Со последниот случај на почината медицинска сестра како последица на инфекција од ковид-19, кој беше регистриран викендов, бројката на починати здравствени работници од новиот вирус се искачи на 7, додека повеќе од 925 се инфицирани. Од Синдикатот велат дека бројот за инфициран здравствен персонал е намален, но расте бројот на починати.
Медицинска сестра од охридската болница ја загуби битката со ковид-19
Викендов беше објавено дека на 49-годишна возраст почина медицинската сестра Дијана Димоска, вработена во Општата болница во Охрид. Таа ја загубила битката со ковид-19. Прв починат здравствен работник беше фармацевт од Струга, кој почина на крајот на мај годинава, на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Меѓу починатите здравствени работници е и 62-годишен лекар специјалист пнеумофтизилог во Специјалната болница за белодробни заболувања и туберкулоза во тетовски Лешок, како и матична лекарка од Скопје.
Од Министерството за здравство велат дека досега се регистрирани повеќе од 925 заболени здравствени работници.
„Според кумулативната анализа на Извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од почетокот на епидемијата до 20.9.2020 година, од случаите што се епидемиолошки истражени, регистрирани се 926 (5,5%) случаи на заболување меѓу здравствени работници, како и регистрирани се шест смртни случаи кај здравствени работници“, велат од МЗ.
На бројката шест починати од последниот извештај се додава и новиот смртен случај, со што вкупната бројка се искачува на седум.
Од Министерството за здравство побаравме и информација околу тоа од кои профили се починатите здравствени работници и во која здравствена установа работеле, бидејќи тоа може да биде епидемиолошки значаен податок, но во одговорот што го добивме ни рекоа дека Институтот за јавно здравје не води анализа од кои профили и од кои здравствени установи се здравствените работници.
Од Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар велат дека бројот на заболени здравствени работници во вкупната бројка на заболени е намален, но расте бројот на починати.
– Иако во најголем број случаи има доволно заштитна опрема, сепак се пријавуваат ситуации кога директорите ја штедат опремата. Би било добро Државниот санитарен инспекторат со зачестени контроли да провери дали секаде има доволно опрема и да има контроли во континуитет. Исто така, потребна е поголема флексибилност и комуникација со здравствените работници што се изложени на поголем ризик за добијат инфекција – велат од Синдикатот.
The post Меѓу жртвите од ковид-19: Досега 7 мртви, 925 заболени здравствени работници appeared first on Слободен печат.
Меѓу жртвите од ковид-19: Досега 7 мртви, 925 заболени здравствени работници was first posted on септември 28, 2020 at 2:46 pm.