-1.2 C
Скопје
05:37 - 19 декември, 2024

Кога крадецот ќе крикне – „држ’те го крадецот“!

Изборите се на прагот. Коронавирусот ги измени предизборниот амбиент и воведе здравствени протоколи во изборниот процес, но не успеа да го смени пристапот на партиите. Нели народниот мудрец кажал – волкот влакното го менува, но не и карактерот… Сѐ е исто како порано – нереални проекти, лесно ветени брзини, извртени тези, релативизации, популизам, национализам, потпирање на синдромот на кусо паметење и клиентелизам, лажни вести, црна кампања…

Во ова посебно се истакнува опозициската ВМРО-ДПМНЕ која игра на картата на минатото, но само на минатото што ѝ одговара. Најважно ѝ е подалечното минато – антиката, комитството и особено Гоце Делчев, и минатите три години, кога на власт е СДСМ, но го губи памтењето за периодот од 2006 до 2017 година, кога беше неприкосновена и се ѝ беше рамно, притоа создавајќи авторитарна власт под целосна контрола на поранешниот лидер, а сега почесен претседател, со статус на бегалец од правдата и политички азилант во Будимпешта.

И во опозиција како власт!

Многу е интересно однесувањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ во позиција на опозиција. Наместо да се извини на граѓаните за сето лошо што им го направи и ним и на државата, да се реформира, кадровски да се обнови, идеолошки да се профилира и организациски од партија со воена организација да се трансформира и граѓански да се релаксира, таа си продолжи по старо како ништо да не било. По многу нешта претставува единствена – уникатна партија, но не во позитивна смисла, затоа наликува на некој вид антиполитичка партија, политичка секта која дејствува исклучиво макијавелистички – (партиската) целта ги оправдува средствата, а таа е: власт, моќ, криминал, лично и партиско богатење, општествени статусни привилегии, неказнивост и блокирање на владеењето на правото. Беше единствена партија што зароби држава (потврдено во документ на ЕУ), а во тој период направи такви закони кои ѝ овозможија нејзините инсталации од партиски војници во институциите, администрацијата и најмногу во судството и полицијата, да ги опструираат и саботираат политиките и проектите на новата власт, или да водат свои автономни политики, командувани од Белата барокна шампита (за што виновна си е и власта). Тоа е единствена партија во светски размери, која шест месеци по изборите не сакаше да ја предаде власта на оние што имаа парламентарно мнозинство да формираат влада, а како последен обид да остане на власт и покрај поразот, беше обидот за крвав државен удар на 27 април – власта на заминување прави пуч за да остане на власт! Поради храброста и внимателноста на лидерите и партиите од новото парламентарно мнозинство и вмешувањето на некои од странските амбасади, беше спречен не само државен удар, туку можеби и интранационални и меѓунационални конфликти. Единствена партија чие државно/партиско раководство изнесе од државата и присвои, според констатацијата на релевантни меѓународни институции, повеќе од 5 милијарди евра во финансиските оф-шор дестинации. ВМРО-ДПМНЕ беше единствена партија во која „Големиот брат“ и неговиот „Голем братучед“ прислушуваа 25.000 граѓани на оваа земја, дипломати, новинари, бизнисмени и сите функционери во нивната партија пониски од нив. Затоа стана и единствена партија, чии околу 300 од највисоките до функционери од пониските ешалони се или осудени или им се покренати судски и обвинителски процеси и истраги. Единствена партија која од македонската историја го украде како свое целото историско револуционерно движење, самопрогласувајќи се за негов наследник, а ги украде и во своето име ги стави и четирите букви ВМРО – за мамење на наивните!

