-1.2 C
Скопје
09:02 - 23 декември, 2024

Избори ќе има, митинзи ќе нема

Засега нема да бидат одложени предвремените парламентарни избори поради состојбата со коронавирусот, а политичките партии ќе водат поинаква предизборна кампања, во која ќе нема митинзи затоа што Владата вчера ги забрани сите видови јавни и приватни собирања, без разлика на бројот на присутните.

Ова е епилогот од вчерашната консултативна средба што премиерот Оливер Спасовски ја организираше во Владата, на која учествуваа лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Беса, Алијансата за Албанците и Алтернатива.

Вчерашната консултативна средба беше прва од овој вид, но не и последна. Партиите уште ќе се среќаваат во претстојниот период, затоа што ситуацијата со бројот на заболени од вирусот ковид-19 може да се менува од ден на ден и да се носат нови одлуки.

По средбата премиерот Спасовски истакна дека разгледувале опции за можен иден развој на настаните.

– Не разговаравме за одложување на изборите, нема потреба за таква одлука во овој момент. Се договоривме за секоја нова состојба што ќе настане, да седнеме и да разговараме. Сега е важно да ја усогласиме предизборната кампања со мерките на Владата, да знаеме дека ситните политички поени и партиските интереси не придонесуваат за здравјето на граѓаните, туку почитувањето на препораките. Се договоривме дека кризниот штаб преку мејлови на дневна основа ќе ги информира партиите за сите нови информации за да нема простор за пласирање непроверени информации во јавноста – рече Спасовски.

Тој го изрази задоволството што сите политички фактори се обединети околу ставот дека здравјето на граѓаните е над сè и дека нема нешто поважно од тоа.

– Неопходно е сите да покажат одговорност и на дело да дојде до израз максималната лична одговорност за сопственото и за јавното здравје. Сите институции постапуваат и дејствуваат согласно со развојот на ситуацијата. Важно е да се почитуваат одлуките и заклучоците на Владата. СЗО прогласи пандемија и тоа е уште една причина за поголема одговорност – рече премиерот.

Тој потенцира дека буџетот е ликвиден и дека засега нема потреба да биде свикан распуштениот парламент за евентуална интервенција.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев по средбата изјави дека е несериозно уште сега да се зборува за одложување на изборите.

– Не се зборуваше за одложување на изборите. Несериозно е уште отсега, немајќи ги сте влезни информации, да зборуваме за одлагање. Мерките ќе важат и во првите два дена од кампањата, а дотогаш може да има и нови информации и соодветно да се реагира. Сега е најважно да ги слушаме експертите, професионалците и институциите и да нема политички делби. Начинот на водење кампања, ќе биде целосно усогласен и прилагоден на мерките што ги добиваме од институциите што покажаа умешност во држење на вирусот под контрола. СДСМ се обидува да најде други алтернативни начини за компензација на јавните собири и кампањата ќе се води преку медиумите, социјалните мрежи, со лајф-стриминзи – рече Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека партиите доставиле свои предлози за превенција и заштита од ширење на вирусот.

– Средбата повеќе беше од информативен карактер отколку за да се дебатира на политички теми. Покрај справувањето со вирусот, за нас е значајно како ќе се справиме и со економските последници што ќе настанат. Паралелно со справувањето со вирусот е потребен и сет мерки во реалниот сектор. Предизборната кампања ќе се води на поинакви начини, преку социјални медиуми, од врата на врата и слично – рече Мицкоски.

Слични изјави дадоа и лидерите на албанските партии.

Додека трае неизвесноста околу начинот на кој ќе се одржат избoрите, течат и роковите и подготовките за изборниот процес на 12 април. Синоќа истече рокот за доставување на кандидатските листи на пратеници, по што почнаа да течат роковите за нивна проверка и за евентуална корекција. Откако листите ќе се потврдат, учесниците на изборите треба да отворат трансакциска сметка со единствен даночен број за финансирање на кампањата.

The post Избори ќе има, митинзи ќе нема appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....