3.8 C
Скопје
02:20 - 21 декември, 2024

Кој е „копукот“ во албанскиот политички блок?

Лидерот на Демократската Партија на Албанците, Мендух Тачи, запрашан за случувањата во албанската опозиција и потенцијалната трипартиска коалиција не почасти со уште еден „бисер“, велејќи дека „нема ништо од таа коалиција, тие се „копуци“ кои сакаат да станат пратеници, главната битка ќе се води меѓу ДУИ и ДПА“. Секако мислејќи на лидерите на Алијанса, БЕСА и Алтернатива, Села, Касами и Гаши. Од друга страна пак, лидерот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети во неколку наврати ја повика албанската опозиција да се обедини за претстојните предвремени парламентарни избори со цел како вели тој „да не се изгубат албанските гласови“ и албанските политички претставници да добијат повеќе пратенички мандати преку укрупнување на гласачкото тело. Одличен политички маркетинг од страна на „стариот лисец“ каде преку ваквите изјави повторно се себепромовира во главен „бранител“ на албанските интереси. Зошто велам е ова одличен маркетиншки трик? Затоа што свесен беше Ахмети дека шансите за обединување на опозицијата се многу мали имајќи во предвид како настанаа тие политички партии, кој од кого се одвои, кој со кого „не се мириса“ и таканатаму, како и суетата на албанските опозициони лидери, каде секој од нив сака да биде главен во таа потенцијална коалиција, секој од нив сака да биде носителот на промената на албанската политичка сцена, што би рекле Италијанците „туто Албанези туто команданти“.

Заедничко за сите албански опозициони политички партии е, односно беше, желбата ДУИ конечно по 17 години на власт да премине во опозиција. Борбата против ДУИ беше оската на поврзување свесни дека никоја партија самостојно не може да ги добие изборите. Повикот и на интелектуалците кои не се под закрила на ДУИ беше истиот, само обединета опозиција може да победи на избори. И додека сите мислевме дека предизборна коалиција меѓу Алијанса и БЕСА е веќе готова работа имајќи ја во предвид нивната досегашна соработка, а прашањето беше дали уште некоја од партиите ќе се приклучи, се случи нешто неочекувано. Имено, лидерот на Алијанса, Зијадин Села упати писмен ултиматум до БЕСА и Алтернатива со нивни предлози за поделба на потенцијални мандати и им даде рок од 48 часа да се изјаснат. Зошто велам ултиматум, а не предлог и на кого беше упатен? Ултиматум е затоа што не е испратен по договарања и преговарања помеѓу партиите и даден е временски рок од некакви 48 часа, а упатен е кон БЕСА. Според предлогот на Алијанса која со овој потег ја превзема улогата на клучен фактор во албанската опозиција, БЕСА реално би требало да добие 1-2 пратеници затоа што во скоро сите изборни единици таа е предложена за последна, а никаде за прва, дури Алтернатива е во подобра позиција од нив. Гледано од страна изгледа многу едноставно, даден е предлог што Алтернатива не може да го одбие, а БЕСА не може да го прифати, класичен обид да се дефакторизира БЕСА. БЕСА, која досега највеќе вложи во напорите за обединување на опозицијата според предлогот требаше да добие најмалку и со прифаќање на истиот како таков ќе се дефакторизираше самата себе. Зашто велам БЕСА вложи највеќе? Тие на изборите во 2016 освоија 5 пратенички мандати, Алијанса 3, Алтернатива се формираше по изборите каде се отцепи од БЕСА им одзема 3 пратенички мандати и стана дел од власта во која се наоѓа ДУИ, тој истиот против кого се борат нели. Алијанса исто така, макар за кратко беше дел од власта, додека БЕСА си остана во опозиција. Додека БЕСА од почетокот повикуваше на обединување на опзицијата, вклучувајќи ја и ДПА, партијата од која пак настана Алијанса, за нив (Алијанса) тоа беше неприфатливо, а во исто време правеа притисок БЕСА да се сложи за коалиција која ќе ја вклучи и Алтернатива. Движењето БЕСА се надминаа себе си и на крајот се согласија и Алтернатива да биде дел од коалицијата, а и покрај тоа се направи обид за нивна дефакторизација.

Според сето ова може да се претпостави дека партијата Алијанса направиле некакви внатрешни пресметки сигурно во координација со Алтернатива според кои може да го победат ДУИ и без гласовите на БЕСА. За мене сосема погрешни и пред се ризични. Сега Села го превзема ризикот од обединувачки фактор и носител на промените да премине во главен фактор за опстојување на ДУИ на власт. Албанскиот електорат, сега може многу лесно да се демотивира и да одлучи да не гласа па дури и да го даде гласот на ДУИ. Причината е едноставна, доколку опозицијата не можеше да се договори ни за тоа да настапат заеднички и во името на албанскиот народ на кој постојано се повикуваат да ја донесат промената, како ќе се договорат понатаму за главните работи кои се од интерес на граѓаните. Додека го пишував текстот Зијадин Села на јавноста и соопшти дека Алтернатива го прифатила предлогот и дека заеднички ќе настапат на изборите, без БЕСА колку што разбрав, затоа што БЕСА не дала одговор до истекот на тие 48 часа, и според Села „враќање назад нема“.Како да и се верува сега на албанската опозиција дека сето ова што се случи и случуваше, сите калкулирања и тактизирања не се само гола борба за власт и поделба на функции туку е за доброто на граѓаните. За кого сега да се определи албанскиот опозиционен гласач кој најголемата надеж ја гледаше во обединетата опозиција која сега дефинитивно нема да ја видиме. Сума сумарум работите стојат вака, ДПА самостојно, Алијанса и Алтернатива заедно, БЕСА или самостојно или во коалиција со ДУИ или со една од македонските партии, тоа најверојатно ќе го дознаеме утре за кога е закажана средба на партискиот врв.

Мислам дека можеме да им ја честитаме победата на ДУИ, стариот лисец Ахмети може слободно да си нарача чифтелии да му свират на увце, да запали цигарче и да почне да ја слави победата уште сега.

На нас пак ни преостанува после изборите да видиме кој на крај ќе излезе „копукот“ кај албанскиот опозиционен политички блок.

The post Кој е „копукот“ во албанскиот политички блок? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....