2.8 C
Скопје
14:25 - 20 декември, 2024

Крвна плазма донирале осуммина скопјани – резултатите се ветувачки и позитивни!

Крвната плазма е една од надежите на пациентите со коронавирус, затоа што содржи антитела што организмот ги создал за време на борбата против болеста. Конвалесцентната плазма е ,,злато” во услови на пандемија и може да спаси човечки животи. Слободен печат денеска беше на Институтот за трансфузиона медицина во Скопје, каде напорно се работи за да се овозможи што поголем број на пациенти заразени со Ковид 19, а за кои има индикација, да имаат пристап до плазма. Но, ништо од ова не е возможно без дарителите, луѓето што ја прележале болеста, во крвта имаат антитела и сакаат да донираат крв.

Такви хумани граѓани, досега имало осуммина и сите се од Скопје. Од нив, двајца дарувале крв класично како редовни дарители. Веќе плазмата е аплицирана и на пациентите на кои што им е најмногу потребна. Во меѓувреме, се пријавиле и оздравени пациенти од Штип и од Прилеп, за да се испитаат дали можат да даруваат.

-Плазмата е дадена на околу десет пациенти и имаме повратен одговор дека пациентите се добри. Но, нам ни треба време за да се соберат поголем број донори на крвна плазма, повеќе да се аплицира, да се обработат податоците и тогаш да излеземе со официјални податоци каков бил ефектот на конвалесцентната плазма. Меѓутоа, засега резултатите се ветувачки и позитивни, вели доктор Елена Петковиќ, раководител на контрола на квалитет на Институтот.

Како што дознавме, конвалесцентната плазма како една од надежите на пациентите со Ковид 19, е актуелна особено за оние со средно-тешка индикација на болеста. Плазмата се одделува со високософистицирана машина, клеточен сепаратор која откако ќе ја оддели плазмата, ги враќа другите крвни елементи кај дарителот.

-Зависно од неговата висина и тежина, во машината се калкулира колкава максимална количина на плазма ќе биде безбедно тој да ја донира. Се прави пресметка, дали може да се извади една или две ќеси од дарител зависно од телесните параметри. Од еден донор, максимално вадиме две ќеси, за да може да одат кај двајца пациенти што лежат на Инфективната клиника, додава Петковиќ.

Конвалесцентната плазма се користела како терапија против други вирусни инфекции, но бидејќи коронавирусот е нов, потребни се уште клинички испитувања за нејзините ефекти.

-Начинот на кој плазмата му помага на пациентот е со тоа што таа содржи антитела. Антителата се врзуваат за вирусот и го неутрализираат. Има уште плус 20-тина други протеини во плазмата кои се добри за пациентите. Прво почнавме да ги регрутираме донаторите со список даден од Инфективна клиника за пациенти кои биле лекувани и хоспитализирани на Инфективната клиника. Од тој список мал дел беа подобни за првично тестирање бидејќи ние бараме параметри како и за другите дарители. Треба да бидат да исполнуваат основни услови за да бидат дарители. Значи да бидат во општо добро здравје, со одредена телесна тежина од над 60 килограми, значи да се во општа добра состојба, да немаат други хронични заболувања кои би биле причина за одбивање и на нормална плазма. Некои од оние што се пријавија беа со други хронични заболувања, па по тој основ ги одбивме, дел од нив не прифатија воопшто да се тестираат. Тргнавме со таков список. Потоа информацијата се прошири преку матичните лекари и најголемиот дел ги регрутираме преку пријавите што сами ги пополнуваат на нашиот интернет линк. Има формулар преку кој се пријавуваат, посочува Петковиќ.

Таа додава дека самите пријавени, понекогаш посочуваат и некој нивен близок што го прележал коронавирусот и го мотивираат и тој да дарува. Меѓутоа, некогаш некои од донаторите, иако имаат антитела, сепак тие не се во доволна концентрација за да може да даруваат плазма.

-Некои имаа добри антитела но не исполнуваа други критериуми, на пример слабокрвни се. А во таква ситуација ниту може да се биде дарител, бидејќи ние најнапред гледаме за доброто на дарителот. Тоа ни е основното правило од кое не отстапуваме дури ни во овие случаи. Имаше пациенти со ковид 19 со одредена крвна група во тешка состојба, за кои инфектолозите побараа конвалесцентна плазма, а ние немавме од таа крвна група и немавме во моментот потенцијални дарители. Тоа беа тешки моменти, рече нашата соговорничка.

Доколку некој сака да донира крвна плазма за да им помогне на болните од коронавирус, треба да има документиран лабораториски доказ дека бил болен од Ковид 19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да се минимум 21 ден без симптоми, а се прават и некои дополнителни испитувања. Постапката трае од 40 до 60 минути и се издвојува од 300 до 600 мл плазма, а останатите компонетни се враќат на донорот. Плазмата која е дарувана е течниот дел на крвта кој брзо се надокнадува. Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години со телесна тежина поголема од 60 килограми кој ги исполнува горе наведените критериуми.

The post Крвна плазма донирале осуммина скопјани – резултатите се ветувачки и позитивни! appeared first on Слободен печат.


Крвна плазма донирале осуммина скопјани – резултатите се ветувачки и позитивни! was first posted on мај 22, 2020 at 4:23 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....