Идејата, податоците за загадениот воздух да им бидат достапни на граѓаните, беше идеја на младиот софтвер инженер Горјан Јовановски кој пред шест години ја стартуваше апликацијата „Мој Воздух“.
Притоа, Јовановски користеше јавно достапни податоци од мерните станици и сателитите. Денес повеќе од половина милион корисници од целата планета во живо можат да го следат загадувањето на воздухот на три континенти.
Апликацијата „Мој Воздух“ направи вистинска мала еко-револуција. Откако го следат во живо загадувањето, македонските граѓани како да почнаа повеќе да се грижат за тоа што дишат. Како се орди идејата за оваа апликација?
– Во 2014 година, додека уште учев како да правам „андроид“ апликации за телефон и барајќи каква апликација да направам, налетав на сајтот на Министерството за животна средина, каде се објавуваа податоци за загадувањето на воздухот. Бројките беа енормни, помислив дека или јас нешто грешам со превземањето или ние навистина имаме проблем со загадувањето. Сфатив дека тие податоци, така како што беа дадени на тој портал, се видливи за мал број на граѓани. Сајтот и апликацијата „Мој Воздух“ настанаа од идејата тие податоци за загадувањето да бидат пошироко видливи.
Летово Горјан и „Мој Воздух“ беа тема и во американските медиуми. Како „Мој Воздух“ стана проект кој ги надмина границите на Македонија?
– Лани се проширивме најпрвин на Балканот, а потоа и во Европа и во Австралија, за летово да ги опфатиме и САД и тоа токму во времето на големите пожари во Калифорнија. Европа и Соединетите Држави ги немаат истите проблеми со загадувањето како Балканот и Македонија, но и кај нив има загадување од состојби какви што се, на пример, огромните пожари. Идејата дека треба да се прошириме и на американскиот пазар дојде откако тамошни жители реагираа зошто податоците од нивната земја не можат да ги најдат на листата на „Мој Воздух“. Во екот на калифорниските пожари за кусо време имавме нови 300 илјади корисници.
Дали се систематизираат податоците за загадувањето кои ги превземате и каков воздух дишеме тука во однос на Балканот и пошироко?
– Податоците за загадувањето ги чуваме, за Македонија имаме податоци за последниве пет години и секоја година ги објавуваме како отворени онлајн податоци за слободно превземање и анализирање. Од базичните анализи може да се заклучи дека загадувањето не се намалува, иако имаше изјави на владини функционери дека загадувањето во 2019 било помало од претходните години. Утврдивме дека податоците биле земани парцијално и не биле земани предвид неколку други клучни фактори какви што се метеоролошките услови (ветер, врнежи и тн.) и дека кога сето тоа ќе се земе предвид, констатното загадување, за жал, останува како факт. Интересен факт е дека податоците покажаа и дека кога поради ковид-19 пролетва почнаа полициските часови, загадувањето во земјава остана високо во споредба со трендовите во другите земји. Но, загадувањето на Скопје и на другите поголеми градови продолжи бидејќи индустриските загадувачи работеа непречено, а продолжи и загревањето на домаќинствата.
Колку се податоците што ги објавува „Мој Воздух“ прецизни со оглед дека дел од мерните инструменти на државната мрежа константно не се во функција?
-Нормално е дека ќе има разлика помеѓу сензорите кои чинат пар стотини евра и оние на државните мерни станици кои чинат неколку стотици илјади евра.Тука е и прашањето колку приватните мерачи некогаш се соодветно поставени, колку се одржуваат и слично. Јас ќе бев најсреќен да имаше квалитетна мрежа на државни мерни станици, но тие се сега малубројни, па уште и често се расипуваат. Но, ситуацијата е таква каква што е, а волонтерските мерачи сепак се индикативни, доволно добро ги покажуваат главните трендови на загадување и треба да бидат земени предвид. Проблемот со волонтерските сензори ќе се обидеме да го решиме зимава заедно со лабораторијата на штипскиот универзитет така што ќе ги споредиме мерењата на државните и на волонтерските мерачи, да ја утврдиме стапката на грешка и да изнајдеме технички решенија тие грешки да се намалат.
Имаше обид за организирање на граѓански отпор против загадувањето чијшто дел бевте и Вие. „Зелен фронт“ поттикна многу луѓе, имаше конкретни еколошки барања до Владата. Што се случи со тоа?
– Зелен фронт почна добро, но можеби проблемот беше што станавме премногу организации кои слабо меѓусебно се координираа. Потоа дојде и кризата со епидемијата, што на институциите им наметна други приоритети, но им овозможи да ги игнорираат барањата за почист воздух, иако постојат истражувања за поврзаноста меѓу сериозноста на болеста и загадениот воздух. Она што не беше научено како лекција е дека ако не поработиме на квалитетот на животната средина ваквите здравствени кризи се почесто ќе ни бидат секојдневие.
„Мој Воздух“ на градскиот татко Шилегов му мереше колку од 39-те ветувања за квалитет на животната средина исполнил во текот на својот мандат. „Политичкиот бројач“, така се викаше, беше иновативна иницијатива заедно со „О2 Иницијативата“, но, бројачот застана. Зошто?
– Да, за жал имаме потешкотии во комуникацијата со луѓето околу скопскиот градоначалник. Тие од некоја причина имаат различни гледања на тоа кои од ветувањата можат да се сметаат за исполнети. Не ми е јасно како не разбраа дека оваа апликација беше добра алатка со која тие можат да ја подобрат својата работа во интерес на граѓаните.
The post Јовановски: Ако не го решиме проблемот со загадувањето, ќе ни се повторуваат состојби како ковид-кризата appeared first on Слободен печат.
Јовановски: Ако не го решиме проблемот со загадувањето, ќе ни се повторуваат состојби како ковид-кризата was first posted on ноември 2, 2020 at 12:41 pm.