5.8 C
Скопје
12:01 - 22 декември, 2024

Кордалов: За безбедноста на интернет потребно е родителите први да го започнат разговорот со децата, пред некој друг да го стори тоа

Последните случувања во виртуелниот простор, скандалот кој изби со апликацијата Телеграм преку која масовно се споделувале порнографски фотографии од девојки, жени и малолетнички од Македонија, отворија повеќе прашања за родителите и наставниците. Дали и колку се посветува внимание на воспитувањето на децата и младинците, и кој ќе ја преземе одговорноста од растењето на младина со многу низок морал?

На оваа тема „Слободен печат“ разговараше со Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и социјални медиуми.

Како родителите да ги заштитат децата од споделување на фотографии на социјалните мрежи?

Кордалов: Разговорот и поминувањето повеќе време со децата се клучни и во сегментот за нивна заштита во интернет просторот. Веднаш штом детето ќе започне да користи компјутер, мобилен телефон или друг уред за да се поврзе на интернет, родителите веќе претходно треба да ги имаат информирано децата за тоа како треба да се однесуваат и како да комуницираат онлајн. Во овој дел сакам да напоменам дека родителите и децата треба заеднички да дефинираат правила за онлајн однесување со кои заеднички ќе го договорат времето кое детето ќе го помине онлајн, но и кои содржини се адекватни за таа возраст, односно кои интернет страници се препорачливи.

Разговорите треба да се вршат на дневна основа на иницијатива на двете страни сè со цел во отворена атмосфера да се разговара како детето се однесува на интернет, кои страници ги посетува, кои се интересите, со кого и како комуницира, дали се чувствува безбедно итн.

За безбедноста на интернет потребно е родителите први да го започнат разговорот, особено пред некој друг да го стори тоа и пред некој отстрана кој можеби нема најдобра намера да постави искривени критериуми и стандарди кај детето на оваа тема.

Особено е важно да се создаде позитивна средина за разговор со децата и тие да стекнат доверба во вас и во вашите намери. Затоа секогаш треба внимателно да ги следиме и слушаме кога тие отворено разговараат со нас за тоа што правеле на интернет, со кого разменувале информации, дали наишле на содржини кои ги вознемируваат и да го уважуваме нивното размислување. Потребно е да се има предвид дека детската психологија не е толку едноставна и дека на некои деца им треба повеќе време да започнат отворен разговор. Никогаш немојте да реагирате бурно доколку разберете од вашето дете дека прекршило некое од договорените правила за онлајн присуство или дека несоодветно се однесувало. Наместо тоа со позитивни примери и факти покажете му што таквото однесување можело да предизвика и како е потребно да се постави следниот пат.

Потребно е да укажеме на тоа дека на интернет може да наидат на лица и содржини кои може да ги вознемират и да ги охрабриме да ги препознаат и пријавуваат истите.

Би сакал да пренесам еден пример кој ми го даде неодамна еден близок пријател. Кога неговата ќерка наполнила околу 12 години или возраст во која веќе самата почнува целосно да се осамостојува во интернет сообраќајот, тој решил да и покаже што денешната технологија може да направи од фотографиите. Имено, во неколку секунди, користејќи едноставни програми за едитирање на фотографии, тој и покажал какви монтажи може да се направат и со какви методи некои луѓе можат да се служат со цел подоцна да ги објавуваат онлајн. Мислам дека е ова одличен пример со кој на вашето дете ќе му ги покажете опасностите кои може да се појават од несоодветното и прекумемрно објавување и испраќање на фотографии, но во исто време да го натерате само да размислува и да донесе став или суд за овие потенцијални опасности. Свесни граѓани кои размислуваат критички и креативно се градат од мали нозе!

Дали е потребна едукација на оваа тема во училиштата и дали Вие спроведувате вакви активности?

Кордалов: И повеќе од потребна и тоа во целокупната формална настава, како и во рамки на воспитната компонента на образованието. Образованието е една од клучните алки која придонесува за заштита на децата и учениците во онлајн просторот, но и за градење на генерална компјутерска и дигитална писменост.

