-6.2 C
Скопје
07:11 - 25 ноември, 2024

Милчо Манчевски ексклузивно за „Слободен печат“: Јас сум медијатор – ја носам сликата до гледачот, ама не ја манипулирам

Во дваесет и шест годишната кариера, од премиреата на филмот „Пред дождот“, нашиот режисер од светски глас, Милчо Манчевски, сними „само“ шест играни филмови и неколку краткометражни филмови, што покажува дека не е опседнат со креативна булимија, карактеристична за некои современи автори. Освен со неговото најново остварување, филмот „Врба“, кој веќе собра бројни интернационални награди, Манчевски е актуелен со изложбата на фотографии „Таму“, и книгата „Таму“ (реализирана со издавачката куќа „Антолог“), на која работеле повеќе од две години. Ако досега не сте ја посетиле, да ве потсетиме дека изложбата може да ја видите во Музејот на современа уметност до 1 ноември.

Цело време фотографирам, секој ден, така што имаше ептен многу материјал. Особено многу фотографирав во оној период кога не можев да снимам во Македонија, од 2010 до 2019 година.

Колку време ви требаше од почетокот до финалната реализација на фотографскиот проект, односно до изложбата, „Таму“? И која е предноста на небрзањето?

– Во „Таму“ има слики кои настанувале во последниве десет години, 2010-2020 г. Цело време фотографирам, секој ден, така што имаше ептен многу материјал. Особено многу фотографирав во оној период кога не можев да снимам во Македонија, од 2010 до 2019 година. Во тој период снимав филмови во Њујорк (долгометражниот „Бикини Мун“ и краткометражниот „Четврток“), како и на Куба (експерименталниот „Крајот на времето“) и многу фотографирав.  Мислам дека предноста на небрзањето е очигледна – квалитет. Верувам дека уметноста треба да биде спонтана, ама и да биде професионално сработена. За тоа треба време, со „Антолог“, со Жарко и Валентина Кујунџиски, со дизајнерката Моника Стојчевска долго се подготвувавме, биравме печатница (ја избравме „Датапонс“), хартија, предговорот на Конор Мекгрејди и – се разбира – самиот избор на сликите… Што се однесува до правење филмови – иако правењето филм е комплексен потфат, со многу луѓе и многу пари, јас му приоѓам авторски и лично се посветувам на секој аспект од процесот – од пишување сценарио, преку избор на локации и кастинг, до шпица и работа со композиторот. Верувам во филигранска уметност. Се разбира, во исто време, мораш да ја владееш и техничката и финансиската страна, зашто инаку воопшто нема да дојдеш во ситуација да снимаш.

Верувам во филигранска уметност. Се разбира, во исто време, мораш да ја владееш и техничката и финансиската страна, зашто инаку воопшто нема да дојдеш во ситуација да снимаш.

Шетајќи и фотографирајќи низ улиците во Индија, Њујорк, Виетнам, Русија, Македонија, Тајван, Куба, Турција, Црна Гора, Тексас…, каде застанувавте за да шкрапнете? Пред какви ситуации, ликови, што беше тоа „другото“ таму, различното, што Ви го привлече вниманието 88 пати?

– Му се радувам на обичниот миг преточен во вечност. Доволен е мал настан – човек што црта графит во Њујорк или поглед на проститутка во Калкута директно во објективот, или луѓе што туркаат огромна црвена топка во Ростов-на-Дон или комшии што играат домино на Куба. Битен е начинот на кој тој мал миг е виден. Тоа го преточува во ликовна рамка. Битна е визурата, композицијата, перспективата, склопот на бои… Тоа е она што го прави убав, а со тоа и важен и вечен. Сликам многу, по интуиција. Некогаш е тоа само една слика, а некогаш стојам на истиот тротоарот цел ден и чкрапам. Јас сум само медијатор – ја носам сликата до гледачот, ама не ја манипулирам: не ја кропирам, не користам филтри, ниту фотошоп. Оттаму го започнав и #никропнифотошоп. Откако ќе седнам да бирам, правам селекција и рудиментирана пост-продукција, во случајов со кустосот Бојана Јанева-Шемова и колор-мајсторите Орце Поповски и Александар Петревски. Овие 88 слики имаа за мене некоја магија на ликовното, и многу ме радуваат кога ги гледам – тоа е критериумот.

