-2.2 C
Скопје
20:04 - 22 декември, 2024

Македонец од Белгија сведочи: Пред да се заразам мислев дека ковид-19 е само обичен грип

Те земаат во болница, ти викаат поздрави се со сопругата, ќе се слушнеш можеби за некој час, ова се првите спомени на Борче Двојаковски, Македонец кој за сега живее во Белгија, и пред два месеца се зарази со ковид-19, за неговата триесетдневна голгота низ бриселските болници.

– Нереално е во моментот, не сфаќаш што ти се случува – вели Борче низ слатко-горчлива смеа, седнат со сопругата Наташа на неговата тераса, на убав сончев пролетен ден, со шолја кафе и домашен колач. Конечно дома и конечно спокоен по две хоспитализации, од кои пет дена на интензивна нега во буквална борба за воздух.

Сѐ започнува кон крајот на март. Борче и неговите две ќерки, Марија и Теодора, едно утре се будат со прилично ниска температура. Додека Марија и Теодора веќе утредента се чувствуваат многу подобро, кај Борче ситуацијата се влошува од ден во ден.

– Прво имав 37,5, па 38, и постепено се качуваше, после неколку дена се искачи до 40. Првиот пат кога ме преслуша матичниот лекар не беше загрижен, но вториот пат рече дека слуша нешто невообичаено на белите дробови, и одлучи да ми напише упатство за болница со барање за тест поради сомнеж од ковид-19 – раскажува Борче.

Протоколот во Белгија – каде пред два месеца болниците беа преоптоварени и опасно се приближуваа до француското и италијанското сценарио – е таков што само најтешките случаи со највидливи симптоми се примаа во болница. Останатите се снаоѓаа како знаат и умеат дома, без посети на лекари, бидејќи имаше недостаток на заштитни маски дури и за медицинската фела

– Чекав седум дена пред да ме пратат во болница, и убеден сум дека ако ме пратеа веднаш во болница, ќе поминев многу подобро – вели педесетгодишниот поранешен контролор на летање.

Кога стигнува во универзитетската болница и референтен центар за ковид-19, Сент Лук, медицинскиот персонал го презема, му го остава само мобилниот телефон и ја замолува сопругата да замине, Борче ќе и се јави, ако може, за некој час да ја извести.

– Болницата беше спремна, сите протоколи запазени, влегуваш во еднонасочен ходник, хигиената е на највисоко ниво, се фрла сѐ што се употребило со пациентот, некои лекари дури носеа два пара ракавици, па не можат да ти ја најдат вената, буквално никаков допир немаат со тебе, сѐ се дезинфицира, ти ги прават сите испитувања, рендген, ЕКГ, и ти велат јави се дома да кажеш дека те задржуваме во болница.

Иако не чувствувал болка освен високата температура, која се контролира со парацетамол, и повремена кашлица, испитувањата ќе откријат дека Борче има прениско ниво на кислород. Прикачен на апарати за мерење на виталните параметри, лекарите набргу увиделе дека состојбата со кислородот кај Борче не се подобрува.

-Ти фали кислород, и докторите сметаат дека ако продолжи вака, твојата состојба може само да се влоши и дури отпосле сфаќаш дека можеш да умреш.

Борче е педесетгодишен маж, во добра здравствена состојба, непушач, без никаква друга болест или отежнувачка околност.

– Не земаат било кого на интензивна нега, те гледаат дека си млад и дека уште имаш надеж за живот – вели Борче.

Пренесен на интензивна нега три дена, Борче не е приклучен на класичен респиратор, туку на друг вид апарат за респираторна асистенција која се користи сѐ почесто за да се избегне механичката вентилација. Овие апарати вбризгуваат кислород во организмот на пациентот преку носот и устата што овозможува дишните канали да останат отворени и да се спречи колапс на белите дробови.

И покрај сите напори на интензивната нега и вентилацијата, состојбата не му се подобрува, сведоштвото на Борче кажува многу и за беспомошноста на медицинската професија пред овој нов вирус.

