Иако без посетители, дел од кафулињата денеска пуштија гласна музика. Ова го направија организирано, како што велат, за да бидат видливи пред граѓаните и институциите.
За попладневните часови, се најави седница на која се очекува да се донесе одлука за отворање на угостителските објекти в четврток.
Пред продолжениот викенд министерот за здравство Венко Филипче најави дека кафаните и кафулињата ќе се отворат најрано во вторник. Откако до угостителите не стигна никакво официјално известување, дел од нив ги повикаа останатите угостители низ целата држава, од 12 до 18 часот, во текот на денешниот ден да пуштаат гласна музика.
„По продолжениот карантински викенд, ги повикуваме сите сопственици на угостителски објекти од утре во сите локали да се извади понекој звучник и да се пушти музика. Целта е да покажеме дека сме тука и полека да привлечеме внимание и да ги разбудиме луѓето и одговорните. Исто така, ќе извршиме дополнителен притисок дека сме подготвени за поскоро отворање. Ве повикуваме сите заедно утре точно од 12 до 18 часот да пуштаме музика, секој по свој избор и да покажеме единство“, се вели во писмото на дел од сопствениците на угостителските објекти.
Многумина не се огласија на овој повик, но дел од газдите дојдоа во објектите и пуштија гласна музика.
Оние со кои разговаравме, велат дека досега никој ништо официјално не им кажал за тоа каков би бил протоколот во однос на работењето во услови на корона-криза.
– Ова ги надмина сите наши очекувања во однос на терминот за отворање на угостителските објекти. Веќе подолго време има само најави, но она што нѐ загрижува е што никој официјално не нѐ информираше за тоа како би се работело. Ние имаме свои претставници што комуницираат со претставниците на Владата, но детали немаме. Она на што сега се надеваме, а за што има и некакви преговори, е да ни се отстапи поголем простор за тераси, од просторот за кој имаме дозвола. Тоа многу би значело, затоа што со просторните ограничувања за гостите, ние реално можеме многу малку гости да примиме – вели еден угостител.
The post Конечно од некои кафулиња се слушна музика appeared first on Слободен печат.
Конечно од некои кафулиња се слушна музика was first posted on мај 26, 2020 at 4:22 pm.