Стационарот за бездомни животни треба да се отвори по изборите, значи многу скоро. Ова е најновата најава на градоначалникот Петре Шилегов, кој досега отворањето го најавуваше повеќепати, но тоа досега не се случи.
– Додека некои потпишуваат договори и се фалат со тоа, работата веќе завршена да ти била. Стационар за бездомни животни „Лајка“! Набрзо. Отворање по избори! Скопје нема да застане! – напиша Шилегов на својот фејсбук-профил.
И од Град Скопје информираа дека реконструкцијата и доградбата на новиот Стационар за бездомни животни „Лајка“ е во завршна фаза.
– Со овој зафат се прави целосна реконструкција на двата објекта, со демонтажа на веќе постојните метални боксови и елементи, реконструкција на покривот, поставување изолација и фасада што воопшто ја немало досега. Со реконструкцијата и проширувањето на стационарот во Вардариште, покрај подобрувањето на условите, удвоен е и капацитетот за вдомување улични кучиња – информираа од Градот.
Оттаму велат дека во новиот објект има ветеринарна амбуланта, како и административен дел за да може кадарот во достоинствени услови да одговори на своите работни задачи. Околината околу објектот се расчистува и, како што велат, тука е предвиден парк за кучиња, терени за ресоцијализација на трауматизирани кучиња како и нов пристапен пат.
И пред еден месец градоначалникот на Скопје тврдеше дека работите се при крај и дека за една недела ќе профункционира стационарот.
– На крај сме таму, се заврши со целосно опремување, деновиве треба да имаме надворешно уредување на целиот тој локалитет и негово уредување. Очекувам следната недела конечно тој капацитет да го ставиме на располагање на граѓаните на Скопје – рече тогаш Шилегов на прес-конференција и нагласи дека имајќи ја предвид програмата што ја имаат, очекува дека за неполна година стратешки ќе се реши проблемот со бездомните кучиња во градот.
Подолг период не е во функција програмата за заловување и за стерилизирање бездомни кучиња, а по формирањето на јавното претпријатие „Лајка“, започна реновирањето на стационарот, кое сѐ уште трае. Во меѓувреме, бројот на кучињата по улиците видливо се зголеми, тие слободно се размножуваат, со што проблемот станува уште поголем. Здруженијата за заштита на животните постојано алармираа за ситуацијата и предупредија дека нема да може да се стави под контрола, а од надлежните во изминатиот период немаше никаква видлива активност.
Граѓаните се надеваат дека со отворањето на стационарот и откако ЈП „Лајка“ сериозно ќе се ангажира со активностите поради кои е формирана, сепак ќе се ублажи проблемот со уличните кучиња.
The post Изборите поминаа, се очекува отворањето на стационарот „Лајка“ appeared first on Слободен печат.
Изборите поминаа, се очекува отворањето на стационарот „Лајка“ was first posted on јули 16, 2020 at 8:00 am.