0.8 C
Скопје
17:31 - 22 декември, 2024

Македонија по 30 години ги виде „децата фантоми“: Девојче од Скопје се родило без идентитет и умрело без идентитет

Девојче од Скопје се родило без идентитет и умрело на петгодишна возраст без идентитет. Мајката работела, па го оставила девојчето кај пријатели да ја причуваат, но епилогот бил трагичен. Пријателот се опил, брутално ја натепал малечката, нанесувајќи ѝ тешки телесни повреди од кои починала.

Ова е еден од најтажните примери од стварноста на децата и возрасните во земјава, кои живеат без лични документи. Се раѓаат како фантоми, без да фигурираат никаде во државниот систем и така си заминуваат од овој свет. Без извод од родените не можат да извадат ниту здравствена книшка, поради што здравствената заштита за сериозни и комплицирани медицински дијагнози ја започнуваат доцна, што ја намалува шансата да преживеат.

Таков е случајот со петнаесетгодишникот од Тетово, дете „фантом“, без извод од родените, кој имал карцином на коленото. Со помош на невладината организација „Амбрела“, добил можност преку Министерството за здравство да добие услуги во државната болница, но поради тоа што третманот е почнат доцна, лекарите не успеале да се изборат со болеста.

Овие два случаи се суров показател за тоа со какви проблеми се соочуваат лицата во земјава што немаат лични документи.

– Имавме страшна состојба и трагедии. Повеќето се деца, но има и возрасни, од 22 до 25 години, кои никогаш не биле заведени во матичната книга на родени. За овој проблем алармирам повеќе од 10 години, зашто сметам дека станува збор за една од најранливите групи. Нивната состојба беше тешка, особено за децата. Тие немаа право да се образуваат, да се вработуваат. А возрасните едноставно живеат од ден за ден. Ако денеска нешто заработат, ќе донесат дома за јадење и ќе имаат, но децата во многудетните семејства многу често си легнуваат гладни. Некогаш млади девојки што немаат здравствено осигурување се принудени да се пораѓаат дома. Без извод од родени немаш никакви права – вели за „Слободен печат“ Латифа Шиковска од невладината организација „Амбрела“.

Оваа организација му помагала на Министерството за труд и социјална политика со тоа што на терен ги лоцирала лицата без лични документи. Сега проблемот е системски надминат, бидејќи Собранието изгласа закон со кој овие лица, по децениски живот како „фантоми“, конечно ќе добијат граѓански идентитет. За Шиковска најважното од овој закон е што ќе овозможи пакет социјални услуги, какви што се бесплатно образование, социјална и здравствена заштита и прво вработување.

– Тоа дава надеж кај засегнатите дека се на добар пат – додава Шиковска.

Како што соопштија од Кабинетот на дополнителната министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, целта на овој закон е лицата што не се во матичната книга на родените да се евидентираат во посебна таква книга и да добијат лични документи за да можат да се образуваат, да се лекуваат, да имаат социјална заштита и социјално осигурување. Тие дополнително ќе бидат заведени во матичната книга на родените и ќе го добијат својот прв извод.

– Проблемот со лицата што не се евидентирани во матичната книга на родени е нотиран одамна, но бил игнориран од надлежните институции. Такви лица, наспроти јавната перцепција, има од сите етнички заедници. Наша определба во изминатиот две и полгодишен период беше дека овие лица, кои најчесто се од најранливите општествени слоеви, не смееме да ги оставиме да живеат на маргините на општеството – рече Шкријељ.

ОБСЕ и УНХЦР го поддржаа решавањето на овој проблем, кој официјално го имаат 700 граѓани во Македонија.

Со Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени за првпат се овозможува ако некое лице нема адреса на живеење поради различни причини, како нелегализиран објект или немање имотен лист, тоа да се пријави на адресата на Центарот за социјални работи во местото на нивното живеење.

The post Македонија по 30 години ги виде „децата фантоми“: Девојче од Скопје се родило без идентитет и умрело без идентитет appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....