– Чувствував јаки болки во мускулите, ослабев десет кила за тие осумнаесет дена, кислородот малку го намалија, ама не можев сѐ уште да дишам нормално без кислород, продолжија со антибиотиците, и цело време „што да правиме, што да правиме?“, велат докторите – раскажува тој.

Конечно лекарите, растргнати помеѓу различни стручни мислења, боца кислород дома или стероиди сепак ќе се одлучат за втората во случајот на Борче, иако оваа опција ретко се бира бидејќи стероидите иако ја подобруваат респираторната состојба, тие можат да бидат штетни за имунитетот на долг рок.

Борче раскажува дека по три дена силна доза се чувствувал многу подобро, по што ќе биде пуштен од болница со оглед на доволно стабилната состојба. За жал, неговата голгота не завршува тука.

Неколку дена е на домашна нега, брзо се задишува, не може ниту да пешачи на долги стази, напорно е и качувањето по скали… Болницата му обезбедува сеанси на физикална терапија преку интернет за да го врати постепено изгубениот белодробен капацитет.

– Кога вежбавме со физикалните терапевти, ги прашав да не сме се префорсирале, мускулатурата да не сум ја повредил, бидејќи имав остра болка во десниот предел, кај ребрата од десна страна, како некој да те прободува, тешко земање на воздух, проверувам, температурата ми беше малку покачена, на 37.5, се препотуваш, следното утро пак исто и и се јавив на докторката на пулмологија да прашам да не е од вежбите, но таа ми рече дека штом има и мала температура, и ме прати назад на ургентно.

По обилни испитувања, дијагнозата е пневмоторакс.

– Тоа го сметаат како последицата на ковидот, лечен, недолечен – вели Борче.

Tој е сега негативен на коронавирусот, штетата направена врз неговиот респираторен систем е таква што повторно се појавува инфекција бидејќи белите дробови по оваа болест остануваат многу кревки.

Овој пат престојот во болница е покус, на редовниот оддел за kовид -19, повторно со големи дози на кислород за да се „дочистат“ белите дробови на Борче. После неколку дена резултатите се охрабрувачки, белите дробови функционираат овој пат доволно добро, а секундарната инфекција е излечена.

Болницата му обезбедила и психолошка помош, покрај физикалната.

Неговото искуство им помогнало и на неговите колеги од работа, кои го потценувале овој вирус, да се освестат колку е опасен и поодговорно да се однесуваат.

– Воопшто не е несериозна работа овој вирус, гледам како го споредуваат со сезонски грип и не се сложувам, нема никаква споредба, вирусот постои и е специфичен, брзо се шири и има штетни последици – вели Наташа, која е биохемичар по струка.

Семејството Двојаковски пред некое време одлучиле на своја рака да се тестираат и за антитела, резултатите се добри, сите четворица имаат развиен имунитет против вирусот… барем засега.

– Посакувам никој да не го фати вирусот, постои не постои, кога не ти се случува тебе викаш „обичен грип е“, ни мене не ми беше гајле пред да се разболам, си викав е добро де, што, ама откако ќе влезеш во болница и кога ќе сфатиш што сѐ можело да ти се случи, буквално да те нема веќе… искуството е грозно – одговара Борче на прашањето како гледа на коментарите на луѓето кои не веруваат дека постои коронавирусот.

Бидејќи науката сѐ уште талка, и не се знае со точност колку време антителата го штитат организмот. Најтешкото сепак е сега зад нив. Следната желба, посебно на децата, е да можат да отпатуваат во нашата земја за да си ги видат семејството и пријателите, штом ќе можат да се отворат аеродромите и границите.

Во меѓувреме, Борче продолжува да соработува со универзитетската клиника во која се лечеше и учествува во голема студија која треба да им помогне на научниците да го разберат вирусот ковид -19. Оваа студија треба да помогне да се спречи или барем подобро да се менаџира евентуален нов бран на епидемијата во Белгија.

The post Македонец од Белгија сведочи: Пред да се заразам мислев дека ковид-19 е само обичен грип appeared first on Слободен печат.


Македонец од Белгија сведочи: Пред да се заразам мислев дека ковид-19 е само обичен грип was first posted on мај 31, 2020 at 1:25 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....