Дигиталната писменост овозможува стекнување на вештини како правилно да ги користиме дигиталните алатки и уреди (вклучително и компјутери, телефони, апликации итн.) во наша полза, односно како да ги ставиме во функција на постигнување на подобри резултати во учењето, работата, истражувањето, но и квалитетно поминување на слободното време итн.

Јас сум често дел од вакви активности, но она што недостасува е ваквите активности да бидат дел од формалните образовни курикулуми и наставата со што ќе придонесеме за национална стратегија во образовната сфера, како и унифицираност во делот на дигитално описменување на учениците и нивна заштита на интернет.

Од која возраст родителите треба да ги едуцираат децата за однесувањето на социјалните мрежи?

Кордалов: Несвесно, родителите ги едуцираат своите деца за односот кон интернетот и социјалните медиуми уште од најрана возраст. Да не заборавиме дека децата многу повеќе учат преку личните примери кои им ги покажуваме со нашето однесување, а многу помалку преку она што им го зборуваме. Односно, учењето по моделот на возрасните ќе се преслика на нивната перцепција и поведение на социјалните медиуми. Пример, ако ние постојано типкаме на телефонот и се допишуваме на чат апликациите, треба да очекуваме нашите деца таквиот модел да го прифатат и да го применат во сопствениот однос кон дигиталните платформи.

Раната предучилишна возраст е клучна да работиме со децата со цел на практичен начин да им ги покажеме позитивните страни на технологијата и корисноста која ја имаат од неа, но истовремено и да ги поставиме правилата на игра како што е колку часови на ден и кога се поминува на интернет, особено преку примери да покажеме дека денот е комплетен кога содржи различни типови на активности. Тука спаѓа наше едуцирање со корисни детски апликации и игри, но и користење на различни софтвери за детска заштита, помеѓу кои спаѓаат и оние кои самите социјални мрежи постојано ги усовршуваат и нудат бесплатно на пазарот.

Би сакал да дадам и еден пример. Навиките на децата ќе бидат различни од нашите навики, особено поради сè поголемото присуство на дигитализацијата во нивните животи и секојдневно функционирање. Но, основните потреби ќе останат исти, само начинот на кој ќе се реализираат ќе биде променет. На пример, дали детето кога ќе порасне ќе чита книги во хартиена форма, на таблет или на друг електронски медиум е личен избор и желба, но сепак наша должност како возрасни е на детето од најрана возраст да му ја всадиме љубовта кон пишаниот збор и желбата да чита. Ако не го сториме тоа, тоа нема воопшто и никаде да чита книги од било кој жанр.

Истовремено, многу важно е детето во текот на својот раст и развој да го научиме на потребата од почитување на сопствената, како и онлајн репутацијата на неговите/нејзините врсници. Ова, во комбинација со развојот на емпатични индивидуи и градење на вистински инклузивно општество од најрана возраст е единствениот начин за да изградиме општество во кое сите, а особено децата ќе бидат заштитени и безбедни во онлајн просторот.

Во кој случај социјалните мрежи претставуваат опасност?

Кордалов: Секогаш кога ние погрешно ги користиме или злоупотребуваме или, пак, тоа го прави некој друг. Социјалните медиуми, како и секој уред (телевизор, фрижидер, мобилна апликација…) имаат свој прирачник за користење, правила на игра и услови за користење.

Ако сакаме да се заштитиме себеси и нашите деца, потребно е добро овие три да ги проучиме, а потоа секојдневно да работиме со најмладите со цел да им го пренесеме тоа знаење на за нив разбирлив начин и јазик на изразување. Ова е 24/7 работна активност. Но, ако детето од најмала возраст го научиме на правилата на игра во интернет светот, ќе бидеме многу поспокојни во иднина бидејќи кога ќе порасне ќе знае да ги препознае и разликува опасностите од предностите на дигиталните платформи и социјалните медиуми.

The post Кордалов: За безбедноста на интернет потребно е родителите први да го започнат разговорот со децата, пред некој друг да го стори тоа appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....