Ми изгледа дека развивањето на идејата и снимањето на филмот „Врба“ и на фотографскиот проект „Таму“ имале некакво временско поклопување, временско допирање. Во филмот, три женски ликови, низ вешто мешање на различни временски периоди, водат борба за мајчинството. Дали оваа мајчинска опсесија, болка и празнина, поврзана со филмот, не се рефлектираше и на фотографскиот проект, во смисла да ве привлечат пред фотообјективот токму измачени женски или мајчински ликови?

– Јас не гледам директна врска, иако не мора да сум во право. Работам по инстинкт и  ако има сличност, таа се должи на фактот дека и двете дела настанале во исто срце, ги раководел истиот уметнички сензибилитет. Мене сепак ми се чини дека во „Таму“ има – покрај натежнатите емоции – повеќе игривост и радост отколку во „Врба“.

Иако правењето филм е комплексен потфат, со многу луѓе и многу пари, јас му приоѓам авторски и лично се посветувам на секој аспект од процесот.

Три семејства во филмот „Врба“ се соочуваат со низа морални и лични дилеми поврзани со темата за потомството. Секогаш враќајќи се во Македонија со космополитски погледи, што мислите, колку во нашата земја семејствата успеале да ги надминат предрасудите околу „небиолошкото“ потомство?   

– Различни векови опстојуваат во исто време во Македонија – некои луѓе и денес живеат во среден век, други во 21 век. Не е тоа својствено само на Македонија, сличен феномен сите гледаме и во Америка, на пример. Прогресивните сили ги влечат реакционерните како магаре што инаетливо не сака да влезе во 21 век. Структурата на семејството била непроменета стотици, ако не и илјадници години и во последниве 50-100 години доживува огромни промени што продолжуваат да се случуваат. Индивидуата добива поголеми права, ама со тоа и поголеми обврски. Семејството се намалува и на крај мутира – да се надеваме во нешто подобро. Тоа е светски тренд, а се случува и кај нас.

Како ги одбирате женските ликови во Вашите филмови?

– На ист начин на кој ги одбирам и машките – со долг процес на кастинг. Со кастинг директорот (во овој случај со Милка Анчевска, а на „Бикини Мун“ со Ејви Кауфман) се договараме какви глумци се најсоодветни за дадените ликови. Потоа правиме широк кастинг. Кастинг директорот кани десетици или стотици актери и ги снима. Тие го покажуваат својот занает со монолог од класиците – Шекспир или Сем Шепард или Тенеси Вилијамс… Најважен ми е актерскиот занает, не е битно дали актерот е познат или како изгледа. Потоа правиме сѐ потесна селекција, која е многу строга, ама и многу фер. Процесот трае со месеци. Многу сакам да работам со глумци, тоа ми е еден од омилените делови од правењето филмови, и знам дека добро го владеам. Многу сум им благодарен на актерите што работат со мене, што ми ја подариле довербата и затоа се трудам да им вратам со тоа што ќе им обезбедам најдобри услови за работа и – ако дозволат – од нив ќе го извлечам најдоброто.

„Во животот работите честопати не се директно поврзани и се случуваат на база на хаос“, каков што беше случајот со сцената во „Врба“ сместена во средниот век, кога убиството на гатачката беше тесно поврзано со губење на детето. Во едно интервју, објавено во „Чинечита“, додавате, „Ние, мажите, ги толкуваме работите за да го сфатиме хаосот во кој живееме“. На кој начин вие мажите, и лично Вие, ги толкувате работите?

– Не знам дали можам да зборувам во име на мажите. Можам да зборувам во свое име. Сметам дека самото инсистирање на поделбите мажи-жени, наши-ваши, северни-јужни ги продлабочува поделбите. Коренот на проблемот е непочитувањето на другиот. Јас секогаш се обидувам да го гледам човекот, без оглед на тоа како изгледа или на кој јазик зборува или какви навики има. Ги ценам луѓето според постапките. Можам да не се согласувам со нечии постапки и тоа го посочувам, ама се трудам да не го осудувам или воспевам човекот исклучиво поради неговата припадност.

Мајката е присутна речиси во сите ваши филмови. Што во животот научивте од Вашата мајка, колку таа влијаеше на вашите животни определби, насоки, на креативноста?     

– Претпоставувам дека таа ми ги даде основните насоки и љубовта. Најважното.

Фотографии „Таму“

 

 

The post Милчо Манчевски ексклузивно за „Слободен печат“: Јас сум медијатор – ја носам сликата до гледачот, ама не ја манипулирам appeared first on Слободен печат.


Милчо Манчевски ексклузивно за „Слободен печат“: Јас сум медијатор – ја носам сликата до гледачот, ама не ја манипулирам was first posted on октомври 16, 2020 at 6:15 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....