-3.2 C
Скопје
23:27 - 24 ноември, 2024

Ќе се бараат експерти и под дрво и под камен

На Македонија ќе и требаат три до четири илјади експерти за водење на пристапните преговори со Европската унија. Според проценките на Секретаријатот за европски прашања токму кадровскиот потенцијал ќе биде најголемиот предизвик во процесот од преговорите за членство со Брисел. Шефот на СЕП, Никола Димитров најави дека поради овој проблем политиката на задржување на компетентниот кадар и привлекувањето нов, ќе биде поставено за прашање од највисок државен интерес, повикувајќи ја администрацијата „Европа да ја донесе дома“.

Универзитетскиот професор Борче Давитковски сепак е скептик во однос на подготвеноста на административните кадри да се справат со тежината на процесот, посочувајќи дека нема да оди лесно привлекувањето на квалитетен кадар.

-Немаме такви капацитети што би ги воделе преговорите. Тука најмногу Универзитетот ќе помогне исто како што помогнавме и со одговорите во прашалниците од 2005-тата година. Ова е многу сериозна работа, а воопшто и не произведуваме таков кадар, односно немаме лица со вистински капацитети и лица што можат да преговараат со бриселските бирократи, вели професорот Давитковски.

Од друга страна, доза на оптимизам споделува д-р Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика, која пак очекува бројката од три до четири илјади експерти во процесот да биде надмината.

-Најпрвин – сѐ е достижно, зависи од политичката волја и соодветноста на мерките што ќе се преземат. Второ, кога зборуваме за експерти кои треба да бидат ангажирани во преговорите, треба да имаме предвид дека не се работи само за оние кои директно ќе работат на подготовка на материјали или дијалог во текот на преговорите. Се работи, во првиот круг, за оној дел од администрацијата која работи на усогласување на политиките, односно правото на ЕУ и нивна координација. Во вториот круг – секаде кадешто некоја институција има надлежност за материја покриена со правото или политиките на ЕУ – таа е ангажирана во процесот на преговори. Таа бројка тогаш сигуно ќе ги надмине споменатите 3000-4000, истакнува Јорданова.

Професорот Давитковски тврди дека генерално во институциите вработувањето се одвива по партиски клуч, а во министерствата така и се напредува, посочувајќи дека се назначуваат раководители на сектори и одделенија кои немаат соодветни познавања, па дури и познавање на англиски јазик, а во текот на професионалниот ангажман биле пратени на службени задачи во Брисел, а нивната работна посета не вродила никаков плод.

-Од такви луѓе не можете да очекувате да ги отворат поглавјата. Пред испратени експерти од Европската унија, тука во Скопје, го бранев Законот на управни работи, а заедно со колегата Камбовски и Законот за прекршоци. Експертите од Брисел беа дванаесет на број, а ние само двајца. Од Министерството за правда не се сетија да пратат ниту записничар, нагласува Давитковски.

Политизацијата на кадрите во администрацијата е суштински проблем и според Јорданова, која предлага да се мотивираат постојните квалитетни службеници, додавајќи дека тоа не мора да значи дополнителни материјални стимулации, туку поставување на соодветни места, услови за работа, простор за изразување на своите способности и знаења.

-Клучно е да се задржат постојните компетентни кадри и тие да се мотивираат. Во администрацијата има луѓе кои имаат огромно знаење и искуство во процесот на интеграција на ЕУ – тие треба да се стават целосно во погон. Досега најголем проблем беше што таквите професионалци се демотивираа, најмногу поради континуираната политизација на администрацијата и неценењето на нивниот придонес, а многумина и си заминаа од администрацијата. И оние што се надвор од администрацијата можат да се стават во функција на процесот на многу начини – проекти, систем на консултации, итн., додава Јорданова.

Инаку, во владината програма за четиригодишниот мандат беше истакнато дека вниманието ќе се насочи кон вработување на квалитетни кадри и нивно задржување во државната служба, развој на нивната кариера и обука, наградување и плати, мотивација, но од друга страна ќе се работи на промени во структурата, квалитетот и големината на администрацијата, разгледувајќи неколку модели за намалување на обемот на администрацијата за 20%.

 

The post Ќе се бараат експерти и под дрво и под камен appeared first on Слободен печат.


Ќе се бараат експерти и под дрво и под камен was first posted on октомври 20, 2020 at 1:47 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....