеството со Ковид 19. Дигитализацијата на работните процеси и можноста секој да работи каде и да е локациски поврзан на интернет, преку својот мобилен, таблет или компјутер овозможува навремено и квалитетно завршување на работните задачи што доведува до уште подобри услуги за граѓаните, рече на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација во заминување Дамјан Манчевски во заминување, претставувајќи ги новините од унифициран систем за подобрување на работењето на државните институции, како дел од активностите за дигитализацијата на службите.
МИОА, како што рече, во последните неколку месеци активно се посветиле на модернизација и адаптирање на Националниот систем за управување со документи ДМС.
-Со имплементација на ДМС и дигитализацијата на работните процеси во институциите се овозможува на вработените своите документи и предмети да ги добиваат во електронска форма, да постапуваат по истите електронски и да креираат свои документи кои ќе може преку системот да ги праќаат на одобрување, потпишување, архивирање и понатамошно електронско проследување. Со други зборови, целиот работен процес да се одвива електронски, рече Манчевски.
Новиот ДМС систем го користат 16 институции и околу 5 000 корисници, а се работи на приклучување на уште четири институции. Во следниот мандат, потенцираше Манчевски, Владата активно ќе продолжи да работи на приклучување на нови институции и ќе се зголеми бројот на корисници.
Манчевски појанси дека ДМС системот овозможува заедничко работење на административните службеници, од различни сектори и одделенија. Заедничкото работење и координација доведува до поквалитетни услуги за граѓаните.
– Новиот ДМС систем е SMART систем кој го олеснува работењето. За секој предмет кој ќе биде заверен во архива и електронски разменет со некоја институција, тоа ќе значи дека одговорот за тој предмет ќе биде автоматски заверен и распределен до лицата кои учествувале во неговата подготовка, независно од местото од каде што работат. Со националниот ДМС се прави унифицирање на архивското и деловодно работење на институциите во соработка со Државниот архив и Државниот управен инспекторат. Дополнително, ДМС овозможува електронски решавање на предметите односно барањата за услуги, поднесени од преку порталот uslugi.gov.mk кој денеска го користат повеќе од 25.000 граѓани, информира Манчевски.
За да се искористи целосно потенцијалот на овој систем, укажа, потребно е и институциите да го адаптираат своето работење на електронскиот начин на колаборација, креирање, заверување и потпишување на документи. Тоа, посочи, ќе олесни многу административни процедури и ќе биде една од клучните реформски активности и на новата Влада во новиот мандат.
-Овој систем им овозможува на раководните лица да имаат редовен преглед кој вработен колку предмети сработил. На овој начин, вработените се отчетни пред раководителите, но и пред граѓаните. Цврсто сум уверен дека овој начин на електронско работење и контрола, ќе придонесе за намалување на корупцијата и директно ќе влијае на откочување на административно закочени процеси, истакна Манчевски.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на ангажманот на административните работници шѕо не беа распоредени на работни места, најави дека согласно со коалицискиот договор за новата Влада е договорен конкретен краток временски период од само неколку месеци во кои би се затворило ова прашање. Сите нераспределни лица да тргнат на работа, а доколку некој одбива тоа да го направи договороте ќе бидат прекинати, појасни Манчевски, кој на прес-конференцијата се заблагодари на медиумите за соработката во изминатиот период. Тој е избран за пратеник во новиот сосбраниски состав, а министерската функција во МИОА според предлогот за состав на новата Влада треба да ја врши Јетон Шаќири, кадар на ДУИ.
The post Модернизиран ДМС системот, подобра организација на институциите и побрзи административни процеси appeared first on Слободен печат.
Модернизиран ДМС системот, подобра организација на институциите и побрзи административни процеси was first posted on август 29, 2020 at 10:29 am.