Со една таква карактерност – на апсурдна уникатност, што за една партија, во основа, значи антиполитичност, ВМРО-ДПМНЕ ја градеше и практикуваше и својата изборна стратегија – која по традиција почнува веднаш по завршување на некој изборен процес (веќе петнаесетина години), во случајов пред три и кусур години, откако е во опозиција, а кулминацијата ја достигнува сега во изборната кампања (црна кампања, лажни вести, медиумска логистика со странски пари и домашни и странски медиуми, афери…). ВМРО-ДПМНЕ во својата битка против Власта на СДСМ и Заев не се потруди да измисли своја автентична програмска платформа. Таа буквално ископира сѐ што користеше опозицијата на чело со СДСМ, Шарената револуција и НВО при уривањето на авторитарниот режим на Груевски. Повнимателните проследувачи на политичките настани и аналитичари, во тие копирања на политики, соопштенија и изјави, често забележуваа дека ништо не е интервенирано, па се мешаа времиња, партии, околности, податоци…

Додека СДСМ и „шарените“ го уриваа режимот со автентични „бомби“ од прислушуваните разговори од УБК, со постојано укажување на организиран криминал од врвот, пред сѐ, од Груевски и врхушката околу него, сега ДПМНЕ се потпира само на црна пропаганда, платена и затоа поддржана од повеќето национални телевизии, дневни весници и неделници, и мал милион портали и друг вид социјални медиуми. На овој начин се сака да се создаде перцепција за катастрофични состојби во државата, неспособна власт, огромен криминал и национално предавство со името, во што и делумно се успева. А всушност, беше испукана само една погласна петарда од типот на „Рекет“ (а, во суштина, станува збор за „Поткуп“), како и некои поминорни петарди од телефонски снимани разговори во кои се оцрнува Заев, кој стана опсесија и своевиден психолошки проблем на Мицкоски. Да биде апсурдот поголем, сето тоа се случува кога власта го реши проблемот со името со Грција и добрососедството со Бугарија на најоптималниот можен начин, ја внесе земјата во НАТО, доби преговарачка рамка ЕУ, а деновиве канцеларката Меркел најави почеток на преговорите со Македонија кон крајот на годината.

Избор меѓу минатото и иднината

Сево ова се прави со цел – да се дојде до тезата „сите се исти“ и таа да се продаде на јавноста. Пред сé, на неопределените, како и на разочараните „шарени“, суетните бранковисти, хронично преплашените интелектуалци, дел од Албанците… Но притоа, целта не им е да придобијат гласачи за себе, бидејќи добро им е познато дека овие категории граѓани во никој случај не би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, туку да ја доведат ситуацијата до степен кога на луѓето да им се одмили од партии и од гласање, па да апстинираат и да не го дадат гласот на противничкиот табор.

Вакви нешта може да се случуваат само кај нас. Како е можно ВМРО-ДПМНЕ – партијата што ја зароби, изолира, ограби и урниса државата со класичен и политички организиран криминал – толку многу да ги потценува граѓаните и нивното паметење, за сега да ветува борба против криминалот и обнова! Ова многу наликува на познатата ситуација кога крадецот кој го гонат, одеднаш крикнува „држ’те го крадецот“! Или оној што намерно и од злоба некому му ја урнал куќата (државата), сега да бара гласови за да ја обнови!

Граѓаните на Македонија на изборите се пред судбинската одлука: за минатото или за иднината. Со ваквата димензија на изборите во своите обраќања до македонските граѓани деновиве, се согласуваат и многу европски државници и политички лидери и аналитичари. Минатото значи враќање на режимот, а секако и на азилантот од Будимпешта, на истиот стил на раководење/страховлада, на меѓународна изолација, на полициска држава од типот ВМРО-МВРО, на „сваровски судство“, на ирационални приоритети од типот „Скопје 2014“ и барање антички корени, национал-популизам, клиентелизам, криминал и полнење на сопствените сметки во оф-шор дестинациите. Тоа е надградено и со месијанство, односно лидерот, со сиот ум на спотови се претставува како пастир, исцелител, даскал, ѕидар, исполнувач на желби…

СДСМ како власт направи грешки и не исполни дел од ветувањата. Меѓутоа, за кусо време ги реши клучните прашања на државата и повеќе егзистенцијални проблеми на граѓаните и општеството. Но, гледајќи според досегашнaта генерална политика, целосно е посветена кон иднината на Северна Македонија, која како држава ќе гради европски стандарди, отворено општество и соработка со соседите и партнерите од НАТО и ЕУ, единствени можности и рамноправност за сите граѓани и заедници, владеење на правото, стандард и достоинствен живот.

The post Кога крадецот ќе крикне – „држ’те го крадецот“! appeared first on Слободен печат.


Кога крадецот ќе крикне – „држ’те го крадецот“! was first posted on јули 12, 2020 at 10:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....