13.8 C
Скопје
15:23 - 18 декември, 2024

Македонската црква се крсти во Цариград

Ќе седнат ли претставници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Српската православна црква (СПЦ) на заедничка маса со вселенскиот патријарх Вартоломеј во Истанбул за да се реши долгогодишниот проблем на МПЦ – немањето автокефалност? Завчерашната средба на патријархот со премиерот Оливер Спасовски, со претседателот на СДСМ Зоран Заев и со директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски во Цариградската патријаршија ги подгреа надежите дека работите „ќе тргнат напред“ за да се реши македонското црковно прашање. Спасовски го поканил патријархот да ја посети Македонија, а за средбата рече дека била охрабрувачка и пријатна.

– Охрабрени сме од зборовите дека оваа наша заемна комуникација ќе продолжи и дека ќе почне еден динамичен дијалог во рамките на Вселенската патријаршија, сè со цел да се надминат проблемите што ги има Македонската православна црква. Имавме пријатни и долги разговори со Неговата Светост, патријархот Вартоломеј – рече Спасовски.

Во официјалното соопштение стои дека патријархот Вартоломеј одлучил да покани во седиштето на Вселенската патријаршија претставници од Српската православна црква и од МПЦ-ОА во обид да се најде заеднички прифатливо решение.

Портпаролот на МПЦ-ОА, владиката Тимотеј, коментирајќи ја за „Слободен печат“ средбата во Истанбул, вели дека црквата очекува решение.

– Очекуваме позитивни реакции и решение, поради тоа што вселенскиот патријарх навестува дека ќе организира средба. Поконкретно, очекуваме да бидеме повикани таму идниот месец. Ниту сме седнале првпат со СПЦ, ниту последен пат – ни изјави владиката Тимотеј.

Познавачот на црковните прашања, новинарот Бранко Ѓорѓевски, вели дека може да се очекува решавање на спорот меѓу СПЦ и МПЦ-ОА, но не толку брзо, туку во 2021 година.

– Зошто го велам ова? Затоа што ова е веќе втора фаза на постапување на Цариградската патријаршија. Првата беше лани пролетта, кога го стави во процедура нашето барање. Самиот тој факт беше охрабрувачки. Ако не сметаше дека нешто треба да се направи, тогаш немаше воопшто да го стави ова прашање на дневен ред. Од завчерашната средба се прати порака дека Патријаршијата ќе се постави како арбитер и домаќин, кој ги поканува СПЦ и МПЦ-ОА да најдат прифатливо решение. Тоа е втората фаза од самиот спор. Сметам дека таа одлука ќе биде позитивна за нас, односно дека ќе дојде до признавање на МПЦ-ОА, поради духот во којшто е испратено соопштението од Патријаршијата. Сепак, скептик сум дека СПЦ ќе дојде во Цариград, бидејќи на таков начин ќе ја легитимира Вселенската патријаршија како надлежна за решавање на ова прашање – вели Ѓоргевски.

Прашан како би дошло до решавање на спорот без учество на СПЦ во преговорите, Ѓоргевски тврди дека во таков случај, Вселенската патријаршија самата би донела одлука, без СПЦ.

Универзитетскиот професор Цане Мојановски за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ истакна дека отворањето на прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА значи дека се бараат решенија што се утврдени во каноните на Православната црква.

– Отворањето на прашањето веројатно значи дека се бараат решенија што се утврдени во нивните канонски правила. Се надеваме дека ќе се реши едно прашање, кое е присутно педесет години. Тие прашања веќе не се само во доменот на црквата, бидејќи се поврзуваат со општествените состојби. Преспанскиот договор создаде механизми за решавање на другите отворени прашања. Кои решенија ќе бидат понудени, сега е неблагодарно да се говори – посочи Мојановски.

ПОА не треба да се заобиколи

За познавачот на црковното право Георги Тасев, Православната охридска архиепископија (ПОА) е единствениот мост што може да ја пренесе МПЦ-ОА до брегот на автокефалноста и канонско единство со останатиот православен свет.

– Штом цариградскиот патријарх официјално изјавува дека СПЦ ќе треба да се согласи на прифатливо решение, тогаш очигледно решението е во СПЦ. Кога МПЦ ќе сфати дека излезот од непризнавањето е токму во СПЦ, тогаш лесно ќе дојде и до решение. Имајќи предвид дека ПОА е сеправославно признаена автономна црква, ми се чини дека сега е суштински битно за МПЦ да се потруди да оствари добра клима во односите со ПОА – вели Тасев.

The post Македонската црква се крсти во Цариград appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....