Партиите ја „ораат“ државата со земјоделски ветувања. И тоа, не на трактор или со мотика на рамо. Да ти е милина да ги слушаш. Ја претставуваат земјава како да е од сликите на житните полиња на Ван Гог, или полните амбари и дворови со живина и добиток, како кај делата на хрватските сликари „наивци“. Секој да засадеше понекоја овошка или да изораше барем една бразда, сега ќе цутевме.
Ама земјоделците се уморни од силните ветувања, а нивите сѐ повеќе обраснуваат во троскот. Џабе се трудат партиските мегафони да ги убедат младите да останат и да ја работат земјата, привлечноста на валканите и избраздени дланки, веќе одамна не е во мода.
Нови избори – нови ветувања
Големи зборови, големи планови – тоа е најкусиот впечаток од партиските програми за агробизниост на овие избори. СДСМ ќе ја поттикнува на потрошувачката на свежо овошје и зеленчук од домашно производство, а ќе ги поттикнува дури и домашните училишта и болници да обезбедат домашен зеленчук и овошје?! Ќе стимулира производство на нови земјоделски култури (лаванда, рузмарин, аспарагус и други култури). Се нуди и мерка за подмладување во земјоделскиот сектор преку мотивација на младите земјоделци до 40 години, ќе се субвенционира платата (по 3.000 денари) на нововработен работник во земјоделско стопанство помлад од 25 години. Ќе се мотивираат повратниците од странство да инвестираат во македонското земјоделство, а ќе се поддржуваат жените земјоделки како темел на семејните фарми. Продажбата на државното земјоделско земјиште ќе биде под строго дефинирани услови, со кои сите оние што ќе го откупат земјиштето ќе бидат обврзани истото да го обработуваат, ветуваат од СДСМ. Земјоделските површини до три хектари ќе ги управуваат општините, а ќе се поедностави процедурата за легализација на сточарските фарми. Годишната финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој ќе тежи 200 милиони евра.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, ќе се залага за враќање на достоинството и конечно вреднување на маката и трудот на земјоделците?! Најавуваат дека ќе ги зголемат субвенциите за земјоделците на 640 милиони евра во четиригодишниот мандат, или по 160 милиони евра годишно. За опозицијата, младиот земјоделец е иднината на македонското земјоделство, затоа ќе обезбедат средства за нивно советување. Ветуваат загарантиран откуп и пласман на производот за да не се фрлаат производите по реките и патиштата како што тоа се правело досега. Во делот на сточарството, се обврзуваат да ја зголемат поддршката на основната мерка за 50 проценти, односно од сегашните 1.000 денари по грло ќе се исплаќа по 1.500 денари по грло. Ќе обезбедат и 80 милиони евра за изградба на нови водоводни системи.
Кандидатот на ДУИ за прв премиер Албанец, Насер Зибери, на средбите со земјоделците, ветува дека идната влада ќе биде силен столб на поддршка за сите земјоделци и фармери во земјата. Тој откри дека планираат годишна поддршка за овој сектор од 200 милиони евра, за модернизација на земјоделската машинерија, за инвестиции во руралната инфраструктура, за капитални инвестиции во системот за наводнување. Северна Македонија цели да биде членка на Европската Унија, велат од ДУИ, и додаваат дека земјоделството ќе биде една од основните теми за време на преговорите. За ДУИ, приоритет ќе биде стимулирањето на младите земјоделци до 35 години, со неповратни грантови од 20.000 евра.
Трошиме пари за преработен зеленчук и овошје
Според експертите, земјоделската политика, а пред сѐ буџетската поддршка, поминаа низ неколку развојни фази во минатото. Во периодот по 2007 година, почна реформата за приспособување кон мерките на заедничката земјоделска политика на ЕУ. Тие години ќе бидат запаметени по драстичното зголемување на буџетските средства во однос на претходниот период. Тогаш запреа негативните тенденции во сточарството, а живнаа градинарството, лозарството и овоштарството. Постепено почна да расте извозот на македонски производи, и тоа не само како преработки, туку и во свежа форма. Долг беше патот што го изодеа домашните земјоделци, додека не сфатија дека на Запад со „шублер“ се мери секој домат или краставица, дека праските и кајсиите треба да бидат завиткани како бебиња и ставени во посебни прегради. Дека компирите не смеат да имаат дамки, а црвените пиперки да сјаат како намачкани со масло.
За жал, и агробизнисот ѝ подлегна на либерализацијата. Бројките се немилосрдни. Увозот на храна расте. Изминатите десеттина години во земјава се увезува храна во вредност од половина милијарда евра. Плус-минус, толку се движеа и субвенциите. Лани, на пример, за храна од увоз се одлеале 628 милиони евра, а, за увоз на пијалаци и тутун дополнителни 82 милиони евра. Анализите на Државниот завод за статистика покажуваат дека увозот на храна значително се зголемил последниве години, во споредба со 2008 година, кога за таа намена биле потрошени 424 милиони евра. Извозот на храна лани достигна 319 милиони евра, но увозот расте многу побрзо од извозот, а дефицитот во трговијата со храна секоја година се зголемува. Фрапантно, повеќе од 50 отсто од извозот отпаѓа на свежото овошје и на зеленчукот, а најголеми увозни ставки се месото, житото, овошјето, зеленчукот и млечните производи!? Меѓу редови – извезуваме свеж зеленчук и овошје, а потоа трошиме милиони за да увеземе замрзнат или конзервиран!?
Дел од експертите сметаат дека една од причините за растот на увозот на храна е слабото домашно производство, но и поголемата додадена вредност на производите што ги увезуваме. Но сите се согласни дека тоа е комплексна тема, а проблемот се продлабочува и поради либерализацијата на пазарот. Македонија како членка на Светска трговска организација има потпишано договор за слободна трговија без царински давачки и други бариери.
Избувнувањето на пандемијата предизвика пустош вo многу земји во светот. Оваа криза, би требало конечно да го стави аграрот на вистинското место, бидејќи како што стојат работите, храната, а особено квалитетната, ќе биде дополнителен аргумент за поддршка и подобрување на земјоделските политики и нивното спроведување во практика. А, тоа ќе значи поголем стимул за поголема продуктивност и можност за пласман не само од Табановце до Гевгелија.
The post Колку за субвенции, толку за увоз на храна appeared first on Слободен печат.
Колку за субвенции, толку за увоз на храна was first posted on јули 8, 2020 at 9:04 am.